Menu

Зоран Ногачески денеска од Општинската изборна комисија Дебрца го доби уверението со кое се верификува неговиот избор за градоначалник на Општина Дебрца. Новиот градоначалник Ногачески  од СДСМ и коалицијата доаѓа на местото од досегашниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Игор Трајкоски.

Со пригоден говор градоначалникот Ногачески изрази задоволство што изборите минале во мирна и демократска атмосфера и им посака успешна работа на новоизбраните членови на Советот на Општина Дебрца.

„Дебрца успеа, граѓаните на Дебрца покажаа дека слободата и демократија се најважна вредност во нашето општество. Ви честитам на сите што се одваживте и гласавте за промени во нашата општина! Ви благодарам на сите кои го дадовте гласот за мене и за нашата советничка листа и со Вашиот глас ни дадовте можност да ја водиме општина Дебрца. Ни дадовте голема чест, но уште поголеми обврски и одговорности. Почит и кон оние кои не гласаа за мене, потполно го респектирам и нивното мислење. Ветив и ветувам дека ќе бидам Градоначалник за сите. Вратите на општината ќе бидат отворени за сите. Најавив ново време на одговорна, транспарентна услужна , правична, отворена општина-за сите граѓани и тоа ќе биде така. Ќе градиме една општина за сите. Нема повеќе да има делби по нација, вера и партија, ќе ставиме крај на секоја пизма меѓу граѓаните. Со силна верба, со неуморна работа и посветеност, верувам дека заеднички ќе напредуваме и заедно со сите граѓани, ќе ја реализираме нашата визија за Дебрца. Не чека многу работа, ќе ги засукаме ракавите и верувајте ќе успееме.  Ќе се избориме за подобра и надежна Дебрца, во која искрено верувам.“– рече новиот градоначалник Зоран Ногачески пред присутните.

Општинската изборна комисија Дебрца и на новоизбраните членови на Советот на општината свечено им ги врачи уверенијата за избор. Новиот Совет на Општина Дебрца е составен од 11 членови, 6 членови од СДСМ и коалицијата (Игор Крцоски, Даниел Китаноски, Даница Ѓуреска, Петре Голабоски, Николче Таноски и Катерина Левеска), 4 членови од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата (Моника Мацеска, Катерина Пискулоска, Наум Скепароски и Љупчо Ќосески), како и 1 независен советник (Даниел Огненоски).