1. Skip to Menu
  2. Skip to Content
  3. Skip to Footer

Вести

СО ИПА СРЕДСТВА ЌЕ СЕ ГРАДИ ЕКО МУЗЕЈ ВО БЕЛЧИШТА

Во рамките на прекуграничната соработка Македонија – Грција, Општина Дебрца како носител на проектот од македонска страна, заедно со партнерите на проектот од македонска страна Јавно претпријатие за управување и заштита на повеќе наменско подрачје ”JAСЕНи Шумарски Факултет – Скопје, и партнерите од Грција, Општина Терми и Институтот за одгледување на растенија и генетски ресурси, обезбеди средства од ЕУ ИПА програмата за прекуграична соработка за реализација на проектот Подобрување на заштитата на приоритетните растенија во граничната област под акронимот “Conse-pp”.

Пред почетокот на реализација на овој проект, Градоначалникот Игор Трајкоски одржа координативен состанок со претставници партнерите од македонска страна, односно претставници од Јавно претпријатие за управување и заштита на повеќе наменско подрачје ”JAСЕНи Шумарски Факултет – Скопје.

Во рамките на овој проект од страна на Општина Дебрца е земено Белчишкото блато, како единствено и најголемо водно станиште во Република Мекедонија, со што се предвидува сеопфатна анализа на флората и фауната, која е опфатена во самото блато, како и изработка на мобилна апликација за туристи за убавините на блатото, воедно опфатени се и обуки за десет туристички водичи за белчишкото блато, кои воедно го поттикнуваат локалниот економски развој и претставуваат можност за дополнителни вработувања на територијата на Општина Дебрца, исто така предвидено е да се изврши реконструкција на стариот училиштен интернат во селото Белчишта, со пренамена на објектот, во ЕКО Музеј Белчиштако блато Сини Вирој, кое целосно ќе биде опремено и ќе бидат изложени убавините на блатото, кои ќе станат подостапни за туристите од регионот.

Во рамките на овој проект обезбедени се вкупно 1.253.259,68 евра, односно за Општина Дебрца обезбедени се 240.621,00 евра, за Јавно претпријатие за управување и заштита на повеќе наменско подрачје ”JAСЕН обезбедени се 138.476,00 евра, за Шумарски Факултет – Скопје обезбедени се 104.843,00 евра, а за партнерите од Грција, обезбедени се, за Општина Терми 298.466,50 евра и за Институтот за одгледување на растенија и генетски ресурси обезбедени се 470.853,18 евра.

Во следните месеци претстои потпишување на договорите за финансирање и почеток на имплементација на одобрениот проект за финансирање кој ќе придонесе со своите активности за подобрување на туристичкиот потенцијал на регионот, подршката на развојот на туризмот и подобрување на конкурентноста на прекуграничниот регион.

 

СВЕЧЕНО ПУШТЕНО ВО УПОТРЕБА ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ ВО ЛЕШАНИ

Со сечење лента Градоначалникот Игор Трајкоски, свечено го пушти во употреба реконструираното основно училиште во Лешани, каде се работи за темелна санација на стариот  Културен дом во Лешани, кој со свеченото пуштање во употреба, ќе прерасне во подрачно Основно училиште во рамките на ОУ “ДЕБРЦА” – с.Белчишта, реконструираниот објект ќе значи комплетно нови услови како за учениците, така и за наставниот кадар. Имено со пуштењето во употреба на училишната зграда, ќе се овозможи настава за ученици од прво до деветто одделение, кои наставата ќе ја следат во поприријатни услови.

Училишната зграда се простира на површина од околу 400 квадратни метри со 6 училници, кои ги задоволуваат сите стандарди и нормативи за реализирање на воспитно-образовниот процес. Објектот располага и со простории за административно-технички персонал и други помошни простории, како и посебно одвоен простор кој ќе биде на располагање за локалното население, со што ќе добијат простор каде што ќе можат меѓусебно да се дружат, да организираат разни манифестации, средби и состаноци. Просторот ќе можат да го користат месната заедница, разни здруженија, младите, спортските друштва, односно сите што ќе имаат потреба за тоа.

- Инвестициите во образованието, се инвестиции во иднината. Со секоја тула ставена во ѕидот на училиштето, всушност ја градиме нашата иднина, иднина за подобро утре, иднина која ни ветува развој и благосостојба. Секој вграден прозорец е прозорец кон иднината, кон нашите стремежи за откривање на нови работи и вештини, рече Градоначалникот Трајкоски, напоменувајќи дека и во иднина ќе продолжи кон реализација на проектите во областа на образованието.

Инаку од пожарот што во ноември 2011 година го зафати Културниот дом во Лешани, целосно беше изгорена кровната и меѓукатна дрвена конструкција, целосно беше уништена надворешната и внатрешната столарија, а од објектот беа останати само надворешните и делумно внатрешните ѕидови. Санацијата и реконструкцијата опфаќаше изработка на нова армирано-бетонската конструкција, изработена е нова кровна конструкција покриена со ќерамиди, санација на фасадата, поставување на нова фасадна пвц столарија, нова внатрешна столарија, нови санитарни јазли, комплетно нова водоводна-канализациона инсталација, електрична инсталација и инсталација за парно греење, со што објектот ќе добие комплетно нов изглед, и ќе се штеди енергија со намалување на трошоците за греење.

Проектот преставува дел од низата проекти кои ги спроведува Градоначалникот во делот на образованието за подобрување на воспитно образовните установи  и создавање услови за непречено одржување на наставата на учениците и вработените. Во десегашниот мандат, извршена е комплетна реконструкција на три основни училишта, и тоа основните училишта во Требеништа, Оровник и Лешани, а наскоро ќе отпочне реконструкцијата на Основното училиште во Ботун, со што ќе целосно ќе бидат реконструирани четири основни училишта, од вкупно единаесет училишта кои фукнционираат во рамките на ОУ “ДЕБРЦА” – с.Белчишта.

 

Вкупната инвестициона вредност на проектот за реконструкција на Основното училиште во Лешани е околу 6,5 милиони денари, од кои 3.000.000,0 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој, а остатокот се сопствени буџетски средства.