Градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески од проектниот координатор Ѓоко Зороски прими во трајно владение две нови автобуски постојки во селата Белчишта и Ботун. Постојките информираат за Белчишкото Блато, кое е природен бисер во овој дел од државава. Со оваа активност Општина Дебрца се вклучува во одбележување на Светскиот ден на блатните живеалишта, кој оваа година се слави под мотото: Блатните живеалишта и биодиверзитетот.
Целта на оваа инфраструктура е остварување, унапредување, промоција и поддршка на активностите на проектот “Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишкото Блато (Сини Вирој)”, кој го спроведува здружението „Екотуризам 2016“, Охрид и канцеларијата на UNDP, Скопје и е дел од проектот “Подобрување на управувањето со заштитените подрачја”, финансиран од ЕУ, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Наскоро на овој локалитет ќе бидат поставени и фото-замки – камери со кои постојано ќе се следи живиот свет, а посебно крупните цицачи и птиците.
Во идниот период со сите засегнати чинители ќе се работи за прогласување на блатото за заштитено подрачје на национално ниво, а блатото е веќе идентификувано како идно европско заштитено подрачје во рамките на мрежата НАТУРА 2000.
За љубителите на природата, во рамките на проектот е снимен документарен филм кој може да се погледне на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=KetAa_XrV4c&t=16s