Денес во просториите на општина Дебрца, претставниците на телото за управување со ИПАРД фондовите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во рамки на едукативната кампања за ИПАРД Програмата 2014 – 2020, се одржа инфо дево за мерката „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ од ИПАРД 2.
Мерката предвидува вкупна поддршка од 16,5 милиони евра за инвестиции во алтернативно земјоделско производство, производство на прехранбени производи и пијалоци, алкохолни производи од грозје или овошје и пиво, пекарски производи, зачини, билки, чаеви, слактоводна риба.
Мерката поддржува и инвестиции во занаетчиски дејности, услуги во земјоделството и за руралното население, во руралниот туризам и во непрехранбени производи, апликантите треба да бидат физички лица кои живеат во руралната средина или таму имаат регистрирано некаква дејност. Правните лица, пак, кои сакаат да добијат поддршка, треба да бидат евидентирани во Централниот регистар.
Физичките лица кои предлагаат нови инвестиции во руралните области се прифатливи за поддршка само ако поседуваат докажани професионални способности преку стручно образование (обука или признат сертификат) за одделна стопанска или нестопанска дејност.
Подносителите на барања треба да се обврзат и дека до крајот на инвестицијата, пред да се поднесе конечното барање за исплата, ќе имаат регистрирано занаетчиска или угостителска дејност или дејност на трговец поединец.
Според мерката, помош може да добијат и лица чии инвестиции поддржуват економска одржливост што ќе се проценува врз основа на деловниот план или техничкиот предлог проект, а апликантот треба да покаже континуитет на работењето најмалку пет години од реализација на инвестицијата.
– За овој повик мора сите апликанти да имаат целосна документација согласно упатството уште при поднесувањеето на барањето. Поддршката ќе се одобри само за барателите со комплетни и соодветни апликации. Барателите на финансиската поддршка не смеат да ја почнат инвестицијата пред да потпишат договор за користење средства со агенцијата со исклучок на активностите поврзани со општите трошоци, како што се изработка на деловен план, физибилити студија, проектна документација.
За време на средбата се напомена дека кофинансирањето ќе биде до 65 отсто од вредноста на инвестициите, а финансиската поддршка е неповратна.
Крајниот рок за поднесување барања е 18 ноември.
Повикот за мерката „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“ е прв објавен оваа година.