Menu

Вчера во Собранието на Република Македонија градоначалникот Ногачески даваше исказ пред Надзорната расправа на Комисијата за култура на тема: Законот за управување со Охридскиот регион и сродната регулатива во контекст на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство.

Во своето излагање градоначалникот Ногачески истакна неколку работи кои се значајни од аспект на заштитата на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, чиј дел е и Дебрца и тоа:

  • потребата од номинирање на Белчишкото Блато “Сини Вирој” до Конвенцијата на УНЕСКО, како природно наследство од особено значење кое треба да влезе во Списокот на светското природно наследство во Охридскиот регион, односно да се избориме за проширување на границите на заштитеното природно добро во Охридскиот регион;
  • потенцирав неколку проекти и активности, кои во изминатиот период беа имплементирани на подрачјето на општина Дебрца, а кои имале или ќе имаат негативното влијание врз биодиверзитетот, почвата и водите, односно претставуваат сериозна закана за одржување на биодиверзитетот и природната изворност на Охридско Езеро и Регионот ( изградбата на пешачката патека, односно бетонската платформа на брегот на Охридското Езеро, во КО-Оровник, практиката при изградбата на Автопатот А2, делница Кичево-Охрид, која во најголемиот дел поминува низ општина Дебрца, на изведувачите на работите, во скратени и ад хок постапки да им се издаваат дозволи за користење на минерална суровина од т.н. позајмишта, дозволи за депонирање на инертниот отпад, водостопански согласности со кои на терен беше менуван водотекот на реката Сатеска,како и одобрение на земјоделско земјиште, во непосредна близина на реката Сатеска и Белчишкото блато да изградат постројки за бетонска и асфалтна база;
  • несоодветното управување со отпадните води, односно немањето на канализациони системи во селата кои влегуваат во заштитениот регион;
  • посебно се задржа на препораката во однос на несоодветното управување со цврстиот отпад во регионот, дека сите документи за воспоставување на интегриран и финансиски оддржлив систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион, изготвени од Министерството за животна средина и просторно планирање се донесени во една крајно нетранспарентна постапка, без притоа да се побара мислење од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и во нив како локација за регионалната депонија се посочува селото Годивје, општина Дебрца. Ваквото несреќно решение не само што не го решава проблемот, туку дополнително директно го загрозува Охридското Езеро и заштитеното природно и културно наследство во Охридскиот регион.

Потенцираше дека единствено прифатливо решение е регионалната депонија да се гради на локација каде што нема ризик од негативни ефекти врз природа со уникатна вредност како што е охридскиот регион, односно надвор од сливното подрачје на Охридското Езеро.

Општина Дебрца останува крајно посветена на исполнување на обврските кои во однос на управувањето со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион произлегуваат од Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, Конвенцијата на УНЕСКО и документите донесени од органите на оваа Конвенција.