Jul 14, 2026
Денес во просториите на Општина Дебрца имав чест и огромно задоволство да го пречекам нашиот драг пријател и почесен гостин, г-дин Зоран Ќосески, почесен конзул на Македонија во Перт, Австралија.
Оваа средба беше одлична можност да поразговараме за улогата на нашата дијаспора и нејзиниот непроценлив придонес кон татковината. Општина Дебрца има особена почит кон г-дин Ќосески, кој на дело ја покажува својата поддршка за нашиот крај, вклучително и преку хуманитарните иницијативи и значајните донации за нашите ученици од ООУ „Дебрца“ и за самата општина.
Во мое лично име и во име на сите граѓани, изразив најискрена благодарност за неговата несебична посветеност, континуираниот ангажман и заложбите за зачувување на македонскиот идентитет и продлабочување на врските со нашите иселеници.
Остануваме посветени на негувањето на овие цврсти мостови на соработка и реализација на идни заеднички проекти. Вратите на Општина Дебрца секогаш ќе бидат ширум отворени за нашите искрени пријатели.
Jul 14, 2026
Денеска имав чест да остварам средба со Амбасадорот на Република Австрија во нашата држава, Н. Е. Мартин Памер.
На состанокот разговаравме за зајакнување на соработката помеѓу Општина Дебрца и австриската покраина Тирол. Оваа пријателска покраина веќе има дадено значаен придонес за нашата заедница преку донацијата на возило и опрема за потребите на ДПД Ентузијаст во Дебрца, поддршка за која сме особено благодарни.
Дополнително, разменивме конструктивни идеи за воспоставување на поблиска соработка во повеќе општествени сфери. Нашата цел е преку размена на добри практики и заеднички иницијативи да придонесеме за развојот на нашата општина.
Продолжуваме да градиме силни меѓународни партнерства во интерес на граѓаните!
Jul 6, 2026
Денес нашата Дебрца беше вистински центар на планинскиот велосипедизам!

Со огромно задоволство присуствував на „Бабин Срт МТБ авантура“, настан кој ја промовираше нашата прекрасна природа како врвна дестинација за авантуристички и еко-туризам.

Наместо очекуваните 100, пречекавме дури 178 велосипедисти од целата држава кои уживаа во возењето по патеката Лактиње – Годивје – Врбјани – Бабин Срт.

Како градоначалник и локална самоуправа, со гордост застанавме зад овој настан со целосна финансиска и техничка поддршка за негова беспрекорна и безбедна организација.

Бидејќи настанот немаше натпреварувачки карактер, главната цел ни беше заедничко дружење и испраќање силна порака за зачувување на природните богатства и одговорен однос кон животната средина.

Огромна благодарност до организаторите од Здружението за планински велосипедизам „Рупикапра МТБ“ Струга и до сите учесници кои ја направија оваа недела незаборавна.

Продолжуваме да ја градиме и промовираме Дебрца како зелена општина!
Jun 29, 2026
Синоќа во Галеријата „Ѓорѓија Целески“ во Белчишта свечено го отворивме 41-то издание на Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“.

Како најстара ликовна колонија во Македонија, оваа година твориме под моќното мото „Од камен до код – ехо на земјата, глас на иднината“, покажувајќи дека иднината се гради врз темелите на минатото.

Во моето обраќање пред присутните, со гордост истакнав дека веќе 41 година ова место е светол пример како уметноста ги спојува луѓето, културите и времињата.

Посебно сакам да им се заблагодарам на домашните и странските уметници кои со својот талент го прават Белчишта вистински космополитски центар на уметноста.

Годинава нашето уметничко семејство се зголеми, па искрено го поздравувам новиот бран на млади креативци кои носат свежи идеи и нови светогледи.

Претседателката на здружението, Мартина Целеска, одлично поентираше дека Дебрца одамна прерасна во духовен простор, потсетувајќи не дека галеријата денес чува над 700 уметнички дела што е наше непроценливо богатство.

Оваа година ни гостуваат реномирани автори од Македонија, Србија, Словачка и Велика Британија, предводени од почесниот гостин, истакнатиот македонски уметник Јордан Манасиески.

Свеченото отворање го збогатија младата гитаристка Георгина Јанкоска, фолклорниот ансамбл „Св. Петар и Павле“ од Мешеишта и познатиот гајдаџија Целе Блажески.

Нека ни е успешна и плодна 41-та ликовна колонија, продолжувајќи ја визијата на нејзиниот основач!

Анамарија Момироска
Jun 29, 2026
Иднината ја градиме заедно – со визија, знаење и храброст!
Денес во салата на Општина Дебрца имав извонредна средба со младите од иницијативата „За доброто на Дебрца“. Кога младите преземаат одговорност, резултатот не е само дебата, туку јасен план за акција.
Заедно со Вахид Мемед и младинскиот лидер Ивана Левеска, ги мапиравме клучните столбови на кои силно ќе работиме:

Остануваме дома – Создаваме реални услови за младите луѓе да ја градат својата иднина овде, во Дебрца.

Туризам со полн капацитет – Координаторот Билјана Стефаноска ги презентираше нашите неискористени потенцијали кои ќе ги претвориме во нови економски шанси.

Развој преку лесна индустрија – Инвестираме во одржливи проекти како силна поддршка за локалната економија.

Дебрца „Чувар на природата“ – Секој економски прогрес мора и ќе оди рака под рака со еколошката одговорност.
Вратите на општината се секогаш отворени за вакви иницијативи. Како градоначалник, младите идеи за мене се врвен приоритет и секогаш ќе ја имаат мојата максимална институционална поддршка.
Не зборуваме само за проблеми – создаваме конкретни решенија за подобра иднина на нашиот заеднички дом!


Активноста е реализирана во рамки на проектот „Youth-4-Democracy Laboratory“, имплементиран од Здружението за меѓународна младинска соработка ИНТЕРАКТИВ – Битола, со поддршка од National Endowment for Democracy.
Jun 4, 2026
Заедно со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и директорот на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Горан Патчев, го посетивме идниот промотивно-изложбен центар во с. Требеништа, со цел согледување на можностите за негов развој и унапредување.
Центарот ќе има значајна улога во презентацијата и промоцијата на богатото културно-историско наследство на Општина Дебрца, придонесувајќи за негова поголема видливост, зачувување и афирмација.