Select Page

Селото Арбиново се наоѓа во областа Дебрца, меѓу Славеј и Илинска планина. Во периодот од 1952-1955 е под тогашната општина Сливово (во која покрај Арбиново спаѓаат и Врбјани,Годивје, Лактиње, Мраморец, Сливово и Турје), од 1955-1965 е дел од некогашната општината Белчишта, а од 1965-1996 г. селото  спаѓа под големата општина Охрид.

Селото се наоѓа на 1км источно од регионалниот пат Охрид – Кичево, 34 км оддалечено од Охрид и 30 км оддалечено од Кичево. Атарот на с. Арбиново се граничи со атарите на следните села: Сливово од север, Мраморец и Слатино од исток, Лактиње и Годивје од запад и Издеглавје од југ. Се наоѓа на надморска висина од 967м.

Арбиново е многу старо село и затоа населението воопшто нема никакви сознанија за името кое го добило како и за неговото настанување. Се знае дека е споменато во пописниот дефтер од Охридскиот санџак во 1582 г., се наоѓало во нахија Дебрца.

Според некои податоци се смета дека во 1900г. во с. Арбиново бројот на жители е 280( сите македонци христијани), а во 1905г. нивниот број пораснал на 320. Во 1948 г. бројот сеуште се зголемува на 410, во 1953 има 411 жители, а во 1961 бројот на населението се намалува на 311. Додека во 1971 г. Наталитетот опаѓа селото има 195 жители, во 1981 повторно се намалуваат и има 137жители, а 10г. Подоцна во 1991 во Арбиново живеат само  43 жители.Според пописот од 2002 г. во село Арбиново живеат 26 жители.

Сите родови во селото се староседелци и се делат на 4 маала:

  • Во првото маало се родовите Ставревци, Филиповци и Димовци (кои потекнуваат од ист предок)
  • Во второто маало е родот Ѓоревци
  • Во третото маало се родовите Митревци и Петковци (кои потекнуваат од ист предок)
  • Во четвртот маало се Трпевци и Коњаровци(кои потекнуваат од ист предок)

Според други сознанија во 1948 г. родови во селото се поделени на:

  • Староседелци : Волкановци( куќите им се наоѓаат на средсело и ја слават славата Св. Петка);Караџовци Коњаровци и Шамовци  (се наоѓаат во долно маало и слават Мартинија);Стамболџиовци и Радевци (куќите им се наоѓаат во долно маало и слават св.Петка); Виловци (се во горно маало и слават Св. Петка); Матевци или Смилевци и Котовци (се во горно маало и Смилевци ја слават Мартинија а котовци св. Петка); Кршковци( се наоѓале на сретсело и слават Св. Никола) и Ќубезиовци (се во долно маало и слават Мартинија)
  • Доселеници : Шукановци ( се доселени од некое место во Албанија, живеат во горно маало и слават Петковден)
  • Роми: Максутоски Тејмур ( доселени се од Кичево и живеат во долно маало)

Најпознати културни знаменитости кои ги има во со с. Арбиново се црквите:

  • Св. Никола
  • Св. Атанасиј
  • Св. Димитриј
  • Св. Петка

Селска слава во Арбиново е Св. Атанасиј.

Главното мигрирање на селото Арбиново е кон крајот на 1950г. Се отселиле најмногу во Охрид, Скопје, Струга и Кичево.

Постари иселеници се забележани Коњаровци и Савевци во с.Издеглавје, Алексовци се во Ново село , а има и некој Арбиновци во Песочани.

Од Волкановци иселеници има во Аргентина, Коњаровци во Лактиње, Стамболџиовци во Битола, Скопје и Аргентина, Виловци во Аргентина, Десово( Прилеп) и Канада, Матевци во САД и Австрија, Кршковци во Охрид и Ложани (Струшко), Ќубезиовци има во Шумен и Рушчук во Бугарија и во Вашарејца (Прилеп), Шукановци во Слатински чифлик,Охрид, Провадија (Бугарија и Аргентина), Мутавџиовци се иселени во Арилево (Крушевско).