Select Page

Брежани е село во Општина Дебарца, во околината на градот Охрид.

Брежани се наоѓа на 25 километри воздушна линија од Охрид помеѓу планинските масиви Илинска Планина и Мазатар на надморска височина од 985 метри. Со магистралниот пат Охрид – Скопје се поврзува кај селото Ботун. Се ноѓа на 6 км.јужно од селото Велмеј. Од градот Охрид е оддалечено 32 километри. Сместено е во крајниот југоисточен дел на областа Дебарца во горниот тек на Брежанска река. Во долината на Брежанска Река се редат извор до извор, поради што народот вели дека Брежани има добра земја, здрава вода и убав свет. Илинска Планина источно од Брежани се поврзува со Плакенска Планина, при што тие претставуваат единствен планински венец кој се протега во меридијански правец север – југ. Кај Брежани се наоѓа преминот (превојот) помеѓу областите Дебарца и Железник (Демир Хисар), поради што во минатото на овој простор активно бил развиен сообраќајот.

Атарот на селото Брежани граничи со атарите на следните села: од север и североисток Велмеј и Големо Илино, од исток и југоисток Мало Илино, Базерник и Слоештица, од југ Плаќе, Речица и Куратица.

Поедини места во атарот на селото ги носат следните имиња: Селиште, Илинска црква, Бигла, Јаоречка црква, Рамни газ, Влашко село, Попова нива, Старо село, Папи, Речка, итн.

Селото е со куќи од збиен тип и има 3 маала кои се делат по родовите Василевска или Долна, Белевска и Цветковска маала.

Брежани е доста старо село. Најпрвин селото се наоѓало во месноста Селиште, 2 километри над селото, а за време на турското владеење селаните од тоа место пред околу 170 години го основале селото на денешната местоположба. Дел од жителите на тоа постаро село се населиле и во селото Велмеј. Во атарот на Брежани, постои и месноста Старо Село, на која селаните често ископувале и пронаоѓале остатоци од ѕидини и ќупови.

Населението од Брежани активно учествувало во текот на Илинденското востание па поради тоа Турците го запалиле селото, и ги запалиле сите 98 куќи во селото,при што некои Брежанци биле одведени во Дијарбекир и не се вратиле. Во 1912 година Македонија подпаднала под Србија и поради тоа што населението биле големи противници на србските интереси, и што не се прифаќале за Срби  од страна на србските власти биле убиени  некои брежанци, а некои биле присилно мобилизирани и закинале како српски војници.

Со нападот на Југославија, на шести април 1941 година, од страна на Германија, и нејзините сојузници Италија и Бугарија ја окупирале Македонија, при што Македонија отпрва била поделена помеѓу Бугарија и Германија. Единствено Брежани од цела Дебарца подпаднала под Бугарија, така што регулирала војници од Брежани да служат во Стара Загора, Самоков, Пловдив, Софија, Сливен, Серес, Драма, Кавала и на други места.

Во 1900 г. Во Брежани имало 560 жители.Огромен број се иселиле за што сведочи и драстичнио пад на бројот на населението во селото. Во 1961 г . живееле 547 жители, додека во 1994 само 56 жители, сите Македонци. Во 2002 г. Селото брои 31 жител.

Брежани е чисто македонско православно село, во кое живее староседелско население.

Родови во Брежани се: Василевци ,Белевци и Цветковци сите родови се староседелски кои живееле во месноста Селиште, а во минатото сите родови имале многу поголем број на куќи од сегашниот, но се смалиле поради иселување.

Според истражувањата во 1948 родови во селото Брежани се:

  • Староседелци: Сукловци -се делат на Соколевци и Станковци; Белевци -се делат на Трпчевци и Поповци; Терзијовци ; Угриновци – еден дел од родот се вика Бошковци, кој е изумрен по машка линија, се имаат селено во Житоше, прилепско и вратено назад; Струмовци; Крстевци; Лаловци и Дамјановци.

  • Доселенички родови: Десановци и Цветковци доселени се од раселеното село Јаор.

С.Брежани може да се пофали со големиот број на цркви и манстири.

  • Црквата „Св. Атанасиј“ се наоѓа на северниот дел од селото. Таа е еднокорабна градба. Градена е од кршен камен, венец од бигор, со полукружна апсида. Црквата потекнува од 19 век. Во поново време е преправана, само апсидалниот дел е остаток од постарата градба. Треба да се нагласи дека и постарата градба е обновена врз постар објект. За тоа зборуваат постарите средновековни гробни конструкции што се наоѓаат во дворот, посебно кон исток. Однадвор црквата е малтерисана, а внатрешноста е со полуоблест свод. Постариот живопис не е сочуван. Апсидалниот дел е единствен што е зачуван оригинален дел од постарата црква. Влезот е од јужната страна, како и ѕвоното. Во внатрешноста постои иконостас со постари пресликани икони.

  • Манастир „Св. Петар и Павел“. На околу 300 м. од последната куќа на с. Брежани се наоѓа манастирот посветен на првоапостолите Петар и Павел.По кажување на Стојан Спироски, жител на ова село, црквата била изградена по сон на неговата сопруга Љуба, а со градба се започнало во 1991 година, а била живописана во 1998 година. Иконостасот бил направен од страна на Цветко Маркоски, а иконите се дело на Ристе Никески. Денес оваа црква претставува вистински манастир со придружни објекти и трпезарија.

  • Црквиште- на 4 – 5 километри северно од Брежани во месноста Јаорец се наоѓаат остатоци од стара црква со димензии 6 х 3,5 м. и разурнат иконостас со икона на која е претставена Св. Богородица со Христос. Црквата е запуштена во непознато време, а денес овој локалитет, како и видливите стари средновековни гробишта, е обраснат со трева. Овој локалитет е познат како Црквиште.

  • Јужно од црквата Свети Петар и Павел, на околу 20 м. се наоѓаат две мали капели, едната посветена на Св. Петка, а другата на Св. Петар и Павел. Според кажувањето на постарите жители на ова село, на ова место од памтивек луѓето палеле свеќи, а некогаш на ова место имало Лекојта вода.

  • Исто така јужно од овие капели, на околу триесетина метри, се наоѓа култно место на кое што жителите од селото палат свеќи, а местото се вика Свети Спас.

  • Во средишниот дел на с. Брежани се наоѓа локалитетот Св. Никола. На ова место е изградена правоаголна градба, без апсида, без живопис и иконопис.

Постојат и двата познати локалитети во село Брежани:

  • Локалитетот Манастириште. Северозападно, на 5 км. од селото Брежани, десно од меѓуселскиот пат Брежани – Велмеј кај Јаоречка река, едно стотина метри над месноста Николичина Ливада се наоѓа локалитетот Манастириште. Тој зафаќа 1 ха. во неговата средина се забележува основа на зграда ориентирана исток – запад, т.е. црква, а на северниот и јужниот крај од нивата се забележуваат урнатини од повеќе згради. Во Брежани и во Велмеј е проширено преданието дека во оваа манастирска црква бил погребан царот Самоил, па во 1935 – 1939 година овој простор го преорале диви копачи, барајќи злато. Тоа барање не било без основа зашто во Јаорец еден брежанец нашол златна змија, но не знаејќи што е, некои му ја украле.
  • Локалитет Писан Камен. Овој локалитет се наоѓа во Горни Јаорец. На една карпа има неколку знаци со црвена боја, а на висина од 2 м. од земјата на неа е испишана буквата П и под неа има крст. Преданието на ова место е сврзано со златото на Цар Самоил.ец.

Утврдени се некои и археолошки локалотети:

  • Брежанско Градиште, утврдена населба од доцноантичкото време. Во селото, населба од неолитското време.
  • Градиште – Кула, населба од железното и хеленистичкото време.
  • Широко Гариште, топилница од римското време
  • Во селото – населба од неолитот.

Во Брежани во 1986 г. Бил основан и фудбалскиот клуб Мазатар.

Во поодамнешно време во ниското полско село Горно Средоречие се иселиле родовите Марковци, Миленковци и Божиноски. По Втората светска војна започнал масовен бран на иселувања при што околу 50 куќи се иселиле во Охрид, околу 40 куќи во селото Трновци во околината на Битола, 6 куќи во демирхисарското село Суво Дол и Битола.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: од Сукловци има иселеници во Суводол ; од Струмовци иселеници има во Суводол ; од Крстевци иселеници има во Суводол; од Цветковци иселеници има во Америка и во Суводол.

Родот Ламбовци  се иселил во селото Железнец, Железник во 1791 година. Родовите Налевци , Јаневци  и Таневци се иселиле во селото Суводол, Железник, првите два рода во 1821 година, а третиот во 1925 година.

Според податоците од 1988 година иселеници од Брежани има во: Охрид ,Трновци, Австралија, Суводол, Битола, Скопје, Сопотница, Белград, Подмоље, Свето Тодори ,Прилеп ,Велмеј , Ботун, Куприја (Србија), Шабац, Кавадарци, Дебар, Велгошти, Струмица, Сараево, Нови Сад, Црна Гора и во Бугарија.