Select Page

Грко Поле е  село на Општина Дебарца, во областа Дебарца, во околината на градот Охрид. Селото Грко Поле се наоѓа во областа Дебарца. Околни села се Велмеј на северозапад, Лешани на југ, и Горно и Долно Средоречие на запад.

Во 19 век, Грко Поле се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото претставувало дел од некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Белчишта, во која покрај селото Грко Поле, се наоѓале и селата Белчишта, Ботун, Брежани, Велмеј, Горно Средоречие, Грко Поле, Долно Средоречие, Злести, Лешани, Ново Село, Песочани и Црвена Вода. Во периодот 1950-1952 година, селото Грко Поле се наоѓало во некогашната Општина Велмеј, во која влегувале селата Брежани, Велмеј, Грко Поле и Лешани.

Според некои податоци во 1900 г., селото Грко Поле имало 20 жители, сите Македонци христијани. Во 1905 имало 48 жители , а во 1971 имало 63 жители.Според последниот попис селото брои 30 жители.

Грко Поле е македонско православно село. Селото е младо по постанок, основано е средината на XIX век од грчкиот род Маргаритовци, кои живееле во Охрид. Тие на лето живееле во селото додека зиме биле во Охрид. Потоа со селото завладеале Турци, тие ја купиле земјата и потоа се населиле македонски родови кои работеле за нив. Најстари родови во селото се Сошанковци и Џукаровци, пред крај на турското владеење се населиле и Малесорци.

Родови во Грко Поле се: Сошанковци – доселени се средината на XIX век од селото Сошани, каде биле старинци; Џукаровци – доселени во исто време со Сошанковци, доселени се од селото Белчишта, таму биле старинци и Малесорци (3 к.), доселени се 1909 година од селото Присовјани, Малесија.

Според истражувања во 1948 година, родови во селото Грко Поле се:

Лукачовци – доселени се околу 1870 година од селото Белчишта, каде имаат истоимени роднини, уште подалечно потекло имаат од селото Луково, Дримкол; Крстевци -доселени се во 1898 година од селото Долно Средоречие, а таму се доселиле од селото Сошани (затоа ги викаат и Сошанковци) во Сошани припаѓале на родовите Иловци и Андревци; Ристовци, доселени се во 1913 година од селото Присовјани, Малесија, каде припаѓале на родот Грковци, ги викаат и Малесорци.

Во селото Грко Поле е Црква „Св. Ѓорѓи“ која е  главна селска црква изградена 1935 година. Црквата се наоѓа на рид кој се издига североисточно од селото. Познато е дека црквата ја граделе членови на родот Лазоровци од Малесија, кои по името на областа од којашто потекнуваат ги нарекуваат и Малесорци.