Dec 24, 2020
Почитувани градоначалник, советници, општинска, администрација, вработени во општина Дебарца, и ЈКП Дебрца, жители на општината и секој добронамерен поединец или фирма.
На ден 28.12.2020 година (понеделник) во просториите на зградата на општина Дебрца, село Белчишта, се организира хуманитарна акција за дарување на храна, средства за хигиена, облека за нашите сожители кои што не се во можност тоа да си го дозволат.
Ве замолувам сите кои ќе дарувате сето тоа да е уредно спаковано. Храната да не е брзо расиплива, а облеката да е чиста, неоштетена,употреблива.
Исто така апелирам да се запазат мерките за заштита од пандемијата на covid вирусот.
Да споделиме радост.
Да направиме некој среќен .
Помагајте им на луѓето и тогаш кога знаете дека неможат да ви возвратат. По тоа ќе Ве препознаат дека сте човечни,сочуствителни,милостиви.
Среќна, бериќетна, и благословена да ни биде 2021 година.
Со почит
М-р Катерина Пискулоска,
член на совет при општина Дебрца
Dec 4, 2020
Почитувани граѓани,
Тргнувајќи од мојата заложба во изминативе три години од мандатот, за подигнување на нивото на транспарентност во работата на Општина Дебрца и со цел вие да станете активни чинители и активно да се вклучите во дебати кои директно влијаат на вашите индивидуални, групни и колективни интереси, оваа година поради Ковид 19 кризата одлучивме предлог програмите и предлог-буџетот на Општина Дебрца за 2021 година да го презентираме online преку платформите ZООМ и Facebook.
Презентацијата ќе се одржи во четврток (10.12.2020 година) со почеток во 11:00 часот.
Ве покануваме да учествувате на презентацијата и да кажете свои забелешки и предлози во однос на буџетот.
Вашите разумни предлози ќе бидат земени предвид, ќе се разгледаат и според можностите ќе бидат внесени во предлог-буџетот на Општината за 2021 година, кој ќе биде доставен до Советот на Општина Дебрца за усвојување.
Со почит,
Зоран Ногачески
Градоначалник на Општина Дебрца
Nov 1, 2020
Во Општина Дебрца, Директорот на АЕРСМ, г-дин Нехри Емрула ги предаде првите решенија за регистрација на фотоволтаични соларни системи кој се реализира преку Министерството за финансии со грант средства од Европската комисија во рамките на ИПА фондот за рурални инвестиции на Европската комисија за реконструкција и развој за Проектот за подобрување на општинските услугите (МСИП) и дел од добиените средства од овој грант ги искористи за: Проектирање и изградба на фотоволтаични соларни системи во рурални општини.
Решенијата ги примија Градоначалникот на Општина Дебарца, г-дин Зоран Ногачески и Директорката на ОУ Дебарца с. Белчишта, г-ѓa Билјана Славевска.
Oct 3, 2020
Денес, во историското село Црвена Вода, славна Дебрца го одбележавме јубилејот- 77 години од издавањето на Манифестот на АСНОМ на ГШ на НОВ и ПОМ, на 03 Октомври 1943 година, ден кој е патронен празник на општина Дебрца.
Манифестот на АСНОМ по своето историско значење е еднаков на Крушевскиот манифест, бидејќи сите подоцнежни асномски одлуки се инспирирани од него, со што слободно можеме да констираме дека извориштето на современата македонска држава е во Дебрца.
Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја.
И не само тука, во Црвена Вода, на денешен ден, туку и на Славеј Планина, каде што пред 75 години беше формирана првата регуларна воена единица, баталјонот “Мирче Ацев, во Сливово беше формирана Првата Македонска-Косовска ударна бригада, Дебрца беше првата слободна територија во НОБ, а во селото Издеглавје, во 1944 година беше возобновена Македонската Православна Црква, во ликот на Охридската Архиепископија.
Дебарца долго време беше на маргините, поради што луѓето си заминуваа, селата ни се празнеа. Но, тоа не значи дека духот на нашите предци е исчезнат. Тој живее во сите нас и во нашата визија за Дебрца.
Таа визија е да го промовираме еко капацитетот на Дебрца, да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца.
Дебрца да остане чиста и незагадена и секогаш да пружа одмор, мир, чистота и револуционерност, не само на нас, туку и на сите добронамерници кои ќе ја посетат.
Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина.

Oct 2, 2020
Во сабота, 3 октомври, пред Спомен домот, местото и објектот каде, во 1943 година, Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, го објавија Манифестот до македонскиот народ за целите на анти-фашистичката војна, воедно и патронат на Општина Дебрца, во селото Црвена Вода, со почеток во 10 часот, предвидено е положување на свежо цвеќе од страна на преставници на Општина Дебрца, Сојузот на борци и граѓани продолжувачи на традицијата на Охрид и Дебарца, АРМ и МЗ Црвена Вода.
Поради состојбата со Covid 19 – оваа година настанот се одбележува со помал број на присутни делегации почитувајќи ги здравствените протоколи.