Мешеишта — село во Општина Дебарцa. Селото се наоѓа на петнаесетина километри оддалеченост од Охрид и Струга.
Атарот на селото Мешеишта е лоциран во просторот на Охридско-Струшката котлина. Селото претставува административен дел на Општината Дебарца (според новата територијална поделба), иако тоа не припаѓа на географската област Дебарца. Се простира во подножјето на огранците на Плакенска Планина, која заедно со огранците на планината Караорман го одделува од областа Дебарца. Вкупната површина на селото изнесува 2.437,1 ха. Селото се наоѓа на надморска височина од 752 м. и во негова непосредна близина се наоѓаат висовите Орлово Гнездо (1126 м.), Стојанец (1130 м.) и Корита (1271 м.). Рамничарскиот дел на атарот му припаѓа на просторот Велјо Поле. Гранично административни простори на мешеишкиот атар се атарите на селата Волино, Требеништа и Ливоишта од јужната страна, Сирула од источната страна, Злести и Ботун од северната страна, и Климештани, Корошишта и Ливада од западната страна.
Котлинскиот простор на Мешеишта е ограден со планински страни и висови. Самата надморска височина (752 м.) покажува дека се наоѓа во планински простор кој претставува јужна огранка на Шарскиот планински систем. Тоа значи дека се работи за младо копно. Настанокот се врзува за олиго-миоценски движења познати како Алпскаорогенеза, а му припаѓаат на јужното Алпско орогено стебло. Оклоните планини се издигнати од синклиналната Тетис. Така издигнатите простори подлегнале на процесот на раседување. Долж таквите раседи се спушта и Охридската котлина во која е лоциран атарот на селото Мешеишта. Раседните линии во котлината се простираат по источната страна од Љубаништа кон Косел, по западната страна е Струшко-Старовскиот расед и низ централниот дел е Копарничко-Наумовскиот расед. Во непосредна близина на источната раседна линија, која се простира медитерански, се наоѓа оваа населба, со што зазема положба на изразена сеизмичност. Тоа не е одделно од сеизмичноста на Охридската котлина која што е и денес активна, но микролокацијата на Мешеишта зборува за нужност од водење сметка за овој геотектонски елемент.
По спуштањето, басенот влегол во езерска фаза во која постоеле два залива на неогеното езеро. Наслагите на езерските седименти во овие заливи се од плиоценска старост, а постојат и плеистоценски седименти. Просторот на Мешеишта бил дел на езерскиот залив, односно езерото го покривало овој простор во плиоцен и плеистоцен. По исполнувањето со вода настанал стадиум на интензивна ерозија на брановите. Абразивните подови и тераси, се забележани на различни висoчини од 720 до 1080 м. кб., што зборува дека овој простор бил под влијание на овие егзотени процеси.
Од флувно-денудационите појави треба да се истакнат планините. Тие настанале со таложење на наносниот материјал од преминот на планина во котлина. Вакви појави се присутни на четири места во непосредна близина на Мешеишта. Скорешната ерозија, во облик на урвини и буици, во голема мера е санирана 1900-тите години, преку пошумување на голите планински простори со црн бор, така што тие не се појави од континуелен карактер на овој простор.
Во минатото, Мешеишта претставувало административен дел од општините Охрид и Струга, додека со територијалната поделба од 1996 год., селото стана седиште на новоформираната општина Мешеишта. Подоцна, во 2004 год. општината Мешеишта е укината, т.е. присоединета кон општината Дебарца.
Мешеишта се одликува со богата историја. Најстариот археолошки локалитет во околината на селото е месноста Св. Илија, каде што се пронајдени остатоци од постарото железно време. На ова место се наоѓа мала, еднокорабна манастирска црква, која е посветена на св. пророк Илија
Според некои сознанија, старото име на Мешеишта било Дабово. Иако не постојат посебни истражувања за потеклото на денешното име на селото, најверојатно тоа е изведено од турскиот збор за даб – „меше“, што оди во прилог на претпоставката за старото име. Инаку, името на селото за прв пат се сретнува во турскиот попис на Охридската каза од 1582 год., и тоа како Мешевиште.
Уште во дамнешни времиња, Мешеишта имало големо стопанско значење за охридскиот крај. Така, во турските документи е запишано дека уште во 1491 год., во селото имало 6 воденици во посед на вакуфите. Исто така, во турскиот попис од 1582 год. е забележано дека селото било најголем производител на ‘рж во Охридската каза, со род од 1000 товари (150 тони). Исто така, во селото имало 312 свињи, со што тоа било на второ место во Охридската каза.
Денес, најзастапени стопански гранки во Мешеишта се: земјоделството (пченица, грав, пченка, пиперки, домати итн.), лозарството и овоштарството(јаболка, круши, сливи итн.). Во селото работи приватното претпријатие Мелница и пекарница „Илинче“, кое е основано во 1990 год. и денес покрива околу 40% од пазарот во охридско-струшкиот регион.
Според податоците од турскиот попис на Охридската каза од 1582 год., Мешеишта имало 56 христијански семејства, 3 самци, т.е. 283 христијански жители и 12 муслимански семејства и 1 самец, т.е 61 муслиман, односно вкупно 344 жители. Со тоа, Мешеишта било едно од поголемите села т.е. тоа било седмо по големина во целата Охридска нахија (која ги вклучувала и струшките села). Подоцна, во извештајот што австрискиот вице-конзул Крал го испратил во Виена во 1898 год. се вели дека Мешеишта имало 914 жители, сите Македонци, со што тоа било второ по големина село во охридско.
Според некои податоци во 1900 година, во Мешеишта имало 900 жители, сите Македонци.
Во 1905 г.во Мешеишта имало 1040 жители, а во 1961 г. Имало 1675 жители.Според последниот попис во 2002 г во селото Мешеишта има 779 жители.
Времето кога е основано денешното село нема точни податоци. Во селото најпрво живееле и Македонци-муслимани кои се иселиле од селото околу 1840 година, па во селото останале само Македонците христијани.
Македонски родови во селото се: Цељаковци, Крцовци и Тупанчевци потекнуваат од тројца браќа Цељко, Крцко и Тупан кои се доселиле од селото Папрадник (денес Голем и Мал Папрадник) кај Дебар,Калановци – доселени се од некое село Каланово во околината на Елбасан, во Албанија; Аврамовци – доселени се од селото Љубаништа; Николовци – за нив се вели „слегле од планина“ источно од Мешеишта, таму живееле во сега раселеното село Брезница; Ѓурчепци и Алексиевци они се деленици од родот Николовци; Јончевци – доселени се од сега пустото село Копрница кое се наоѓало на планинскиот дел од атарот на Мешеишта.
Родови од непознато потекло се: Ѓушиновци ; Ѓулуковци; Карамешковци; Стрезовци; Јончевци ; Бујаровци; Радичовци; Гашовци; Крстевци ; Тутуревци; Нечковци; Вичоровци; Полкаповци; Шулевци; Пискуловци и Поповци – потекнуваат од домазет.
Зачетоците на образованието во Мешеишта датираат во 1889-1890 год., кога е отворено егзархиско училиште и, оттогаш, во селото постојано се изведувала настава. Подоцна, во периодот 1912-1915 год., во селото работело српско школо со две паралелки и двајца учитела. Наставата на мајчин јазик започнала да се изведува по Втората светска војна, при што прв учител бил Михаило Пљакоски од Охрид.
Денес, во Мешеишта работи подрачното училиште во состав на ОУ Дебрца од с. Белчишта. Во подрачното училиште во Мешеишта се изведува настава од I-IX одделение. Дворот е асфалтиран, и има одбележани спортски терени, така што учениците имаат можност за реализирање на часовите по физичко и здравствено образование.
Во центарот на селото има споменик на паднатите борци од Илинденската епоха и од Народно-ослободителната војна. Во Мешеишта се наоѓа големата црква Св. Петар и Павле, чии царски двери датираат од XVII век, а се изработени од непознат зограф, кој веројатно е автор и на иконата на архангел Михаил. Во близина на селото се наоѓа малата, еднокорабна црква Св. Илија.
Цркви
- Црква „Св. Петар и Павле“- главна соборна и парохиска црква;
- Црква „Св. Илија“- главна манастирска црква на Мешеишкиот манастир. Камен темелник удрен на 2 јули 2002 а осветена на 6 септември 2015 година;
- Црква „Св. Никола“- камел осветена е во 1978 година;
- Црква „Св. Петка“;
- Црква „Св. Петка“ (крај патот);
Како селска слава на Мешеишта е големиот празник Петровден. Исто така, во црквичката Св. Илија се слави празникот Илинден, а во селото се слават и другите позначајни верски празници.
Во селото дејствува културно-уметничкото друштво Св. апостоли Петар и Павле. Исто така, почнувајќи од 1975 год., секоја година се одржува турнирот во мал фудбал „Петровден”- Мешеишта.
Печалбарството во Мешеишта започнало во втората половина на XIX век.