Select Page

Велмеј се село во општина Дебрца , во областа Дебрца, во околината на градот Охрид.

Селото Велмеј се наоѓа на подрачјето на областа Долна Дебрца, на 13 км источно од магистралниот пат Охрид- Кичево. До селото се доаѓа по асфалтиран пат, кој се двои од западната магистрала Охрид –Кичево кај с. Ботун, поминувајќи низ селата Белчишта и Лешани.

Се наоѓа на западните падини на Илинска Планина. ОД северната и источната страна е заградено со планински масиви на Илинска Бигла ( од исток со Килаец0 1068 м, од север со Чуки-1303м ) , а на западната и јужната страна се простира Велмешкото поле. Селото се наоѓа на надморска висина од 860 м.

Селото влегува во рамките на проширената општина Дебрца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта. Во периодот од 1996-2004 г., селото претставувало седиште на некогашната општина Белчишта.Во периодот од 1955-1966г., селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид.

Од 1952-1955 селото било во рамките на тогашната општина Белчишта, во која покрај Велмеј , се наоѓале и селата Белчишта, Ботун, Брежани, Горно Средоречие, Грко Поле, Долно Средоречие, Злести, Лешани, Ново Село, Песочани и Црвена Вода.Во период од 1950-1952, село Велмеј било седиште на некогашната општина Велмеј, во која влегувале селата Велмеј, Брежани, Грко Поле и Лешани.

Велмеј е село од збиен тип, што е карактеристично за сите села во општина Дебрца. Се дели на следните краеви: Горни Чифлик и Црниноска Маала, а поодделно секое маало го добило името според презимето на поголемиот дел на семејства што живеат тука. Денес Велемј, е најголемото село во подрачјето на општина Дебрца, како по бројот на жителите, така и по бројот на домаќинствата.

Велмеј е старо село. Во 1582г. Селото броело 660 жители, и затоа што било најголемото село во Нахијата Дебрца го добило името Велмеј, од старословенскиот збор “велми” што значи најголем.

Во 1900 г.во селото Велмеј имало 700 жители, сите Македонци христијани. Во 1905г. Во Велмеј имало 784  жители.Во 1953 г. бројот бил зголемен на 1257. Во 2001 г бројот на жители во Велмеј е 511.

Уште многу одамна , Велмеј имал важно место во стопанството во Дебрца и на охридскиот крај. Турски извори кажуваат дека селото био голем производител на коноп. Во 1582 г. Велмеј било втор по големина производител на јачмен и еден од најголемите производители на ‘рж. Исто така во Велмеј имало 300 свињи, на третото место во Охридската каза, а селото било и еден од најголемите производители на зелка. Во велмеј имало и 7 воденици и 5 валалници( најмногу во Дебрца), а се призведувало и наут и боја. Поранешен попис покажува дека во Велмеј живееле двајца соколари.

Денес од целокупната површина на селото, 55,3% се наоѓаат под шуми и пасишта, 22,4% се обработливи површини, а 22,3% е неплодно земјиште.Главно занимање на населението во село Велмеј е земјоделието.

Населението се дели на :

Староседелци: Славковци, Новевци, Станковци, Сугаревци,Органџиовци и Темјановци. Родовите Иљовци и Андреевци се доселени од се од сега расленото село Јаорец, па така се сметаат за староседелци на Велмеј.

Доселеници: Црниновци( доселени од село Цер), Неделковци ( доселени од село Прострње), Поповци (потекнуваат од некој предок кој бил поп а дошол од некое место сега во Албанија), Николовци или Голабовци( се доселени од селото Бараково и нивниот предок бил Влав), Цветковци ( доселени од с.Лешани), Сошанци , Прензовци( од с. Сливово), Пашовци ( не знаат од каде потекнуваат).

Според истражувањата во 1948 г., родови од село Велмеј се:

Староседелци: Нечевци, Бауловци, Аневци, Темјановци, Мишовци и Пашовци.

Доселени: Поповци ( од Елбасан), Караблажевци или Новевци( од Новаци-Битолско,Црниновци (од Цер, Железник), Иловци( од  Јаорец), Неделковци ( од Прострање, Копачка), Славковци ( од Сладуево, Железник), Цветковци ( од Лешани), Целевци ( од Лешани), Прензовци( од Сливово), Уљовци( од Нерези-Дримкол), Сошанци ( од Сошани), Дичовци ( од Сошани), Јолушовци (од Горно Средоречје,а таму биле доселени од Куратица), Волчевци( од Мијачкиот крај), Николевци и Ристевци ( од Крушево).

Роми: Нурчевци и Мустафовци( од Кичево), Ибраимовци( од Мешеишта).

Основното училиште  “ Дебрца” – Велмеј е подрачно училиште на ОУ “Дебрца”- Белчишта. Било изградено 191 г. На почетокот од XX век, во Велмеј постоело бугарско егзархиско училиште, со еден учител и 33 ученици, а во периодот 1912-1915 имало и српско училиште со една паралелка и еден учител.

Задружниот дом е изграден непосредно по Втората светска војна, каде што е сместена месната заедница, а има и сала и просторииза општествено-политичките организации на селото.

Селото Велмеј е богато со културни и природни знаменитости. Цркви во Велмеј се:

Црквата “Св.Никола”- главна селска и гробјанска црква.Сместена е во средишниот дел на селото и потекнува од XIII век, а сегашниот архитектонски изгледа датира од  XIX век. Во црквата има иконостас, со икони кои датираат уште од XVI и XVII в., како и интересен резбан владички престол. При преправка на црквата селаните вградиле стари ракописи и книги во ѕидовите на црквата од страв да не бидат уништени.Оваа црква и покрај што е главната селска црква, таа претставува и седиште на Велмејската парохија. На самиот влез од оваа црква се наоѓа камбанарија.Стариот влез на црквата е од јужната страна и на неговиот надворешен дел веднаш се забележуванасликаната икона на Пресвета Богородица со малиот Исус Христос.Малиот Исус имал обетка на едното уво, што е симбол кој во тој период се користел за да се покаже дека е дете единец.Ваков мотив на Исус со обетка на уво е мошне редок на фреските во македонските цркви и постои само на уште една фреска.Поради тоа велмејската фреска е мошне значајна.Новиот дел од цркватас е градел околи 1840 г.  и неговата функција била да служи како селско училиште.

Црква “Св. Ѓорѓи”-се наоѓа на североисточниот дел од селото,градена од  делкан камен.Црквата е обновена во 1931г. Од оваа црква се пружа панорамски поглед на селото.

Црквата “Св.Богородица Пречиста-Ќелија”- е мала еднокорабна црква сместена надвор од с.Велмеј.Од 1998 г. црквата е под заштита на државата како дел од македонското културни наследство.Црквата е со едноставна градба, без украсни елементи, со влез од запад.

Црква “Вознесение Христово” е најнова селска црква, градена во период 2001-2004 година.

Кога станува збор за с. Велмеј  значајно место има и Чешма “Исток”.Се наоѓа во западниот дел од селото која располага со обилна вода што тече низ 18 дулци. Тука е подигната и спомен плочата на паднатите борци од селото во НОВ и Илинденското востание.На оваа чешма се изведува еден од главните обичаи на свадба- носење на невестата на вода. Денес низ селото има водовод изграден во 1982 г.

Североисточно од селото се наоѓа и пештерата Јаорец, која е со должина од 76 метри.

Археолошки локалотети во с.Велмеј се:

Бучишта (доцноантичка населба со некропола и старохристијанска базилика),

Велмешко Градиште (утврдена населба од бронзеното време),

Вишин Дол (утврдена доцноантичка населба и топилница),

Гладница (доцноантичка населба),

Горица (средновековна населба),

Горни Јаорец (доцноантичка топилница),

Горнополско Градиште (утврдена населба од раниот среден век),

Грмаѓе (некропола од железното време),

Иванова ливада – Икона (црква и некропола од раниот среден век),

Икона – Блато (некропола до раниот среден век),

Калуѓерица (некропола до раниот среден век),

Кутлина (населба од неолитското, бронзеното, железното време и раниот средне век),

Манастириште (средновековен сакрален комплекс),

Оџа Бавча (некропола од раниот среден век),

Пашина Горица (доцноантичка некропола),

Петте Дабје (римска и доцноантичка некропола),

Пештера Јаорец (засолниште од палеолитското време),

Писан Камен (некропола од каменото време),

Попов Дол (доцноантичка некропола),

Селиште Јаорец (средновековна населба),

Селце (срденовековна населба),

Скала (доцноантичка топилница),

Црквиште (раносредновековна црква и некропола) и,

Шивлица (црква од раниот среден век).

Главен селски настан во селото е на Велигден- собир со со бајраци и крстови  селото и низ него, при тоа се пеат стиховите „крст носам, бога молам, кај што врват чесни крсти, да е чесен бериќетот. Исто така се слави и Илинден.

ФК Илинден е името на фудбалскиот клуб во с.Велмеј.

Емиграцијата не е толку силно изразена и не оставила траги на изгледот на селото, иако во старосната структура на населението преовладуваат постарите групи. Поголемиот број бели фасади на куќите, асфалтот што минува низ селските улици, современите уреди во домаќинствата даваат впечаток дека овде е присутен современ динамички начин на живеење.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948 година: од Нечевци има иселеници во Драслајца, Долно Лакочереј  и во Охрид, од Аневци иселеници има во Јабука, Војводина , од Чутуровци има иселеници во Охрид ,Битола, Бејрут, Либан  и во Пловдив, Бугарија ,од Караблажевци иселеници има во Илино, Големоили Мало,од Црниновци иселеници има во Америка од Неделковци иселеници има во Јужна Америка ,од Волчевци иселеници има во САД и од Николевци иселеници има во Јужна Америка.

Родот Наумовци во 1905 година се иселил во селото Сопотница, Железник. Родот Кочовци во 1870 година се иселил во Охрид, во Велмеј припаѓале на некој род.