Денес (09/12/22, Петок) во општина Дебрца, градоначалникот Зоран Ногачески оствари работна средба со Министерот за животна средина и просторно планирање г-дин Насер Нуредини.
За време на средбата градоначалникот Ногачески, го информираше министерот за текот на активностите од спроведувањето на еден од позначајните проекти, на територијата на општина Дебрца и воопшто во Охридскиот регион, заштитен од УНЕСКО , “Реставрација на река Сатеска и пренасочување во нејзиното природно речно корито.”
Со проектот се предвидува реставрирање на природното речно корито на река Сатеска со цел да се пренасочи најчесто повторуваниот протек од 15 m3 /s во нејзиното природно корито, што се влева во река Црн Дрим и заштита и намалување на таложењето на наносот во речното корито, со предвидување на антиерозивни мерки и таложник за собирање на наносот.
Се дискутираше и за изнаоѓање решение и дополнителни средства за целосно расчистување на речното корито низ територија на општина Струга, до влевање на реката Сатеска во Црни Дрим.
Исто така министерот имаше можност и од блиску, теренски, да го види досега сработеното.
За потсетување, решавањето на проблемот со река Сатеска е нотиран во 19-те препораки на Реактивната мисија на УНЕСКО за Охридскиот регион.
Од тие причини, преземањето на конкретни активности, макар за почеток и парцијални за решавање на проблемот со река Сатеска е чекор напред во исполнувањето на препораките за зачувување на заштитениот статус на Охридскиот регион.
Проектот се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите Нации ( УНДП ) и Министерството за животна средина и просторно планирање, урбанистичко планската документација ја донесе општина Дебрца, средствата се обезбедени од Фондот за адаптација во рамките на регионалниот проект за и прекугранично управување со ризици од поплави во сливот на река Дрим, изведувач на работите е “Маркоски К 73 “ ДООЕЛ Струга, а според договорот работите треба да завршат до месец Март 2023 година.