May 31, 2019
Денес во продажниот салон на “Синпекс”, во Битола градоначалникот Ногачески. присуствуваше на свечениот настан, чинот на потпишувањето на договорот со кој на општина Дебрца и се отстапува на трајно користење универзален ровокопач, со придружна опрема ( хидрауличен чекан и даска за снег ) марка Hidromec.
Механизацијата е обезбедена во рамките на Проектот: “Подобрување на општинските услуги”, имплементиран од Светска Банка и Министерство за финансии, а со средства обезбедени од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ ( ИПА ). На настанот свое обраќање имаа Д-р. Драган Тевдовски, Министер за финансии и Никола Бертолини, раководител во Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ. Согласно Проектот, механизацијата покрај општина Дебрца, како апликант ќе можат да ја користат и партнерските општини Струга и Вевчани.
Со добивањето на механизацијата ќе се зголемат капацитетите на општините за подигнување на квалитетот на општинските услуги. Општина Дебрца во изминатава година и пол имплементира неколку проекти со средства на ЕУ, со кои се подобрија условите во руралната инфраструктура или во испораката на општинските услуги. И во наредниот период продолжуваме со реализација на неколку проекти, за кои средствата се обезбедени од фондовите на ЕУ, за што во оваа прилика изразувам голема благодарност до Делегација на ЕУ. – изјави градоначалникот Зоран Ногачески по потпишувањето на договорите.
May 28, 2019
Врз основа на член 39 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ”, број 5/2002) и член 22, став 2 од Статутот на општината Дебрца (“Службен гласник на општината Дебрца”, број 3/2005), донесувам:
Р Е Ш Е Н И Е
за свикување на 23-та седница на Советот на општината Дебрца
Ја свикувам 23–та седница на Советот на општината Дебрца.
Седницата ќе се одржи на ден 30.05.2019 година (четврток), со почеток во 13.00 часот, во салата за седници на Советот на општината Дебрца.
За седницата се предлага следниот:
Д Н Е В Е Н Р Е Д
- Усвојување на Записникот од 22-та седница на Советот на општина Дебрца
- Предлог – Одлука за усвојување на интегриран план за локален развој на општина Дебрца 2019-2022
- Предлог – Одлука за давање согласност на кварталниот извештај за работењето на ЈП за комунална дејност „Дебрца“ за период од 01.07.2018 година-30.09.2018 година
- Предлог – Одлука за давање согласност на кварталниот извештај за работењето на ЈП за комунална дејност „Дебрца“ за период од 01.10.2018 година-31.12.2018 година
- Предлог – Одлука за давање согласност на Годишниот извештај за 2018 година на ЈП за комунална дејност „Дебрца“ за периодот од 01.01.2018 година до 31.122018 година
- Предлог – Одлука за давање согласност на Статусни промени на Статутот на ЈП за комунална дејност „Дебрца“ с.Белчишта
- Предлог – Одлука за усвојување на извештај за вкупниот договорен износ по доверители за финансирање на доспеани, а неплатени обврски на општина Дебрца и единки корисници до 30.09.2018 година
- Предлог – Одлука за усвојување на извештајот за остварување на Буџетот на општината Дебрца за период од 01.01.2019 до 31.03.2019 година
- Предлог – Одлука за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Дебрца за 2019 година
- Предлог – Статутарна одлука за дополнување на Статутот на општина Дебрца
- Предлог – Одлука за дополнување на Деловникот на Советот на општина Дебрца
- Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 137/7 КО Оровник)
- Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 728 КО Злести)
- Предлог – Одлука за утврдување на потреба од донесување на урбанистичко-планска документација за вклопување и усогласување на намената на бесправно изградениот објект со намената на земјиштето (КП бр. 830 КО Злести)
СОВЕТ НА ОПШТИНА ДЕБРЦА
Претседател,
Петре Голабоски