Menu

Денес во селото Слатино, за првпат во организација на општина Дебрца се одбележа 17 години од денот на загинувањето на нашиот сограѓанин, припадникот на специјалната единица на АРМ, “Волци”, водникот Игор Костески, на 28 април 2001 година кај Вејце, Тетовско.

На денешниот чин покрај граѓаните на Слатино, советниците во советот на општина Дебрца, Здружението на борците, Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста присуствуваа Миливој Костески, татко на Игор, претставници на Специјалната единица на АРМ, Волци и поранешниот Претседател на Република Македонија, Г-дин Бранко Црвенковски.
Свое обраќање имаше и градоначалникот Зоран Ногачески:

Почитувани присутни,
Денес сме тука собрани пред овој паметник во село Слатино да го одбележиме херојското дело и 17 години од денот на загинувањето на нашиот сограѓанин, припадникот на специјалната единица на АРМ, “Волци”, водникот Игор Костески, на 28 април 2001 година кај Вејце, Тетовско.
28 април 2001 година е најцрниот ден во поновата македонска историја. Ден кога кај Вејце од страна на припадници на терористичката ОНА, на подмолен начин, во заседа беа убиени, а потоа масакрирани, а некои и живи запалени, 8 бранители, и тоа 4 припадници на Специјалната единица на АРМ, “Волци”, меѓу кои и водникот Игор Костески и четири припадници на посебната единица на СВР Битола.
Судбината сакаше Дебрца, која уште од времето на Свети Климентовата Кутмичевица, преку Илинденското востание, НОБ дала многу жртви и херои за денешната слобода, да даде уште една жртва и во воениот конфликт од 2001 година.
Во воениот конфликт 2001 година 80 млади македонски херои, припадници на безбедносните сили на Република Македонија ги положија своите животи на браникот на Татковината, бранејќи го територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.
Војната во 2001 година заврши со Охридскиот рамковен договор , политички договор чии решенија беа вградени во Уставот на РМ, со што во Рамковна Македонија ништо повеќе не е како во Асномска Македонија.
17 години подоцна, Македонија сеуште го трасира патот кон ЕУ и Нато интеграциите и и на тој пат никогаш не смееме да ја заборавиме жртвата на сите овие македонски херои од 2001 година.
Ликот и делото на водникот Игор Костески се вгради во плејадата на 58 борци, херои што низ историјата ги дало Слатино, меѓу кои се и прадедото на Игор, кој загинал како комита и дедото, кој загинал како партизан.
До ден денес многу прашања и околу воениот конфликт во 2001 и посебно во врска со настаните кај Вејце останаа неразјаснати, но сепак Вејце не смее да се повтори, ниту да се заборави.
Од оваа година на мој предлог советот на општината одлучи на овој ден и на ова место да го одбележуваме херојското дело на Игор Костески, а планираме да отвориме и спомен соба, која ќе го носи неговото име.
Нека им е вечна слава. И на Игор и на неговите другари, соборци. Хероите никогаш не умираат.