Menu

Општи Информации

Општи Карактеристики

Општина Дебрца географски му припаѓа на Охридско-Преспанскиот базен и се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија. Највисоката точка на општината е на 2.242 м надморска висина, а најниската е на 697 м надморска висина. Зафаќа површина од 424 км2, со вкупно 30 населени места и население од 5507 жители. Седиштето на општината е во с.Белчишта.

Историја

Историски гледано уште  пред  Народноослободителната  борба,  за време на Кралството Југославија,на  територијата  позната  како  Дебрца,  покрај  другите  општини  фигурира  и  општината  Белчишта .

После  ослободувањето  на  земјата,  на  територијата  на  Дебрца  дејствуваат  Белчишки, Слатински и Сливовски  местен  народен  одбор,  од  кои  во  септември  1955  година  се  формира  општината  Белчишта,  која  функционира  до  јануари  1965  година  кога  е  припоена  во  рамките  на  општина  Охрид .

Како посебна територијална и административна целина Општината Белчишта е обновена со Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачјата на единиците на локалната самоуправа (“Сл. весник на РМ бр. 49/96),со вкупно 24 населени места во својот состав.

Поранешната општина Мешеишта,исто така е обновена со Законот за територијалната поделба од 1996 година, со 6 населени места во својот состав (Мешеишта,Оровник,Горенци,Требеништа, Волино и Климештани). Општина Мешеишта постоела и  за време на Кралството Југославија, со шесте населени места во својот состав и Подмоље, Сирула и Ливоишта.

После ослободувањето на земјата на ова подрачје дејствуваат Мешеишкиот и Требенишкиот местен народен одбор. Во 1952 година се формира општина Мешеишта со селата Мешеишта, Климештани, Корошишта и Џепин. Од 1955 година до 1965 година населените места од а Општина Мешеишта влегуваат во составот на Општината Струга, а од 1965 година во составот на Општината Охрид, каде административно-територијално припаѓаат до 1996 година.

Со новата организација на територијалната поделба во 2004 година, кон општина Белчишта е соединета општина Мешеишта и е основана нова општина Дебрца,со триесет населени места во својот состав и со седиште во Белчишта.

Областа Дебрца е позната и под името Славна Дебрца поради своето славно минато исполнето со хероизам и борба за слобода на Македонија. Уште во периодот на турското ропство во Дебрца крстосувале многу ајдутски и комитски чети. Во времето на ајдутството, пред организираниот вооружен и револуционерен отпор на македонскиот народ, во почетокот и средината на XIX век во оваа област живеел и дејствувал Кузман Капидан, македонски народен јунак и војвода, опеан во народните песни, но и песните на Григор Прличев. Во времето на организираниот револуционерен отпор кон крајот на XIX и почетокот на ХХ век, во Дебрца многу често престојувал и охридскиот војвода Христо Узунов. Токму Дебрца, била најсилното жариште во Охридско, во времето на Илинденското востание во 1903 година. Многупати селата во Дебрца биле недостапни за турските арачлии поради што многу од селата повеќепати претрпувале палења и горења до темел (пр. Сливово и Мраморец).

Дебрца особено е прославена од периодот на Втората светска војна по неколку настани. На Славеј Планинана 18 август 1943 е формиран првиот македонски партизански баталјон „Мирче Ацев“, а истата година неколку недели Дебрца ќе биде првата и единствена слободна територија во Македонија за време на НОБ. Првата македонско-косовска народноослободителна бригада е формирана во селото Сливово на 11 ноември 1943година. Во с. Издеглавје бил одржан Првиот свештенички собир, на кој било иницирано формирањето на МПЦ. Во близина на селата Сошани и Велмеј работела и партизанската болница за време на Втората светска војна.