Select Page

Вчера во Охрид градоналачникот Ногачески учествуваше на трилатерална средба помеѓу министрите за култура на Република Македонија, Албанија и Црна Гора,на која пристуствуваа и Градоначалникот на општина Охрид, заменик претседателот на општина Котор, Црна Гора, националниот координатор за култура во Владата на РМ, Синиша Сесум, Шеф на Антена канцеларијата ( Сараево ) при Регионалното биро на УНЕСКО, претставници на експертската јавност, невладините организации и на која главна тема беше спроведувањето на акции/мерки од одлуката на Комитетот за светско наследство на „УНЕСКО“.
Во прилог интегралниот текст од неговото излагање:
“Регионот на Охридското Езеро е еден од ретките локалитети во светот кои истовремено се и природно и културно наследство на УНЕСКО од причина што станува збор за регион со висока еколошка вредност од меѓународен карактер и од суштинско значење и приоритет за Република Македонија.
Неодделив дел од еко-системот на Охридското Езеро е и подрачјето на општината Дебрца.
Дебрца е подрачје со чиста и заштитена животна и природна средина и производство на здрава храна, сочувани природно наследство, биолошка разновидност и автентичност, најбогат басен на чиста вода за пиење, блатни системи, еколошки најчистата општина, недопрена природа sui generis, сочувана во нејзина автентична и изворна форма, подрачје кое само по себе претставува своевиден споменик на природата.
Дебрца е сливот на Охридското Езеро, слив кој се карактеризира со подеднакво богата и значајна биолошка разновидност и вклучува исклучително голем број ендемски видови.
Дебрца има многу атрактивни села, цркви, манастири и свети места, како и археолошки локалитети, од кои посебно би ја издвоил светски познатата археолошка локација Требениште.
Од овие причини, се разбира сосема оправдано, дел од подрачјето на општина Дебрца влегува во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство, како светско наследство, иако лично сметам дека целото подрачје на општина Дебрца заслужува да биде во границите на заштитеното природно и културно наследство.
Така на пример, во Списокот на светското природно наследство во Охридскиот регион не влегува природното добро, Белчишкото блато, познато како Сини Вирој, кое е нашето најзачувано блато, во оригинерна форма.
Затоа, за почеток, во наредниот период треба да се избориме за номинирање на ова природно добро до Конвенцијата на УНЕСКО, како природно наследство од особено значење кое треба да влезе во Списокот на светското природно наследство во Охридскиот регион, односно да се избориме за проширување на границите на заштитеното природно добро во Охридскиот регион.
И покрај меѓународните и националните мерки за заштита, наследството на регионот и понатаму е под закана и опасност од губење на статусот, а кое нешто беше констатирано и во препораките на Комитетот на светско наследство на УНЕСКО.
За жал, дел од забелешките изнесени во Одлуката на Комитетот на светско наследство на УНЕСКО во изминатиов период сме ги констатирале и на подрачјето на нашата општина. Во оваа прилика само ќе нотирам неколку проекти кои во изминатиов период се имплементирани или се планира да се имплементираат во општина Дебрца, а кои имале или ќе имаат негативното влијание врз биодиверзитетот, почвата и водите, односно претставуваат сериозна закана за одржување на биодиверзитетот и природната изворност на Охридско Езеро и Регионот.
Пред две години Министерството за транспорт и врски ја промовираше новоизградената пешачка патека покрај Охридското Езеро, КО-Оровник, општина Дебрца.Во конкретниов случај се работи за изградба на бетонска платформа, со која се прекинува природната комуникација меѓу езерото и крајбрежниот појас, градежните работи се изведени со големи количини на неавтохтон материјал, како бетон и железо и со навлегување во литоралот на езерото..
Понатаму, при изградбата на Автопатот А2, делница Кичево-Охрид, која во најголемиот дел поминува низ општина Дебрца, со измените на прописите за градење на изведувачите на работите им беше овозможено, во скратени и ад хок постапки да им се издаваат дозволи за користење на минерална суровина од т.н. позајмишта, дозволи за депонирање на инертниот отпад, водостопански согласности со кои на терен беше менуван водотекот на реката Сатеска, а им беше издадено и одобрение на земјоделско земјиште, во непосредна близина на реката Сатеска и Белчишкото блато да изградат постројки за бетонска и асфалтна база.Сите овие постапки имаат негативно влијание врз природното наследство.
Несоодветното управување со отпадните води е следниот проблем кој е нотиран во препораките, а кој се однесува и за нашата општина. Општина Дебрца има изградено системи за одведување на отпадните води само во три села кои влегуваат во заштитеното подрачје. Имаме подготвено проекти и за другите села, но како мала општина, со ограничени финансиски ресурси немаме средства за нивна имплементација. Европските пари ни се тешко достапни, поради строгите критериуми и пред се поради правилата претходно сами да ги исфинансираме проектите. Затоа, на овој план очекуваме многу поголема поддршка од Владата на Република Македонија.
Посебно би сакал да се задржам на препораката во однос на несоодветното управување со цврстиот отпад во регионот, голем и горлив еколошки проблем. Во Извештајот што го усвои Владата на РМ Македонија е нотирано дека Министерството за животна средина и просторно планирање ги има изготвено сите потребни документи за воспоставување на интегриран и финансиски оддржлив систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион. Сите овие документи се донесени во една крајно нетранспарентна постапка, без притоа да се побара мислење од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и во нив како локација за регионалната депонија се посочува селото Годивје, општина Дебрца. Ваквото несреќно решение не само што не го решава проблемот, туку дополнително директно го загрозува Охридското Езеро и заштитеното природно и културно наследство во Охридскиот регион.Единствено прифатливо решение е регионалната депонија да се гради на локација каде што нема ризик од негативни ефекти врз природа со уникатна вредност како што е охридскиот регион, односно надвор од сливното подрачје на Охридското Езеро.
Општина Дебрца останува крајно посветена на исполнување на обврските кои во однос на управувањето со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион произлегуваат од Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, Конвенцијата на УНЕСКО и документите донесени од органите на оваа Конвенција.
Трајното зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион е сложен и долготраен процес, кој ќе биде единствено возможен во средина на транспарентност, отвореност, искреност и отчетност, кои мора да се изградат на сите нивоа на владеењето, во култура која препознава дека благосостојбата на луѓето е единствено возможна со третирање на луѓето и природата во симбиоза.”