Menu
Седумдесет и четири години од битката кај Српница

Седумдесет и четири години од битката кај Српница

Денес, заедно со претставници на Општинската организација на Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца и граѓани ја одбележавме 74 годишнината од битката кај Српница.
По тој повод положивме свежо цвеќе на споменикот на паднатите борци од НОБ во селото Лешани и пред споменикот на паднатите борци од НОБ во местноста Српница.
Историски час за значењето на овој настан одржа Гоце Георгиески – претседател на ОО на СБ за Охрид и Дебрца.
Со намера да ги ослободат комуникациите за врска со армиската Е група германските и бугарските окупаторски војски заедно со балистичките формации против единиците на НОВ И ПОМ ја презедоа Пролетната офанзива што траеше од 24 април до 19 јуни 1944 година.
Во рамките на ова офанзива при крајот на Април, Првата-Македонско-Косовска-Ударна бригада го отпочнала походот од Егејска Македонија кон Дебрца за да ја поврати слободната територија Дебрца и го ослободи сопствениот народ од невидениот терор. Се до 8 мај Бригадата водела офанзивни борби, посебно кај селата Завој, Велмеј, Лешани , Брежани – во месноста Српница, Слатино, Оздолени, Цер, Арбиново, Лактиње и други, вели Георгиески.
Во борбата на бригадата при пробивот на бугарскиот непријателски обрач, на 29 април 1944 година во месноста Српница животите ги положија 13 борци, кои со своите млади животи и пролеана крв се втемелија во создавањето на првата слободна македонска држава.

Во Слатино одбележани 17 години од масакрот кај Вејце

Во Слатино одбележани 17 години од масакрот кај Вејце

Денес во селото Слатино, за првпат во организација на општина Дебрца се одбележа 17 години од денот на загинувањето на нашиот сограѓанин, припадникот на специјалната единица на АРМ, “Волци”, водникот Игор Костески, на 28 април 2001 година кај Вејце, Тетовско.

На денешниот чин покрај граѓаните на Слатино, советниците во советот на општина Дебрца, Здружението на борците, Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста присуствуваа Миливој Костески, татко на Игор, претставници на Специјалната единица на АРМ, Волци и поранешниот Претседател на Република Македонија, Г-дин Бранко Црвенковски.
Свое обраќање имаше и градоначалникот Зоран Ногачески:

Почитувани присутни,
Денес сме тука собрани пред овој паметник во село Слатино да го одбележиме херојското дело и 17 години од денот на загинувањето на нашиот сограѓанин, припадникот на специјалната единица на АРМ, “Волци”, водникот Игор Костески, на 28 април 2001 година кај Вејце, Тетовско.
28 април 2001 година е најцрниот ден во поновата македонска историја. Ден кога кај Вејце од страна на припадници на терористичката ОНА, на подмолен начин, во заседа беа убиени, а потоа масакрирани, а некои и живи запалени, 8 бранители, и тоа 4 припадници на Специјалната единица на АРМ, “Волци”, меѓу кои и водникот Игор Костески и четири припадници на посебната единица на СВР Битола.
Судбината сакаше Дебрца, која уште од времето на Свети Климентовата Кутмичевица, преку Илинденското востание, НОБ дала многу жртви и херои за денешната слобода, да даде уште една жртва и во воениот конфликт од 2001 година.
Во воениот конфликт 2001 година 80 млади македонски херои, припадници на безбедносните сили на Република Македонија ги положија своите животи на браникот на Татковината, бранејќи го територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија.
Војната во 2001 година заврши со Охридскиот рамковен договор , политички договор чии решенија беа вградени во Уставот на РМ, со што во Рамковна Македонија ништо повеќе не е како во Асномска Македонија.
17 години подоцна, Македонија сеуште го трасира патот кон ЕУ и Нато интеграциите и и на тој пат никогаш не смееме да ја заборавиме жртвата на сите овие македонски херои од 2001 година.
Ликот и делото на водникот Игор Костески се вгради во плејадата на 58 борци, херои што низ историјата ги дало Слатино, меѓу кои се и прадедото на Игор, кој загинал како комита и дедото, кој загинал како партизан.
До ден денес многу прашања и околу воениот конфликт во 2001 и посебно во врска со настаните кај Вејце останаа неразјаснати, но сепак Вејце не смее да се повтори, ниту да се заборави.
Од оваа година на мој предлог советот на општината одлучи на овој ден и на ова место да го одбележуваме херојското дело на Игор Костески, а планираме да отвориме и спомен соба, која ќе го носи неговото име.
Нека им е вечна слава. И на Игор и на неговите другари, соборци. Хероите никогаш не умираат.

Советот на општина Дебрца не ја прифати одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија

Советот на општина Дебрца не ја прифати одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија

Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, денес одржа прес-конференција, на која информира дека Советот на општина Дебрца, едногласно не ја прифатил одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија.

„Сакам да ги информирам граѓаните на општина Дебрца и пошироката јавност дека Советот на општина Дебрца, на седницата одржана на ден 10.04.2018 година, манифестирајќи натпартиска сплотеност, едногласно не ја прифати одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија. Советот на општина Дебрца, како претставнички орган на граѓаните на Дебрца не е против Проектот на Министерството за животна средина и просторно планирање за воспоставување на интегриран и финансиски самооддржлив систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион, ниту би бил против преземањето на ингеренциите од страна на Владата на Република Македонија во сосема други околности, туку само во целост ја почитува волјата на граѓаните на Дебрца, изразена преку референдумската одлука, односно јасно изразената волја против предложеното решение, според кое за локација за изградба на регионалната депонија за Југозападниот плански регион се предлага атарот на село Годивје, општина Дебрца. Никој, ниту советот на општината, ниту градоначалникот немаат право да ја дерогираат волјата на граѓаните, изразена преку најдемократскиот облик на лично изјаснување.“-истакна Ногачески.

Како што кажа Ногачески, за граѓаните на Дебрца, но и за пошироката стручна јавност, решението за регионална депонија да го бараат во срцето на Дебрца, не може да се оправда со ниту еден сериозен факт, а најмалку со игнорирање на нејзините жители.

„Сите овие документи за воспоставување на регионален систем за управување во Југозападниот плански регион се донесени во крајно нетранспарентна постапка, без да се слушнат мислењата на засегнатите страни, стручната јавност, еколошките организации и граѓаните. Во нив го нема мислењето на ЈНУ Хидробиолошкиот Завод Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, Националната комисија за УНЕСКО. И самите документи еден со друг се во колизија. Во Регионалниот план за управување на отпад, изработен во 2016 година, на страница 276 и 277, како локација за депонијата се предлага затворениот рудник за лигнит во Осломеј, Кичево, (Дебрца воопшто не се споменува), а во другите документи, изработени во 2017 година се предлага Годивје, Дебрца.“- рече Ногачески.

Градоначалникот Ногачески, потенцираше дека во време на се поголема еколошка свест кај граѓаните во светот, во време на силни акции за заштита на планетата Земја и кампањи за враќање на луѓето во руралните средини, заради нивната чиста и здрава природна средина несфатливо е со еден ваков проект да одите во обратна насока и да го загрозувате еден од малкуте преостанати еколошки чисти региони во Македонија.

„Во нашата стратешката определба и визија за Дебрца нема место за проектот што го предлага Министерството за животна средина и просторно планирање, туку за идеи кои го промовираат еко капацитетот на Дебрца, како што се развојот на рурален туризам, здравствен и рекреативен туризам, производство на органска храна.“– истакна Ногачески.

Велигденска Честитка

Велигденска Честитка

Почитувани сограѓани – благочестиви христијани, Во мигот кога со биењето на црковните камбани, ќе се објави радосната вест за чудото над сите чудеса на овој свет – Христовото Воскресение, Ви посакувам таа вест да допре длабоко во Вашите срца и души, и да Ве направи радосни и горди од сознанието дека сте Божји чеда.

Христовото Воскресение, како најторжествен христијански празник, кога ја славиме победата на животот над смртта, нека Ви донесе радост, среќа, спокој и благосостојба во Вашите домови, како и здравје, достоинствен живот и хармонија во Вашите семејства.
Празникот треба да се празнува, но тој треба да ни биде и потсетник, дека треба да ги подразбудиме во секој од нас човековите вредности и доблести, како што се добрината, човекољубието, милосрдието и подготвеноста на љубовта да возвратиме со љубов.

Упатувајќи срдечни честитки, на сите верници Ви посакувам среќни и благословени празнични денови, исполнети со радост, среќа и благодат.

Нека е честит и вековит големиот христијански празник Велигден !
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!