Jul 14, 2018
Вечерва, во Белчишта, градоначалникот Ногачески, свечено ја прогласи за отворена 34-та Интернационална ликовна колонија “Дебрца – 2018. Колонија која е една од најстарите и со најбогат фонд на уметнички дела, во нашата земја.
Вечерва имав чест да ја прогласам за отворена Интернационалната Ликовна колонија “Дебрца” – Белчишта, нејзиното 34 то издание. Поздравувајќи ги учесниците на Ликовната колонија и присутните гости истакнав дека 34 –те години творештво на колонијата покажуваат дека Ликовната колонија “Дебрца” не е обичен културен настан, туку олицетворение на уметноста и културата на Дебрца и дека уметноста и културата не се создаваат само во урбаните центри, туку и во руралните средини и на секое место каде што има креативен творечки потенцијал. Уметничките дела создадени на Ликовната колонија не се само наследство на Дебрца и Македонија, туку се светско културно наследство. Последниве години навистина се забележува една малаксаност на колонијата, но изразив уверување дека веќе од наредната година ќе внесеме нова сила и енергија, ќе вбризгаме нов адреналин и ќе го вратиме стариот сјај на Ликовната колонија. На крајот на сите годинешни учесници им посакав инспирација за создавање на нови уметнички дела, а тоа во Дебрца го имаат во изобилство, бидејќи како што Белчишките “Сини Вирој” се непресушен извор на питка вода , така Дебрца е непресушен извор на творечка инспирација. Крајно, сите мораме да се водиме од максимата: Ars longa, vita brevis или уметноста е долга – животот е краток. – истакна градоначалникот во своето обраќање пред присутните гости.
|
Годинава, на Колонијата, во Белчишта и на други места, ќe творат: Од Македонија – Стадим Димитров, Запро Запров, Даниела Димческа, Горан Јованов, Симон Арнаудов, Предраг Јанески. Од Албанија доага Тасо Констандини, а од Бугарија – Ѓорги Андонов-Жоро, Венера Константинова и Дарина Златарева.
Зад Ликовната колонија “Дебрца”, стојат над 700 дела, мегу нив и платна на великани од постарата генерација, како професорот Димче Коцо, Вангел Наумовски, Јоне Симонче, Јордан Манасиевски, Љупчо Стефаноски и други. На нив се надоврзуваат Мето Георгиевски, Менде Иваноски, Васко Ташковски, Сергеј Андреески, Мето Горгиевски, Петар Мазев и многу други.
Од 1983 година, Колонијата има своја Галерија, најнапред скромна во старата зграда на поранешната, како овде ја нарекуваат, италијанска касарна, од времето на окупацијата, додека од 2005 година, свој, современ објект со сите услови за галерскo ускладиштување и презентирање.

Jul 2, 2018
Врз основа на член 84 став 1 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност (“Службен весник на Република Македонија” број 37/97, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 50/2006, 29/2007, 102/2008, 161/2008, 50/10, 88/10, 51/11, 11/12, 80/12, 114/12, 39/14, 44/14, 113/14, 56/15, 129/15, 147/15, 154/15,27/16 и 119/16) и Годишната програма за организирање на јавни работи и работно ангажирање на невработени лица во општина Дебрца за 2018 година, број 01-909/17 од 02.05.2018 година и број 01-1331/18 од 02.07.2018 , Градоначалникот на општина Дебрца, распишува:
Ј А В Е Н О Г Л А С
За работно ангажирање на невработени лица по годишна програма за јавни работи
- Општина Дебрца има потреба од работни ангажирање на 2 (двајца) работници за времетрање од три месеци, за извршување на јавни работи и тоа – Одржување на јавната инфраструктура (одржување – чистење на крајпатна вегетација на општинските патишта и улици, санација од помали размери на општинските патишта и улици, одржување на насипи, канали, водоводни и канализациони мрежи и други објекти од општ интерес, подобрување на условите за живеење и други работи) и Одржување и заштита на животната средина и природата (чистење и санација на дивите депонии, чистење и одржување на речните корита, канали, одводи, јавни површини, паркови и хортикултурно уредени локации во селата, фудбалски игралишта, монтажа и одржување на опремата во парковите и јавните детски игралишта, развој на селските подрачја и други работи).
- Право да се пријават имаат долгорочно евидентирани невработени лица, ниско квалификувани невработени лица, повозрасни невработени лица ( над 55 години) и други лица од евиденција на невработени.
Невработените лица ќе бидат ангажирани согласно член 83, 84 и 85 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.
За време на ангажирањето на лицата ќе им се обезбеди финансиска поддршка, односно месечен нето паричен надоместок во износ од 500 денари по ангажирано лице, дневно, платен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.
На корисниците на социјална помош за времетраење на работното ангажирање ќе им биде активно правото на користење социјална помош.
Условите, правата и обврските ќе бидат уредени со склучување на договор помеѓу општината и невработените лица.
- Заинтересираните кандидати потребно е да достават:
- пријава и
- потврда од Агенцијата за вработување дека се невработени
- Огласот трае три работни дена од денот на објавувањето на веб страницата на општина Дебрца, debrca.gov.mk и огласната табла на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Центар за вработување Охрид, односно до 04.07.2018 година.
- Пријавите се поднесуваат во архивата на општина Дебрца, секој работен ден од 08:30 – 16:30 часот.
ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА ДЕБРЦА
Зоран Ногачески