Jun 5, 2026
Работиме неуморно низ целата општина: Денешниот фокус е на Злести!

Денес завршивме уште еден важен дел од нашиот годишен план за асфалтирање.

Комплетно е реконструирана главната улица во село Злести, на потегот од сретселото до крстосницата за Белчишта и Лешани.

Со оваа инвестиција значително ја подобруваме патната инфраструктура, придонесувајќи за поголема безбедност во сообраќајот и полесно секојдневие на мештаните.

Продолжуваме посветено да работиме на терен и да ги исполнуваме барањата на граѓаните.

Чекор по чекор, заедно градиме поубава и модерна Дебрца!
Jun 4, 2026
Заедно со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и директорот на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Горан Патчев, го посетивме идниот промотивно-изложбен центар во с. Требеништа, со цел согледување на можностите за негов развој и унапредување.
Центарот ќе има значајна улога во презентацијата и промоцијата на богатото културно-историско наследство на Општина Дебрца, придонесувајќи за негова поголема видливост, зачувување и афирмација.
May 30, 2026
Општина Дебрца – горд домаќин на настан кој ги спојува традицијата, верата и младоста!
Во прекрасниот и духовен амбиент на манастирот „Св. Недела“ во селото Оровник, синоќа имавме чест да бидеме домаќини на еден навистина исклучителен настан. Се одржа свечена промоција и проекција на филмот „Приказна за една охридска свадба“, како и презентација на проектот „Светлина на верата“.
Овие значајни дела се реализирани од талентираните ученици од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ од Охрид, под менторство на професорките Маја Цветанова Терзиоска и Андријана Паскали, а претставуваат успешен заеднички проект поддржан од Општина Дебрца и Општина Охрид.


Филмот на прекрасен начин ја оживеа богатата традиција и обичаите на охридската свадба, додека проектот „Светлина на верата“ нè потсети на непроценливата духовна вредност на нашето православно наследство.
На наше огромно задоволство, свој благослов и присуство на настанот даде Неговото Високопреосвештенство Митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, придружуван од потесниот круг на свештенството од Митрополијата.

На свеченоста присуствуваа и секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, дел од администрацијата на Општина Охрид и Општина Дебрца, како и вие – нашите почитувани сограѓани од Дебрца кои дојдовте во навистина огромен број!
Вечерта беше збогатена со прекрасна културно-уметничка програма во која настапија културно-уметнички друштва од Охрид и Дебрца, млади уметници и музички ветерани.

Овој настан уште еднаш ја потврди важноста на вложувањето во младите и нивното активно вклучување во зачувувањето на нашите корени, преку проекти кои ги поврзуваат традицијата, образованието и современиот креативен израз.
Продолжуваме да ја негуваме нашата култура и традиција!

May 27, 2026
Со особена чест и задоволство Ве покануваме да присуствувате на настанот „Светлина на верата“, во чии рамки ќе се одржи и промоција на филмот
🎬 „Приказна за една Охридска свадба“.
Настанот има за цел да ја доближи духовната и културната традиција, како и богатото наследство на охридскиот крај преку уметност, музика и филмска приказна.
📅 Датум: 30.05.2026 (сабота)
🕖 Време: 19:00 часот
📍 Локација: Манастир „Св. Недела“ – Оровник
Во рамки на програмата се предвидени: • Отворање на настанот
• Презентација на проектот „Светлина на верата“
• Музички дел
• Премиера на филмот „Приказна за една Охридска свадба“
• Културно-уметничка програма
Проектите ги изработија учениците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид, со поддршка од Општина Охрид и Општина Дебрца.
Ментори на проектот се Маја Цветанова и Андријана Паскали.
Ги покануваме сите љубители на традицијата, културата и духовните вредности да бидат дел од оваа вечер исполнета со емоција, музика и македонско наследство.
May 26, 2026
Почитувани граѓани на Општина Дебрца, континуирано инвестираме во почиста животна средина!

Денеска имав чест да го потпишам договорот за реализација на новиот значаен проект за нашата општина.

Овој проект го реализираме во успешна соработка со Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој.

Станува збор за наменска инвестиција вредна 900.000,00 денари за набавка на нови канти за комунален отпад.

Секој чекор кон подобро управување со отпадот е чекор кон поубава и поздрава иднина за сите нас.

Благодарност до институциите за поддршката на нашите заложби за модерна и еколошки свесна Општина Дебрца.