Select Page

ГЕОФИЗИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ-РЕЛЈЕФ,ГЕОГРАФСКИ И ТОПОГРАФСКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

Според релјефните карактеристики општината Дебрца се вбројува меѓу ридскопланинските општини во Република Македонија. Највисоката точка се наоѓа на планината Стогово (Бабин Срт 2.242м), а најниската точка се наоѓа на крајбрежниот дел на населеното место Оровник на 697м надморска висина.

Во однос на географско -топографските карактеристики општината лежи на рамничарски предел, на надморска висина од 720 до 770 м.

Конфигурацијата на теренот погодува за развој на општината во сите правци, освен кон исток каде изразито се возвишува ридот Орлово седло (1126м) и претставува физичка бариера. Според конфигурацијата на земјиштето општина Дебарца може да се подели на 3 (три) дела: долна, средна и горна Дебрца. Долниот дел на општина Дебрца (поранешна општина Мешеишта) е пред се рамничарски дел.

Општината ја покрива територијата на областа Дебрца што во целост го опфаќа горниот слив на реката Сатеска, која се формира над селото Ботун од Песочка река, Голема река, Белчишка матица и други дебрчки водотеци и се влева во Црн Дрим. Во 1956-60 година, беше изграден каналот со кој Сатеска го смени коритото и директно се спроведе во Охридското Езеро, со количина на вода доволна за одржување на еколошкиот минимум.

Од околните општини е одделена со природните граници на планинските сртови: планинските венци на Смрдешница (1060м) и Голјак (1466м), Илинска планина – Прута (1320м), Арбит планина (1885м), од источната страна Илинска планина (1009м), од јужна страна планинскиот масив Мазатар (1760м) и планината Копрница (1213м) и  од запад Караорман (1765м) и Стогово (2121м).

Во средниот  дел  на општината, по притоките на реката Сатеска се наоѓаат широки рамнини (Белчишко, Ботунско, Лешанско и Велмешко поле). Горниот дел на општината Дебрца е познат по ридскопланинските терени и шумски површини.

ГЕОЛОШКИ И ПЕДОЛОШКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

Геолошката градба на општината ја чинат најчесто алувијални творевини, полувијални седименти, распространети во рамничарскиот дел. Алувијалните наноси по однос на инженерско-геолошките карактеристики, претставуваат претежно лабилни терени со ниски вредности на физичко-механичките својства.

КЛИМАТСКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

Климатските  карактеристики  на  општината  зависат  од  морфолоШките  карактеристики  на  овој  крај .  Температурата  на  воздухот  е  прилично  нерамномерна  и  е  проследена  со  изразити  температурни  осцилации .  Според  географската  положба  и  близината  на  Јадранско  море,  климата  би  требало  да  е  средоземна .  Меѓутоа ,  поради  заграденоста  на  теренот  со  високи  планини  кои  го  спречуваат  средоземното  влијание  и  надморската  височина  климата  е  модифицирана  средоземна, со  значителни одлики  на  умереноконтинентална .  Регионот  на  општината  се  карактеризира  со  умерено  топла  летна  температура,  со  просек  од  максимум  до  34  степени,  како  и  умерено  ладни  зимски  температури,  со  апсолутно  минимална  температура  до  минус  17  степени .  Во  регионот  просечно  има  околу  75  летни  денови, односно  денови  кои  имаат  максимална  дневна  температура  над  25 степени . Просечните  годишни  врнежи  се движат  помеѓу  700  и  820 мм/м2.  Најврнежлив  е  месец  ноември .  Во  поранешните  години  снегот  достигнувал  висина  и  над  50 см,  меѓутоа  во  последниве  години  снежната  покривка  е значително  намалена  и  подолго  време се  задржува  само  на  планинските  врвови . Честа  е  појавата  на  рани  есенски  и  доцни  пролетни  мразеви,  како  и  на  утрински  пролетни  магли,  следени  со  појавата  на  слана,  кои негативно  влијаат  на  земјоделските  култури . За  летата  понекогаш  е  карактеристична  појавата  на  продолжени  сушни  периоди .

Најчести  ветрови  на  подрачјето  на  општината  дуваат  од  север  кон  југ,  по  долината  на  реката  Сатеска, кои  зиме  носат  студ  и  снег, а  во  летно  време  свежина .  Во  пролет  и  есен  забележителен  е  повеЌе  југот. Тука  можеме,  да  ги  наведеме  и  локалните  ветрови  кои дуваат  од  Голак, Мазатар, Илинска  планина  ,  Караорман    и  Славеј  , кои  се  со  незначителна  брзина  и  во  летно  време  донесуваат  свежина  и  дожд. Просечната брзина на ветерот е релативно ниска и изнесува 3,4 м/с.

СЕИЗМОЛОШКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

Според анализата на досегашната сеизмичка активност  на општината, регистрирани се земјотреси со максимални интензитети кои не надминуваат 7 степени МЦС (Меркалиева скала). Се претпоставува дека се возможни земјотреси со интензитет од 8 степени по Меркалиевата скала, поради што се препорачува при планирањето на градежните активности да се предвиди соодветна сеизмичка заштита.