Злести e село во Општина Дебрца, во областа Дебрца, во околината на градот Охрид.
Злести се граничи со 5 други села: на исток со Белчишта, општинско средиште на Општина Дебрца, на запад со селото Ботун, на југозапад со Мешеишта, на југоисток со Куратица, а на југ со Сирула.
Од градот Охрид оддалечено е 22 километри. Од регионалниот пат Охрид-Кичево оддалечено е 3 километри.
Од јужната и западната страна е опкружено со планини кои се богати претежно со дабова и иглолисна шума во помали количини, а во помал обем и букова шума.
Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебрца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Белчишта.Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото припаѓало на некогашната Општина Белчишта.Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Белчишта, во која покрај селото Злести, се наоѓале и селата Белчишта, Ботун, Брежани, Велмеј, Горно Средоречие, Грко Поле, Долно Средоречие, Лешани, Ново Село, Песочани и Црвена Вода. Во периодот 1950-1952 година, селото Злести се наоѓало во некогашната Општина Белчишта, во која влегувале селата Белчишта, Горно Средоречие, Долно Средоречие и Злести.
Во 19 век Злести се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство.
Од северната и источната страна на селото се простира голема низина која е погодна за одгледување на житарици. Од другите земјоделски култури во помали количини се одгледува пченка, грав, компир, пиперки и други градинарски култури.
Според некои податоци од 1900 година, во селото Злести имало 530 жители, сите Македонци христијани, во 1905 година во Злести имало 520 жители.Во 1953 г. Има 721 жител,но подоцна бројот на жителите се намалува и во 1994 г. има 333.Според последниот попис на населението на Македонија, селото има 294 жители.
Селото Злести од секогаш па до денес во целост е населено со Македонци од православна христијанска вероисповед, а во него има зачувано и живеат голем број на старинечки (староседелски) родови.
Старинечки родови се: Миленковци , Рампевци, Поповци, Ширговци , Неделковци, Степановци, Ѓоршевци, Ѓоревци, Колевци, Пашовци и Беговци. Слава на сите овие родови е Свети Никола. Родовите Колевци, Ѓоревци и Ѓоршевци потекнуваат од тројца браќа. Родовите Рампевци и Поповци потекнуваат од ист предок, а исто така и родовите Ширговци и Беговци потекнуваат од ист предок. Доселени родови се: Локовци (слават Петковден) од с. Локов во Малесија- Струшко и Јолевци чие што место на старина е непознато.
Според истражувањa во 1948 година, родови во Злести Лактиње се:
Староседелци: Ширговци; Миленковци со Пашовци; Ѓоршовци и Рамбевци.
Со непознато потекло се: Танасковци.
Доселеници со познато потекло се: Јолевци -доселени се во 1860 година од селото Велмеј; Локовци – доселени се во исто време кога и Јолевци, доселени се од селото Локов, Малесија. Од каде избегале поради тоа што убиле некој Турчин.
Роми: Демиш Усеин, доселени се во 1946 година од селото Брежани.
Селото Злести како општествена установа го имаат основното училиште „Дебрца“ до V одделение, подрачно училиште на ОУ „Дебрца“ – Белчишта.
Цркви во с. Злести се :
Новоизградената манастирска црква „Рождество на Пресвета Богородица“ и остатоците на средновековната црква „Св. Богородица“
Главната селска црква „Св. Ѓорѓи“ со камбанаријата и селските гробишта околу нејзе
Археолошки локалитети]
Градиште — населба од бронзено време;
Св. Богородица Пречиста – Раштани — старохристијанска базилика и средновековна црква со некропола;
Св. Никола — средновековна црква со некропола;
Страишта — утврдена населба од железно време.
Селска слава во с.Злести е Ѓурѓовден (6ти Мај).
Од спортот доста е развиен фудбалот, при што има фубалски клуб ФК Злести кој игра во Охридската општинска лига. ФК Злести има свој стадион „Горни-Лаг“ каде ги изигрува своите натпревари. Во изградба е новиот полигон за мал фудбал и други спортови (ракомет, кошарка, одбојка) во склоп на подрачното основно училиште.
Во Злести секое лето се одржува традиционален турнир во мал фудбал.
Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: од Ширговци иселеници има во САД и во Охрид ,од Миленковци иселеници има во Струга; од Ѓоршовци иселеници има во Охрид; од Рамбевци иселеници има во Струга; од Танасковци иселеници има во САД.
Родот Далчевци е иселен во селото Рудник, велешко во 1918 година, во Злести припаѓале на некој род.