Мраморец се наоѓа во областа Горна Дебрца, сместено на падините на Илинска планина на надморска височина од 1030 метри. Мраморец граничи со охридските села Сливово, Турје, Арбиново и Слатино, како и со кичевското село Белица. Селото е сместено во клисурата на малата река Турјанка. До него води асфалтен пат и е оддалечено 9 километри од магистралниот пат Охрид-Скопје, 36 километри јужно од Кичево и 44 километри северно од Охрид. Атарот на селото зафаќа простор од 18,6 квадратни километри, а во него преовладуваат шумите (1.045 хектари), обработливото земјиште зафаќа 589 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 50 хектари.
Селото влегува во рамките на Општина Дебарца, која се создала во 2004, по спојувањето на поранешните општини Белчишта и Мешеишта. Во периодот 1996-2004 селото влегувало во рамките на Општина Белчишта.
Во периодот од 1965 од 1996, селото било во рамките на големата Општина Охрид.
Во периодот од 1952-1955 селото влегувало во рамките на Општина Сливово. Во Општина Сливово, покрај селото Мраморец, влегувале и селата Врбјани, Годивје, Лактиње, Арбиново, Сливово и Турје. Во периодот 1950-1952 селото се наоѓало во рамките на Општина Сливово, во која покрај село Мраморец припаѓале и селата Арбиново, Сливово и Турје.
До територијалната поделба од 2004 год., Мраморец припаѓало на општината Охрид, а оттогаш е дел од општината Дебарца. Инаку, една улица во скопската населба Влае 2 (дел од општината Карпош) го носи името „Мраморец“.
Мраморец своето име го добило по местото Мрамор.
Мраморец е старо село, со богато историско наследство: така, во неговата близина се наоѓаат остатоци од доцноантичка населба (во месноста Граишта/Кутлиње), доцноантичка топилница (во месноста Рупи), како и средновековна некропола (во месноста Мрамор).
Селото за првпат се споменува во турскиот попис на населението во Охридскиот Санџак од 1582 год., и тоа под името Мраморче. Во тоа време, селото имало 11 христијански семејства и 3 самци, т.е. вкупно 58 жители. Постојат повеќе (непотврдени) верзии за настанувањето на селото: според една, него го создале избегани жители од месноста Закамен, според друга, тоа настанало од избеганите жители на селото Белче (кое се наоѓало на оддалеченост од неколку километри), а според трета, создадено е од доселеници од прилепско. Веќе во XIX. век, Мраморец било прилично големо и развиено село. Така, според француски извори, во 1873 год., селото имало 50 домаќинства, со 135 машки жители. Австрискиот конзул Крал во 1898 год., во статистичкиот преглед испратен до Виена, наведува дека селото имало 444 жители. Во 1900 год., во Мраморец живееле 500 жители, а слични се и податоците од 1905год., според кои селото броело 536 жители.
Имајќи предвид дека Мраморец е типично планинско село, во минатото неговите жители се занимавале претежно со сточарство, одгледувајќи ситен добиток (овци и кози). Така, според некои кажувања, во златните години на селото (пред Втората светска војна), во него имало неколку илјади грла ситен добиток. Исто така, на планинските падини, селаните саделе житни култури (овес, ‘рж, леќа итн.), како и грашести растенија. За своите потреби, селаните произведувале млечни производи, волна, коноп итн. Благодарение на многуте извори и потоци, селото имало дваесет воденици.
Дури до средината на 1960-тите години, селаните живееле во автархични, натурални стопанства, задоволувајќи ги речиси сите свои потреби од сопствено производство. Најчесто, селаните оделе на пазар во Кичево, а поретко во Охрид и Струга. Помеѓу двете светски војни, голем дел од жителите оделе на печалба во Белград, во Софија, во Аргентина и во САД.
Наспроти сиромаштијата и големата заостанатост, Мраморец се одликува со тоа што е второто село во Дебарца (по Песочан) што добило струја. Имено, уште во 1956/7 год., селото имало мини-хидроцентрала, раководена од рускиот инженер Ервин Петрович, која со помош на една малечка турбина произведувала доволно струја за осветлување на домовите. Истата година, во селото била изградена и пилана, во која што биле вработени 20-25 селани, кои произведувале коцки за поплочување, паркет, бочви, штички за гајби итн. Пиланата работела до 1966година.
Во 1900 година, во Мраморец живееле 500 жители, сите Македонци, а во 1905 година во Мраморец имало 536 Македонци, егзархисти.
Мраморец е чисто македонско село и во минатото имало околу 120 куќи, а во 1951 година, селото имало 675 жители. Но, во средината на 1960-тите и почетокот на 1970-тите, жителите почнале масовно да се иселуваат во Скопје ,во Охрид, во Битола, во Струга и во Кичево. Пресудна улога во иселувањето на жителите имало укинувањето на железничката пруга. Така, денес, селото е речиси празно, со само неколку постојани жители:според пописот на населението од 2002 год., селото имало 91 живеалиште, и само 6 домаќинства со 8 жители.
Мраморец е чисто православно село. Денешното село е основано пред 220 години, од доселеници од разни краишта, како: Туин, Железник, Закамен и други места. Има и сосема иселени родови, за кои не може да се утврди дали се доселени или староседелци (од старото село Белче).
Родови во Мраморец се:
- Милошевци и Пејчиновци , кои потекнуваат од заеднички предок, а основачот на родот е доселен од селото Туин, Кичевско. Во Милошевци ја знаат следната генеологија: Вељан (жив на 62 год. во 1980 година) Деспот-Стојан-Симун-Деспот-Милош кој се доселил во селото;
- Миајлевци, а основач на родот бил свештеник; овој род потекнува од истото место како Милошевци и Пејчиновци (селото Туин);
- Тутунаровци, доселени се од некое село во Демирхисарско (Железник); на овој род му припаѓал Марко Тутунар, кој бил кмет на селото и поради тоа ја имал најубавата земја; овој род е многу смален поради иселувањето;
- Матевци и Пејовци имаат заедничко место на старина, а тоа е опустошениот град Закамен во Струшка Малесија;
- Младеновци потекнуваат од предок со потекло од некое село во околината на Параќин; според некои основачот на родот е доселен како заробеник по задушувањето на востанието во Србија, во 1813 година, а според некои, Младен залутал во селото како сточар и потоа Мраморчани го примиле кај нив, му дале земја и го ожениле за некоја од локалните девојки. Се знае следната генеологија: Китан (жив на 77 год. во 2018 година) Паун-Никола-Ристе-?-Младен кој дошол од Параќин.
Според истражувања од 1948 година, родови во Мраморец се:
- Староседелци:
- Перовци или Поповци – порано живееле во селото Белче; куќите им се во Горно Маало, а ги слават Св. Атанасији Митровден;
- Милошевци – порано живееле во селото Белче; куќите им се во Горно Маало и го слават Митровден;
- Николовци – порано живееле во селото Белче; куќите им се во Долно Маало, слават Св. Никола;
- Јанчевци – порано живееле во селото Белче; куќите им се во Долно Маало, слават Св. Никола;
- Коломановци – порано живееле во селото Белче; куќите им се во Долно Маало, го слават Св. Никола;
- Настовци – куќите им се во Долно Маало, а го слават Св. Никола;
- Пејчиновци – од селото Белче; Пејчин се иселил во кичевското село Туин, но по 70 години, неговите потомци се вратиле во Мраморец; куќите им се во Горно Маало, а го слават Митровден;
- Нејковци – од селото Белче; Нејко заедно со Пејчин се иселил во Туин, но потоа и тие се вратиле во Мраморец; куќите им се во Долно Маало, а го слават Св. Никола.
- Доселеници:
- Севдовци – доселени се во 1846 година од селото Лешани; во Мраморец дошол дедото на Ристе (жив на 72 години во 1948 година,) заедно со неговиот брат Наум; Во Лешани се доселиле од Белица, Копачка, а во Белица се доселени од околината на Параќин; денес се познати под името Младеновци;
- Матевци и Пејовци – доселени се од раселениот град Закамен, Малесија за кој не се знае точно каде се наоѓа, т.е. „дали одавде, али оданде Дрим“;
- Недевци – доселени се во 1878 година, од раселеното село Тројани.
Во селото постои изборно место бр. 1330 според Државната изборна комисија, кое е сместено во с.Мраморец с.Мраморец.
На референдумот во 2018 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 2 гласачи.
Во Мраморец, уште во 1905 год., постоело бугарско егзархиско основно училиште, во кое учеле 36 ученици. Исто така, меѓу двете светски војни, во селото имало мало училиште, во кое учениците учеле до четврто одделение. По Втората светска војна, во 1948/9 год. е изградено ново училиште, кое работело до почетокот на 1978 год. Денес, во близина на селото, на надморска височина од 1 145 метри, има РТВ предавател.
За време на прославата на празникот Илинден, на 2 август 2008 год., во селото се одржа поетската манифестација Родословни извори, со учество на неколку познати македонски поети. Во рамките на поетското читање беше доделено признанието Почесна водарка.
Во источниот дел на Мраморец се наоѓа селската црква Св. Никола, која се градела од 1846 до 1886 год., а целосно е завршена во 1909 год. Црквата е со големи димензии, изградена е од кршен и делкан камен, со седумстрана апсида на исток (целата од бигор), со слепи аркади на местото каде што се наоѓала една мала постара црквичка чија старост не е утврдена. До летото 2011 година, црквата се одликувала со сиромашен фрескопис и иконопис, но тогаш, таа била целосно насликана со фрескиВо црквичката може да се забележат неколку стари, но потполно уништени, икони.
На неколку километри пред селото, во месноста Белче, постои мала црквичка (изградена во 1982 год.), која исто така се вика Св. Никола, подигната на темелите на црква од првата половина на XVII век. Веднаш до црквичката се наоѓаат остатоци од стари надгробни споменици.
Во непосредна близина на селската црква се наоѓа едноставен споменик на 13 жители кои загинале за време на Втората светска војна. Во однос на природните карактеристики, селото се наоѓа опкружено со планини и непрегледна дабова и букова шума (во повисоките предели), со безброј благи планински ливади и многу извори и поточиња. Попознати локалитети во околината на селото се: Рамништа, Рамнигос, Мрамор, Присој, Острец, Нишалка, Граишта, Утогла, Белче, Опаленик, Волчоречиште, Црвени Клајнци, Темни Дол, Кутлиње, Селиште, Јаор, Плевење, Сама Бука, Старцине, Скакало, Лештишта, Јачмишта, Гина Падина, Друмон итн.
Традиционална селска слава во Мраморец е празникот Св. Никола летен, кој се празнува на 2 јуни, на денот на Св. Маченик Талалеј. Исто така, во селото се славеле и големите христијански празници – Св. Никола и Водици. Најпосле, секоја година, селото го слави и националниот празник Илинден.
Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948 година:
- од Перовци или Поповци има иселеници во Софија, Бугарија, во Демир Хисар, во битолското село Логоварди и во прилепското село Славеј ;
- од Милошевци има иселеници во Козица, Копачка и во Скопје;
- од Николовци има иселеници Големо Црскоили во Мало Црско;
- од Јанчевци има иселеници има во Софија , во Струга и во Криволак, Тиквеш;
- од Настовци има иселеници во Битола;
- од Пејчиновци има иселеници во Софија, во Видин, Бугарија, во САД, во Кичево, во Демир Хисар и во Логоварди;
- од Матевци има иселеници во Разград, Бугарија и во Битола;
- од Пејовци има иселеници во Аргентина;
- од Недевци има иселеници во Софија и во Битола.