Select Page

Слатински Чифлик е село во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во околината на градот Охрид. Селото Слатински Чифлик се наоѓа во областа Дебарца, во подножјето на Илинска Планина.

Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.

Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Издеглавје, во која покрај селото Слатински Чифлик, се наоѓале и селата Издеглавје, Оздолени, Слатино и Сошани. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на некогашната Општина Слатински Чифлик, во која влегувале селата Издеглавје, Оздолени, Слатино, Слатински Чифлик и Сошани.

Според податоците од преданијата и историските записи Слатински Чифлик е младо село кое било основано во 1880 година од страна на Шаќир-бег кој живеел во Битола и Дебар, а тука на атарот на соседното село Слатино населил 4 семејства. Чифликот се распаднал веднаш по завршувањето на Првата светска војна, а обработливото земјиште кое зафаќало површина од околу 100 хектари (1 хектар е „три кила семе“) ја купиле жителите на ова и соседните села Слатино и Оздолени.

Во 19 век, Слатински Чифлик се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство.

Во 2013 година, селото се нашло под опасност да биде потопено, откако напукнал земјениот насип на Слатинското Езеро, изградено во 1963 година, кое се наоѓа на само 2 километри од селото.

Според податоците од 1900 година, во селото Слатински Чифлик имало 40 жители, сите Македонци христијани, а во 1905 година во Слатински Чифлик имало 40 жители.

Според пописот од 2002 година, во селото Слатински Чифлик живееле 11 жители, сите Македонци.

Во 2013 година се проценувало дека останале само четворица жители.

Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, во селото живееле следните 14 домаќинства и во секоја куќа имало минимум 6 членови.

  1. Петре Стојаноски (7 членови).
  2. Ристо Стојаноски (10 членови).
  3. Целе Петрески (10 членови).
  4. Арсе Иљоски (8 членови).
  5. Наум Иљоски (9 членови).
  6. Тодор Иљоски (6 членови).
  7. Ристо Војнески (6 членови).
  8. Темелко Китески (9 членови).
  9. Ките Китески (12 членови).
  10. Неде Китески (11 членови).
  11. Ристо Китески (12 членови).
  12. Кочо Трајчески (18 членови).
  13. Темелко Слиоски (9 членови).
  14. Арслан Метоски (7 членови).

Во 2008 година во селото живееле само 3 жители тоа биле: Јордан Кочоски, Божин Петрески и Трајче Китески.Во селото Слатински Чифлик живеат исклучиво родови на Македонци од православна христијанска вероисповед, и тоа: Китевци (слават Митровден) се најстарите доселеници кои дошле од областа Железник (село Брезово), при што најпрвин се населиле во селото Издеглавје, а потоа дошле овде. Се знае следниот родослов: Милан (жив на 65 години во 1971)-Неде-Велјан-Ките, при што споменатиот предок Велјан околу 1880 г. се доселил од Издеглавје во СлатинскиЧифлик; Петревци (слават Свети Никола) се доселиле од Белчишта после Китевци; Иљовци (слават Свети Ѓорѓи) се доселиле од Сошани каде биле старинци, во исто време со Петревци; Србиновци дошле од Сливово во Горна Дебарца во 1922 година.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Слатински Чифлик се:

Китевци , доселени се од селото БрезовоЖелезник во 1840 година, најпрво во Издеглавје, па во селото Слатински Чифлик; Стевчевци или Петревци , доселени се во 1878 година од селото Белчишта, каде припаѓале на родот Стевчевци; Иљовци, доселени се во 1903 година од селото Сошани; Шулевци или Војневци, доселени се во 1903 година од селото Оздолени, каде припаѓале на истоимениот род; Димовци, доселени се во 1920 година од селото Сливово, каде припаѓале на родот Димчевци.

Роми: Таировци , доселени се во 1928 година од селото Оздолени, како ковачи. Пред тоа живееле во селото Оздолени, а уште порано во селото Издеглавје.

Црква „Св. Богородица“ — главна селска црква, изградена во 1997 година

Родот Ратајковци е иселен во Слатино околу 1898 година, Секуловци се иселени во Оровник, а по потекло биле од Лактиње.

Во Охрид и Охридско се иселиле 39 фамилии: од Арсланоски (три фамилии), Војнески (три фамилии), Иљоски (девет фамилиии), Китески (седумнаесет фамилии), Петрески (седум фамилии).

На други места се иселени: Иљоски (девет фамилии во Скопје, и една во Кичево), Китески (две фамилии во Скопје, една во Кичево, една во Подмоље, и една во Кралево), и од Петрески (две фамилии во Струга, и една во Скопје).

Меѓу првите иселеници од ова село се вбројуваат: Славе Петрески (Мучоски) во Струга, Миладин и Трајан Иљоски во Скопје, Круме Китески во Кичево, Душан Китески во Кралево, и Миле Китески, Петре и Иван Иљоски, Ристо Иљоски и Левко Иљоски во населбата Ѓорче Петров (Скопје), и др.

Од Слатински Чифлик, печалбарството помеѓу двете светски војни воглавно се одвивало во Аргентина и САД.

Од селото Слатински Чифлик во Аргентина на печалба заминале:

  1. Јонче Ристов Китески (1925 година) – не се вратил.
  2. Мицко Ристов Китески (1930 година) – не се вратил.
  3. Величе Темелков Димоски – се вратил.
  4. Ламбе Целев Петрески – се вратил.
  5. Тодор Димов Иљоски – се вратил.

Во САД на печалба заминале:

  1. Ристо Вељанов Китески – се вратил.
  2. Јордан Стојанов Петрески – не се вратил.

Во денешно време во странство сигурно се знае дека се наоѓаат следните жители на Слатински Чифлик со нивните семејства.

  1. Арсланоски Дестанов Смаил во Австралија.
  2. Димоски Величев Трајан во Канада.
  3. Иљоски Бошков Драге во Италија.
  4. Иљоски Бошков Тоше во Италија.
  5. Иљоски Миладинов Зоран во САД.
  6. Иљоски Миладинов Благоја во САД.
  7. Китески Радев Илија во Австралија.