Select Page

Оровник — село во југозападниот дел на Македонија, оддалечено на точно 7 км од најпознатите туристички градови во Македонија, Охрид и Струга, расположено точно покрај Охридскиот Аеродром. Селото има погодна местоположба со поглед кон Охридското Езеро, а покрај него поминува еден од најважните магистрални патишта во Република Македонија – патниот правец Охрид-Скопје. Со новата територијална поделба од 2005 година, атарот на селото е поделен на две општини (единици на локална самоуправа) Охрид и Дебрца.

За името Оровник егзистира следново предание. Кога Отоманската империја го зазела овој крај, населението се побунило. За одмазда Турците с. Требеништа го истребиле, с. Горенци го изгореле, а селото Оровник, затоа што водачот на народниот отпор бил од него, го изгореле, а потоа го изорале. Оттогаш селото го носи денешното име, како и соседните села што ги носат тие имиња.

Постои и други кажувања за името. Едното е дека на ова подрачје имало многу ореви од каде што селото го добило името. Другото е дека, село со исто име, Оровник, има на источниот брег на езерото Мала Преспа, во Леринско, Егејска Македонија. И тоа било мала населба која настрадала за време на граѓанската војна во Грција. Неговите жители биле насилно протерани од родните огништа, а подоцна во неговиот атар грчката власт населила бегалци од Пинд, кои дотогаш живееле во с. Винени. Има забележани искажувања дека првите во Оровник биле доселени од леринското село Оровник и затоа на новата населба и го дале истото име, Оровник. Ова како и претходните искажувања досега не се научно докажани. Оровник е стара македонска населба. До 1953 година било стуткано на падините од Чука и Св. Петка со сосема мал број на куќи под селската црква.

Општествениот живот во тоа време главно се одвивал кај чешмата, на сретсело, во продавницата, во Управата, младинскиот дом, во црквата и кај ковачницата. Ширењето на селото започна во 1954 година , после поројните дождови и поплавата. Денес селото Оровник е современа населба. Исполнет е просторот од Горна Маала па се до магистралниот пат Охрид – Кичево. Сите Улици низ селото се асфалтирани, има водовод, а во тек е поставувањето на канализациона мрежа која ќе го поврзе Оровник во колекторскиот систем.

Подрачјето на КО Оровник не е досега систематски испитувано и не се вршени специјални ископувања. При случајни ископи најдени се остатоци од предмети и некрополи. Во непосредна близина се локалитетите Горенци и Требеништа. На југоисток од оровничкиот синор, до манастирот Св. Еразмо се протегала населба или повеќе населби под името Хермелеја, од која се регистрирани локалитетите: Свети Еразмо, Габавски Рид, Чекоштина, Патерица и Козлук. Меѓу овие два простора, Горенци – Хермелеја не можело да нема живот, односно населби. Присутно е преданието дека од месноста Кулиште во Оровник, па се до Градиште, Требенишко Кале постоел пат кој поминувал: Кулиште – Тројанско Поле – Тројани – Чука – Градиште. И денес има контури од тој пат. Од предметите при случаен наод во 1958 год над самото село во Заводот за заштита на спомениците од културата и Народниот музеј од Охрид е регистрирана една обетка која потекнува од VII и VIII век. Северозападно од селото, во долот Лескоец на неколку места се регистрирани керамички цевки кои се поставувани во правец кон изградените терми. Во месноста Под Лозја, на самата раскрсница на патот Кичево – Охрид и селскиот пат од с. Оровник за с. Мислешево во 1957 год откриена е Илирска некропола. Во локалитетот Селиште на 2,5 км југоисточно од Оровник има купишта од камења од објекти, како и остатоци од два бунари за вода. Во југозападниот дел на овој локалитет има остатоци од едно – корабна црква со ѕидови широки 90 см. Јужно од црквата се протегала некропола која датирала од Средниот развиен век. Меѓу населението од Оровник кружи предание дека токму тој локалитет било старото Оровник, а има и свое предание како било уништено. На овој локалитет во 1953 година пронајден е прстен од месинг. Во локалитетот Корија – Манастириште, кој се наоѓа на 1 км источно од селото Подмолје има остатоци од сакрална градба и оградено е со суви ѕидови што наведува на тоа дека се работи за манастирски комплекс.

Локалитетот Тројани се наоѓа во подножјето на Тројанска Чука, одалечено 2,5 км источно од Оровник. Месноста е котлина во која било поранешното село Тројани. Таму се и изворите од каде селото Оровник се снабдува со вода за пиење. Северно од изворите се наоѓа некропола од античкиот период. Во 1958 год откриени се неколку гроба во кои се пронајдени една кама и грниња. На локалитето Вишово има остатоци од камења, а во 1938 биле пронајдени повеќе гробови. Карактеристична архитектура за Оровник е куќа со приземје, ќерал, и еден кат. Во приземјето била сместувана стоката, просторијата за стоката се вика пондила, зимницата, дрвата за огрев, алатите за работа, со еден збор како магацин. На катот има две или повеќе простории и голем чардак. Во една од просториите задолжително има огниште. Тука се приготвувало јадењето, се обработувало млекото, се јадело и служело за дневен престој. Другите простории или одаи биле за спиење, спални соби. Подот од катот е послан со дрвени платици, а преку нив е послана земја, а поретко биле ставани подови од јасикови штици. Чардаците се големи, заградени со штици. На нив или под нив, во ајатот, се чувало есенското семе, пченка, тикви , кромид, суви пиперки итн. Летно време луѓето на чардакот се одморале за време на пладневниот одмор. Внатрешната фасада е од кал, а поретко од вар и песок. Тоалета нема во внатрешноста на куќите. Од градежен материјал се користи: камења за темелите и цоклето, поретко целото приземје, плиќе – тули од кал, дрво, покрив од слама ‘ржаница или со турски ѓерамиди. Асеизмички куќите биле зајакнати со дрвени појаси, отприлика на секој метар височина и поврзување на гредите, чатмите и диреците со дрвени чивии. Близу до куќата има плевна и кошара, пред кои има големо гумно. Современата архитектура во Оровник датира од 1963 година навака. Народната носија во оровник и Подмолје е иста како и во соседните села Горенци, Требеништа, Мешеишта, Волино и Мислешево. Таа е иста со носиите на Струшките полски села. Особено богата е женската носија. И машката и женската носија се изработени од домашна рачна изработка од: платно, клашни и предива. Машката носија се состои од: бечви, џамадан и шут џамадан, сите во природни бои, исто како материјалот. Рабовите од облеката и другите честоупотребувани делови, како џебовите и околу вратот се украсуваа со гајтан или со оптока од волна. За зимно време се употребувало и гунче, а за сточарите гуна. Како обувки се користеле опинци од свинска кожа, волнени чорапи, а зиме објала. Преку половината мажите носат широк шарен, најчесто црвено-бел, појас кој на краевите завршува со реси. Капите порано биле округли, а потоа се заменети со капи со качкет. Женската народна носија се состои од: здолница, кошула, елек, ракави, клашеник, појас, поманики, скутина, туљбен, марама, шамија, сокајче, чорапи и опинци. И оваа носија е рачно изработена и украсена со народни мотиви.

Во с.Оровник се следниве цркви:

Црквата св.Илија -Црквата се наоѓа на Средсело. Црквата е посветена на пророк Св. Илија, а е изградена во 1927 година. Подигната е на темелите на стара црква која била изградена во „турско време“, а била, во сводот, три скали под површината на земјата.Изградена е за 700 златници, наполони, а ја граделе мајстори од с. Вевчани. Фреските и живописот се дело на зографот Доне Донески. Осветувањето на црквата е извршено во 1929 година.Црквата за своите потреби и потребите на верниците има современа трпезарија во кругот на црквата. Црквата е отворена за верниците секоја недела и за верските празници. Богослужба има за Илинден и поголемите верски празници, како што се Божик, Водици, Велигден и др. Традиционално секоја година на празникот Водици, во водите на Охридското езеро, кај Оровничка плажа, се фрла крстот.

Манастир Св. Петка-Од памтивек малото изворче кое се наоѓа во шумата на Св. Петка го носи нејзиното име. Оровничани од секогаш оделе таму и оставале подароци. Во почетокот на 80-тите години од минатиот век по иницијатива на оровничанката Цара Ѓорѓиевска, подигнат е привремен објект на манастирот и извршено е каптирање на лековитата вода од малото изворче.

Денес благодарение на сестраната помош од: жителите на село Оровник, помошта од верниците од околните села и градови, од нашите сонародници од европските и прекуокеанските земји, од многуте спонзори, од фирми и општините Охрид, Струга и Дебарца, направено е многу. Изградени се манастирска црква и конаци, асфалтиран е патот од с. Оровник до манастирот Св. Петка во должина од 1,5 км., донесена е вода за пиење од водоводниот систем „Тројани“, средена е околината околу црквата и конаците итн. Осветувањето на манастирската црква е извршено на празникот Св. Петка, на 08 август 1999 година. Осветувањето го изврши Архиепископот на Дебарско-кичевската епархија г-дин Тимотеј со своите свештено служители. Во манстирот од неговото осветување постои и „Појас“ кој го носат жените кои не можат да имаат пород. До денес многу жени го добиле своето чедо благодарение на Светиот Појас од манастирот Св. Петка од с. Оровник. Богослужба во манастирот Св. Петка има на ден 08 август, на празникот Св. Петка. На овој ден има и голем Црквено-народен собир, а манастирот за сите посетители дава ручек.

Манастирот Св. Недела-Во местото викано „Капеш“, веднаш над селото Оровник, на патот кој води за „Тројанско поле“ и соседното село Лакочереј, се наоѓа месноста „Лекојта Вода“. На ова место од памти век постои изворче со лековита вода, богата со минерали. Ова место уште од порано меѓу населението било познато како „Св. Недела“.

Во 90-тите години од минатиот век, на иницијатива од оровничанецот Крсте Б. Нелоски Богослужба има за празникот Св. Недела, на 20 јули секоја година. Спроти празникот Св. Недела, вечерта на „заслогот“ има голем Црквено – народен собор, кој секоја година е посетен од многубројни верници од целата држава. На самиот празник, на Св. Недела, 20 јули, има богослужба, а манастирот за сите посетители дава ручек

Светиот крст-Во месноста „Умалиште“, помеѓу двата селски пата кои водат, едниот кон аеродромот и другиот кон месноста „Лескоец“, на самата ширина, во 2000 год (27 септември 2000 год.), на почетокот на Новиот милениум и 2000 години од Христијанството, подигнат е „Свет Крст“. По иницијатива на оровничаните, браќата Богоја, Душан и Иван (Сидорови) Јолакоски заедно со својата фамилија, потпомогнати од жители на с. Оровник и верници од околните места подогнат е околу 10 метри висок крст од метална конструкција. Крстот е осветлен, така што тој ноќе може да се забележи од магистралниот пат Охрид- Кичево, од соседната Струга и од селата во Струшкиот регион. Светиот Крст е посветен на „Воздвижение на Светиот Крст“. Осветувањето на „Светиот Крст“ е извршено на 27 септември 2001 год. Осветувањето го изврши митрополитот Дебарско – Кичевски г. Тимотеј, со своите свештено служители. Богослужба има на празникот Крстовден на 27 септември. На овој празник секоја година оровничани и останатите посетители го посетуваат Светиот Крст на церквено-народен собир, каде што „Светиот Крст“ дава мала закуска за сите посетители

Св. Никола – Чекоштина

Параклис поставен во месноста „Чекоштина“ во место викано „Карпа“ до локалитетот „Козлук“. Постои иницијативен одбот за изградба на комплетен храм посветен на Св. Никола.

Според пописот од 2002 година, во селото Оровник живеат 440 жители, сите Македонци.

Селото Оровник е македонско православно село. Сите родови во селото се доселенички, најстари родови во селото се Мијаковци и Неловци кои се доселиле во ХVIII век, потоа дошле и други.

Родови во Оровник се:

  • Мијаковци-доселени се од мијачкиот крај, поточно од селото Галичник, од Галичник тие најпрво дошле во некое село во Дебарца, па потоа дошле во Оровник;
  • Неловци- доселени се од селото Лактиње, во Лактиње дошле од селото Присовјани, а во Присовјани од каде дошле не се знае точно, прв кој дошол во Оровник бил Нело и по него цел род е Неловци;
  • Цветковци- доселени се од селото Сошани, Дебарца, во овој род се знае следната генеологија Владо (жив на 52 год. во 1980 година) Атанас-Трифун-Мирче-?-Цветко кој се доселил, тие имаат роднини во селото Сошани;
  • Јолаковци- доселени се од селото Коњско ја знаат следната генеологија Живко (жив на 31 година во 1980 година) Илија-Димитрија-Јолак предокот кој се доселил;
  • Даљчевци- доселени се од селото Злести, Дебарца;
  • Митревци- доселени се околу 1950 година од селото Слатино, Дебарца;
  • Бомболовци- и Таневци- некогаш чинеле еден род, брачни врски и сега нема помеѓу овие два рода, доселени се од селото Лин, Албанија, во селото Ливоишта имаат роднини Трифуновци;
  • Секуловциили Бамболовци -доселени се од некое село во околината на Лерин, од Леринско најпрво се населиле во селата Лактиње и Слатински Чифлик, во Слатински Чифлик останал еден дел од родот од нив таму се Китевци.
  • Мартиновци- доселени се од преспанското село Герман, тие од Герман најпрво се населиле во Ѓавато, таму останува дел од родот, а другиот отишол поназапад, тие од Ѓавато најпрво се населиле во Црвена Вода, од Црвена Вода отишле во Орман, а од Орман се населиле во Оровник, најстара личност за која се знае е Ристо; и
  • Мојсовциили Лошковци – по потекло се од Дебарско, од Дебарско најпрво отишле во Струшка Малесија, а од таму во Лешани, од Лешани во Подмоље и на крај околу 1912 година се населиле во Оровник.

Основно училиште „Дебарца“ до V одделение, подрачно училиште на ОУ „Дебрца“ – Белчишта.