Select Page

Селото Врбјани се наоѓа на надморска висина од 919 м, на источната страна на планината Стогово.Тоа е прво село во Горна Дебрца после највисоката точка на патот Кичево-Охрид наречено Пресека.Селото се наоѓа на 3км оддалеченост од регионалниот пат. Селото е на место каде одсекогаш можело да има населба.Има многу поволни природни и економски услови.Од западната страна се издига пространа планинска падина, израсната со дабова и букова шума.Од источната страна се простира ниско земјиште погодно за обработка.На планинскиот дел од атарот се наоѓа Црвено млаче, Годијов дол, Манастирец, Јагњештица, Локви, Секулица, Папрадница, Мирослајца, Јасика, и др.Источно се наоѓа обработлива земја Предалиште, Галвје, Св.Петар, Жежница, Луда вода Петрчане, Крст, Царев кладенец и др. На планинската падина се наоѓа Стојански извор, Жежов извор и Манастирец, а во подножјето на планината извира Петрчански и Царев кладенец.Многу е значаен Петрчанскиот извор од кој извира јака вода како река и на која некогаш имало воденица, а денес таа вода се употребува за селскиот водовод.Низ селото течат две реки, Голема река и Бигришка река, како извори на реката Сатеска.Изобилува со вода и извори на вода.Селото е со куќи од збиен тип и се состои од горно и долно маало.Последната куќа од селото во горно маало, се наоѓа на 970м надморска висина. Оддалечено е 26 километри јужно од Кичево и 39 километри северно од Охрид.Маалата се разликуваат и по родови: Анѓелески, Патникоски, Радески, Ќемалоски и други.Селото влегува во рамки на Општина Дебрца, која била создадена откако се споиле поранешните општини Белчишта и Мешеишта во 2004. Од периодот на 1994-2004 селото влегувало во некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 селото било во рамките на големата Општина Охрид.

Во периодот 1952-1955 селото било во рамките на Општина Сливово, во која општина освен Врбјани, влегувале и селата Сливово, Мраморец, Турје, Арбиново, Годивје, и Лактиње. Во периодот 1950-1952 селото влегувало во рамките на Општина Годивје, во која Општина биле селата Врбјани, Годивје и Лактиње.

 Селото Врбјани постоело пред доаѓањето на Турците во 1371 година.Селото името го добило по многуте врби кои ги имало меѓу двете реки.Покрај селото постоело уште едно село Нивишта со црквата Св.Петар и Св.Павле.Црквата Св.Ѓорѓија во село Врбјани според старите жители била градена од 1322 до 1340 година, а требало да биде осветена во 1345 година од Охридскиот архиепископ.Меѓутоа поради некои збиднувања архиепископот не дошол на осветлувањето на црквата и таа останала неосветена се до 1605 година.Со доаѓањето на Турците народот од селото Нивишта и село Врбјани, побегнале во планина во месноста Манастирец каде што формирале село со црква во која ималао крст со златен синџир, а ископини постојат и денес,а дел од населението избегало и во Прилепскиот крај каде што формирале села Врбјани и Годивје кои и денес постојат.Црквата Св.Петар и Павле која се наоѓа на околу 200 метри источно од селото Врбјани била подигната во 1938 година. Врбјани е чисто македонско православно село, по опстанок е многу старо и повеќето родови во селото се староседелци, еден дел од овие родови живееле во сега веќе раселените села Манастирец, Петрчани и Жежница.Според истражувања во 1948 година родови во селото се:

  • Староседелци: Анѓелевци живеат во Горно маало, Шамалевци живеат во Шамалеско маало, Поповци, Митревци, Божиновци, Гавриловци, Радевци, Јанкуловци, и Клајџиовци живеат во маало Вир.Мушевци и Муратовци живеат во Мушевско маало, Савевци живеат во Горно маало, Матевци куќите има се наоѓаат измеѓу Вир и Шамалеско маало. Сите староседелски родови слават Ѓурѓовден и Петровден.

Доселеници со позната старина: Дошлаковци доселени се средината на 19 векод Сливово куќите има се во Вретовско маало и слават Петровден.Војневци доселени 1860 исто така од Сливово, живеат во Анѓелевско маало и слават Ѓурѓовден.Локовци доселени се од селото Локов, Малесија, и живеат во своето Локовско маало и слават Петровден.

Во селото Врбјани живеат Македонци припадници на племето Брсјаци или Берзити.Од Врбјани се иселиле голем дел од населението, па така од голема преминала во мала населба.Според некои истражувања во 1900 година во селото имало 480 жители, во 1905 година 640 жители, па така од 1948 година кога бројот на жители бил 803 се до 1953 година кога се искачил на 879,а веќе од 1961 година бројот на жители почнал да опаѓа па така во 1971 година изнесувал 371,во 1981 година 229 жители, десет години подоцна во 1991 година 129 жители, 1994 година 106 жители, за да во 2002 година бројот на жители се намали на 58.

Младината на ова село покрај другите спортски активности најголемо внимание му посветувало на фудбалот.

Првата училишна зграда била изграде во 1860 година. Во почетокот на 20ти век во селото постоело егзархиско школо, во кое ученици учеле на бугарски јазик. За времето помеѓу двете светски војни во селото имало српско училиште, а поради немање свои пропагатори во Врбјани, во селото Србите поставувале за учители од други краишта, Во периодот по Втората светска војна во селото имало училиште до осмо оделение со интернат за децата од околните села. Па така освен од с. Врбјани учеле деца и од другите села.

До 1948 иселеници има од следните родови: од Анѓелевци иселеници има во Јабука, Војводина; од Савевци иселеници има во Бело Поле, прилепско  и во Глогоњ, Војводина; од Шамалевци иселеници има во Јабука, Војводина;од Поповци иселеници има во Јабука, Војводина; од Митревци иселеници има во Песочани; од Божиновци иселеници има во Бело Поле, прилепско; од Гавриловци иселеници во Охрид и во Издеглавје; од Калајџиовци иселеници има во Иванчишта, Копачка; од Мушевци иселеници има во Глогоњ, Војводина; од Вретовци иселеници има во Ново Село; од Пејовци иселеници има во Качарево, Војводина; од Матевци иселеници има во САД; од Патниковци иселеници има во Јабука, Војводина; и од Локовци иселеници има во Бугарија.

Во селото Пуста Река, крушевско е иселен родот Чкаловци во 1856 година.