Select Page
Отчет 100 дена Градоначалник Зоран Ногачески

Отчет 100 дена Градоначалник Зоран Ногачески

Изминаа 100 дена од денот кога ја презедов градоначалничката функција и вообичаена практика е да се даде првична оценка. Еве, да сумирам од мој агол.
Со оглед на периодот во кој е преземена функцијата можеби некој ќе рече нема некои големи нешта, ама сепак ќе набројам многу мали нешта и реализирани ветувања, кои полека, но сигурно го отвораат патот на поголемите нешта.
На 19 октомври 2017 година општината ја наследив со 841.617,00 денари во општинската каса, ама истиот ден на моето биро затекнав и доспеани и неисплатени фактури, во износ од 701.147,00 денари. Следните денови пристигнуваа и други неплатени сметки. Дополнително, по основ на склучени договори затекнав неисплатени обврски, во износ од 8.005.032,00 денари. Ова колку да се знае во каква финансиска состојба ја презедов општината.
Што исполнивме во 100-те дена ?
-ја отворивме општината за сите ( секој ден приемен ден кај градоначалникот ). Во 100-те дена во мојот кабинет, без закажување, влегоја повеќе луѓе, отколку за четирите и пол години на мојот претходник. Секој со своја човечка мака. На некого му помогнавме, на некого допрва, на некого можеби не. Маките се преголеми, можностите помали.
-ги намаливме непродуктивните трошења. Во 100-те дена немам земено ниту една дневница, немам потпишано ниту една сметка за репрезентација на товар на општината. И така ќе остане до крајот на мојот мандат.
-креиравме нов општински портал, со нови содржини и апликации ( пријави проблем, прашај го градоначалникот, ваши идеи за Дебрца ), со цел општината да ја направиме потранспарентна и поблиску до граѓаните. Веб порталот во наредниот период ќе го доградиме и надградиме.
-се конституира советот на општината и донесени се програмите за развој на општината и Буџетот на општината за 2018, со кои се предвидуваат повеќе средства за капитални инвестиции, социјални трансфери, за спортските клубови и спортските манифестации, стипендирање на учениците и студентите, за културата, за бесплатна ужинка за учениците, бесплатни екскурзии, за пензионерите, за склучен брак, новореденче, за урбанистички развој и др.
– во делот на капиталните инвестиции ја дозавршуваме постапката за одобренија за градење за постојните проекти, а нарачавме и други проекти со кои аплициравме или допрва ќе аплицираме до националните и меѓународните фондови и донатори на средства. Исплативме и дел од започнатите проекти од претходната власт . Со почетокот на пролетта очекуваме отпочнување и динамизирање на капиталните инвестиции. За кои конкретно, повеќе во мојата следна елаборација.
-поставени се нови раководители на Основното училиште и Јавното комунално претпријатие, од чија активност и соработка очекувам подобрување и на образовната инфраструктура, а особено поквалитетни и оддржливи комунални услуги.
-со раководните структури на ЈП за државни патишта упорно настојуваме да ги решиме сите наследени проблеми во врска со изградбата на Автопатот А2, делницата која поминува низ општина Дебрца .
-интензивно работиме на изнаоѓање на краткорочни решенија за водоснабдувањето во Требеништа, Горенци, Оровник и Подмолје, но и на долгорочно решение, за кои јавноста набргу ќе биде информирана.
-презедовме неколку ситни и итни комунални активности ( чистење на дел од водотек во Белчишта, Велмеј, Арбиново, дел од патниот правец Мешеишта-Волино ).
Можеби нешто испуштив. Можеби можеше повеќе. Се согласувам, секогаш може повеќе.
Сепак, ова беше период на себенаоѓање, скенирање на состојбата, трасирање на патот и отворање на можностите за исполнување на добар дел од дадените ветувања. Се надевам дека сме на вистинскиот пат.
Мислењето на Вас, граѓаните ми е многу битно и затоа го очекувам, особено барам корекција ако сме забегале од вистинскиот пат. Граѓаните секогаш се најдобриот коректив.
Крајно, сакам сите граѓани на Дебрца да ги уверам дека и во наредниот период чесно и одговорно ќе ја практицирам функцијата и дека по никоја цена нема да отстапам од две основни заложби.
Првата е – да бидам Градоначалник, еднаков за сите граѓани.
Втората е – додека сум Градоначалник нема да дозволам во Дебрца да се изгради регионална депонија.

Отчет 100 дена Градоначалник Зоран Ногачески

Божиќна Честитка од градоначалникот Зоран Ногачески

Почитувани,граѓани ,
Со коледарски песни, од врата на врата, уште рано изутрина малите коледарчиња го најавија Христовото раѓање .

Божик како празник на Божјата љубов претставува пресвртница за човештвото и суштинска поткрепа на нашата верба и духовност.
Божик е ден кој секоја година не потсетува да ги отвориме срцата и душите, да го примиме дарот од Бога и секојдневно низ нашите дела тој дар да го возвраќаме.

На овој голем ден нека нашите срце бидат исполнети со среќа и радост, а нашите домови со мир и спокој .
За многу години да ни е празникот.
Христос се роди !

Нов рок за легализирање на дивоградби

Нов рок за легализирање на дивоградби

Со законот за изменување на законот за постапување со бесправно изградени објекти, кој влезе во сила на 02 Јануари 2018 година предвидено е за граѓаните кои досега воопшто не поднеле барање за легализација, тоа да можат да го сторат во периодот од 02 јануари до 31 декември 2018 година.

За оние, пак, кои не доставиле геодетски елаборати , заклучно со рокот 31 Декември 2017 година, новиот рок ќе тече од 2 јануари до 30 јуни 2018 година.

Нова шанса за легализација се дава само за објектите кои се целосно изградени до 3 март 2011 година, односно, ќе можат да се легализираат само објектите на кои до тој датум во целост се завршени градежните и инсталатерските работи, па тие претставуваат градежна и функционална целина.

Барањата за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти можат да се поднесуваат во архивата на општина Дебрца, секој работен ден, од 08.00-16.30 часот.

Игор Крцоски – Манце именуван за ВД директор на ЈП”Дебрца”

Игор Крцоски – Манце именуван за ВД директор на ЈП”Дебрца”

Со решението на градоначалникот Зоран Ногачески за нов ВД Директор на Јавното претпријатие за комунална дејност “Дебрца” – Белчишта  именуван е Игор Крцоски – Манце, вработен во Јавното претпријатие.


На средбата со новиот директор  ја истакнав мојата безрезервна поддршка на Јавното претпријатие.
Заеднички констатиравме дека неопходно е организирано, систематско и континуирано ангажирање и на општината и јавното претпријатие заради подигање на квалитетот на комуналните услуги на едно пристојно ниво, соодветно на потребите на граѓаните на општина Дебрца 

Нашата цел ќе биде постигнување на што подобри резултати во работењето, врз база на целосно искористување на капацитетите, максимално подигање на нивото на услугите, максимално искористување на вработените и опремата, а во исто време и максимално намалување на трошоците на работењето.

Преку навременото и квалитетно вршење на комуналните услуги да бидеме поблиску до граѓанинот, да имаме што е можно почиста општина, поубава и со зелени површини, доволно здрава вода за пиење, системи за одведување на отпадните води. -потенцираше градоначалникот Ногачески.