Menu

Граѓанска иницијатива

Граѓаните имаат право да покренат иницијатива и да му предложат на Советот на Општината да донесе одреден акт или да реши одредени прашања од својата надлежност.

Советот е должен во рок од 90 дена да расправа по иницијативата на граѓаните доколку е поддржана од најмалку 10 % избирачи.

Поддршката од став 2 на овој член се обезбедува со потписи на граѓаните.

За решенијата по поднесената иницијатива Советот ги информира граѓаните.

Собир на граѓани

Собир на граѓани свикува градоначалникот по своја иницијатива. Собирот на граѓани може да се свика за подрачјето на Општината или за дел од Општината за кој се однесува определено прашање.

Градоначалникот е должен да свика собир на граѓани на барање од најмалку 10% од избирачите во Општината или од нејзиниот дел за кој се однесува определеното прашање. Барањето за свикување собир на граѓани, со потписи на заинтересираните граѓани се поднесува до градоначалникот, кој е должен во рок од 30 дена да свика собир на граѓани.

Актот за свикување на собирот на граѓани се објавува во ликалните средства за информирање и се истакнува на јавните места на вообичаен начин. Од денот на објавување односно истакнување на актот за свикување на собирот на граѓани до денот на неговото одржување мора да изминат најмалку 5 дена.
На собирот на граѓани во одлучувањето учествуваат граѓаните кои имаат избирачко право.

Собирот на граѓани го води градоначалникот или лице што ќе го овласти градоначалникот. За прашањата за кои се расправа на собирот на граѓаните известува градоначалникот а по потреба и други овластени претставници на органите на Општината.
Собирот на граѓани може да усвои општи насоки за работа на органите и телата на Општината за сите јавни работи од локално значење.

Општите насоки Собирот на граѓани ги усвојува со мнозинство гласови од присутнте. Општите насоки усвоени на Собирот на граѓаните органите и телата на Општината се должни во рок од 90 дена да ги разгледаат и за своите решенија да ги информираат граѓаните преку средствата за јавно информирање и службеното гласило на Општината.

Референдум

Референдум може да распишува Советот на Општината по своја иницијатива за прашања од негова надлежност.
Советот е должен да распише референдум на барање од најмалку 20% од избирачите.
Барањето за референдум се доставува до Советот на Општината со потписи на заинтересираните избирачи дадени пред надлежниот орган кој води евиденција за избирачкото право на граѓаните од Општината, на начин и постапка утврдени со закон.
По барањето за распишување на референдумот Советот на Општината во рок од 60 дена од поднесувањето на барањето донесува одлука за распишување на референдум.
Одлуката за распишување на референдум содржи предмет на референдумот и денот на неговото одржување.
Одлуката за распишување на референдумот се објавува во службеното гласило и другите средства за јавно информирање во Општината.
Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум до денот на одржувањето на референдумот не може да поминат помалку од 15 дена ниту повеќе од 60 дена.
Право на гласање на референдумот имаат граѓаните кои имаат избирачко право.
Референдумот го спроведува Комисијата за спроведување на референдумот.
Претседателот и членовите на Комисијата ги иманува Советот на Општината.
Комисијата за спроведување на референдумот:
– Го определува времето на гласање,
– Врши технички подготовки за спроведување на референдумот
– Ги утврдува резултатите од гласањето, и
– Се грижи за законито спроведување на референдумот.

За спроведување на гласањето на референдумот, Комисијата на гласачките места формира одбори за спроведување на референдумот.
Одборите ја обезбедуваат правилноста и тајноста на гласањето.
Времето на гласањето мора да се определи така што да им се овозможи учество на референдумот на сите граѓани што имаат право на глас.
На гласачкото место на кое гласале сите граѓани запишани во избирачкиот список, гласањето може да заврши и пред истекот на времето определено за гласање.
Прашањето, односно актот што е предмет на референдумот мора да биде изложено на гласачкото место, на соодветен начин.

Членовите не Одборот се должни на граѓанинот што пристапил кон гласање, по негово барање да му дадат објаснување за предметот на референдумот и за начинот на гласањето.
На референдумот секој граѓанин има право само на еден глас.
Граѓанинот може да гласа само лично.
На референдумот се гласа со гласачки ливчиња.
Содржината на гласачкото ливче ја пропишува Комисијата за спроведување на референдумот.
Прашањето на гласачкото ливче мора да биде формулирано прецизно и недвосмислено така што граѓанинот на референдумот да може да одговори со “за” или “против” предлогот.
Граѓанинот на референдумот се изјаснува така што на гласачкото место го заокружува зборот “за” или “против”.
Кога на референдумот се поставени повеќе алтернативи, граѓанинот се изјаснува така што го заокружил зборот “за” или “против” од алтермативата за која гласал.
По завршувањето на гласањето Одборот го утврдува резултатот од гласањето за гласачкото место и за тоа составува записник.
Формата и содржината на записникот ги пропишува Комисијата за спроведување на референдумот.
Веднаш по составувањето на записникот, Одборот доставува извештај до Комисијата за спроведување на референдумот.
Комисијата за спроведување на референдумот, врз основа на примениот гласачки материјал од сите гласачки места го утврдува резултатот од референдумот.
Одлуката на референдумот се донесува со мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број на избирачи.
Одлуката донесена на референдумот е задолжителна и се објавува во службеното гласило на Општината.
Комисијата за спроведување на референдумот поднесува извештај за спроведениот референдум до Советот на Општината.
Прашањето односно актот што граѓаните не го прифатиле на референдумот не може повторно да се изнесува на референдум пред истекот на 6 месеци од денот на одржување на референдумот.