Select Page

Сливово — село во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во близина на патот Кичево – Охрид

Во околината на селото имало многу Сливи, и отука дошло името на селото Сливово, или Сливоо, по месниот дијалект.

Селото Сливово се наоѓа во областа Дебарца, на северозападните падини на Илинска Планина. Оддалечено е 30 километри јужно од Кичево и 37 километри северно од Охрид. Атарот на селото Сливово граничи со атарите на следните села: од западната страна со селата Врбјани и Годивје, од северната страна со селата Малкоец и Јудово, од источната страна со селото Турје, и од јужната страна со селата Мраморец и Арбиново.

Месностите во атарот на селото се следните, во шумскиот дел на селото: Капалиште, Храсјен, Турјанска чешма, Попој нивје, Ќосарица, Голак, Спаси камен, Калуѓерец, Мачерник, Фурна, Али чука, Папрадиште, Црни врв, Топачери, Мајчи круша, Преспол, Милошев рид и Кочерид.

Во деловите каде има обработена земја се месностите: Попоа водејнца, Лениште, Клодорама, Св. Никола, Странка, Брце ( горно и долно), Гола глава, Лагон, Турски кладенец, Длага, Слогојне, Трапишта, Бел пат, Кошари пелиор, Врчало, Камен, Печи Змија, Гуска и Осоји.

Куќите во селото се од збиен тип, и во селото има 3 маала: Горно, Долно и Средно маало

Селото за прв пат се спомнува во пописниот дефтер од 1582 година, кога припаѓа на Охридскиот санџак, нахија Дебарца. За претходна локација на селото се спомнува дека била во месноста Св. Никола, која лежела југозападно од денешната положба на селото, но поради турските пљачкаши селото најпрво се поместило во месноста Јакоски куќи. Таму Сливово се наоѓало околу 1800та. Но поради пљачкаши и од таму се поместила, па селото е преместено на денешната местоположба.

Во текот на своето бурно минато, селото е на 2 пати палено до темел. Во текот на Илинденското востание во селото се запалени 70 куќи,  плевни, 1 воденица, 1 црква и 1 училиште.

Според податоците од 1873 година, селото имало 80 домаќинства со 218 жители христијани (Македонци).

На 11 септември 1944 година во Сливово била формирана Првата македонско-косовска ударна бригада.

Според податоците од 1900 година, во селото Сливово имало 400 жители, сите Македонцихристијани, а  во 1905 година во Сливово имало 480 жители.

Во селото Сливово живеат Македонци припадници на православната вероисповест. Во селото има и староседелски и доселенички родови.

Староседелски родови се: Биљановци, и Смилевци.

Доселенички родови се следните:

  • Дуртановци- доселени се поради убиство од некое село во околината на Гостивар.
  • Распоповци- не го знаат местото од каде се доселиле.
  • Белчевци- се доселени од сега веќе раселеното село Белче кое постоело во атарот на селото Мраморец.

Според истражувањата  во 1948 година родови во селото се:

Староседелци: Митрушковци, живеат во Горно Маало, слават Варвара и Преображение; Ѓурковци,живеат во своето маало, слават Варвара и Преображение,  Вељановци или Прензовци, живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Распоповци, живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Смилевци и Богдановци  се еден род, живеат во свое маало, слават

Варвара и Преображение; Шолаковци или Аврамовци, живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Чалевци со Димчевци и Андревци, и Белчевци се еден род, и живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение.

Со непознато потекло се; Димчевци и Симоновци се два посебни рода, некои за нив велат дека се староседелци и далечни деленици од некои од староседелските родови, живеат во свои краеви во селото и двата рода слават Варвара и Преображение.

Селото влегува во рамките на Општина Дебарца, која се создала во 2004, по спојувањето на поранешните општини Белчишта и Мешеишта. Во периодот 1996-2004 селото влегувало во рамките на Општина Белчишта.

Цркви во селото Сливово се:

  • Црква „Св. Атанасиј“- главната селска црква;
  • Црква „Св. Никола“;
  • Црква „Св. Варвара“- најновата селска црква. Камен темелник удрен на 26 јули 2015 година;

Археолошки локалитети во Сливово се:

  • Брце- црква и некропола од ран среден век;
  • Горица- црква од ран среден век;
  • Еленишта-населба среден век;
  • Јаковски Куќи- населба од ран среден век;
  • Ковачница- топилница и ковачница од среден век;

Во селото е родот Ќосевци, Родовите Тасевци и Маљуковци  се отселени во Тајмиште. Во селото Десово се отселени родовите Мицковци и Петковци (2 к.), првите доселени таму 1923 година, а вторите 1925 година. Во селото Дупјачани е родот Сливовци доселен таму 1926 година. Во селото Врбјани е родот Дошлаковци, таму отселени 1850 година. Во Ново Село е родот Прензовци, во Ново Село се населиле средината на XIX век. Во селото Велмеј е истоимен род и во Слатински Чифлик е родот Србиновци отселен таму 1922 година.

После втората светска војна населението почнува да се иселува во градовите и селото Љубојно. Иселеници има во: Охрид,  Скопје , Кичево, Струга, Битола и Прилеп. Во Љубојно се отселени Јовановци во 1950-тите и на многу други места. Надвор од Македонија иселеници има во Австралија.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: Од Митрушковци иселеници има во Бугарија , САД, Битола , Прилеп, Десово, прилепско, и во Дупјачани, прилепско; од Ѓурковци иселеници има во Бугарија, САД и во Глогоњ, Војводина; од Распоповци иселеници има во Бугарија и во Глогоњ, Војводина; од Смилевци иселеници има во Турје, Годивје, Козица, кичевско , Охрид , Десово, прилепско  и во Белград; од Богдановци иселеници има во Охрид , и во Бугарија, од Шолаковци иселеници има во Десово, Прилепско и во САД ; од Чалевци иселеници има во Бугарија , и во Аргентина; од Димчевци иселеници има во Слатински Чифлик , Десово, прилепско , и во Прилеп; од Симоновци иселеници има во Логоварди, битолско, Беровци, прилепско, Дупјачани, прилепско , Глогоњ, Војводина и во Бугарија.

Родот Распашновци иселени се во Граиште, Железник во 1857 година.