Mar 25, 2024
Во изминатите години водоснабдувањето беше во фокусот на интерес на општината, а со цел да се обезбеди квалитетно снабдување со вода за пиење на населените места.
На тој план, реализирани се повеќе проекти, но и покрај тоа има уште проблеми за решавање.
Еден од проблемите на кој во наредниов период ќе посветиме внимание е водоснабдителниот систем во село Мешеишта,кој јавното претпријатие го презеде во септември 2022 година.
Водоснабдителниот систем во Мешеишта,кој се презеде со долг за неплатени сметки за електрична енергија,во износ од околу 500.000 денари има и други аномалии.
Се работи за стар систем,граден во 70-те години на минатиот век,со големи загуби на вода,поради оштетувања на резервоарот и уличната мрежа,со пумпна станица со пумпи со застарена технологија, што има за последица поголема потрошувачка на електрична енергија.
Поради тоа, акцентот го ставаме на неколку активности:
- Деновиве ќе биде објавен тендерот за набавка на нова пумпа и замена на електричниот орман, како и за санација на постојниот/стариот резервоар,
- Во подготовка е техничка документација за оправданост од инсталирање на фотонапонска централа кај пумпната станица,
- Општината има изготвено техничка документација за реконструкција на уличната мрежа и бидејќи се работи за поголема инвестиција, за која општината сама не може да ги обезбеди потребните средства ,
Проектот на прв објавен повик ќе биде аплициран за обезбедување грант средства од домашните или меѓународните инвестициски фондови.
Mar 24, 2024
По спроведената постапка за јавна набавка на вертикална сообраќајна сигнализација општина Дебрца ќе врши набавка на сообраќајни огледала, кои ќе бидат поставени на места каде што нема или има мала видливост при приклучување во сообраќајот,со што се загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Од страна на општинските служби детектирани се повеќе такви критични места,каде ќе се постават сообраќајни огледала.
Ве повикуваме, доколку имате детектирано вакви места да доставите и Ваши предлози,каде што има потреба од поставување на ваква сообраќајна опрема на контакт телефон 046/286-855 или на mail: contact@debrca.gov.mk
Вашите предлози ќе бидат земени во предвид и доколку се оправдани ќе биде соодветно постапено, а во интерес на безбедно одвивање на локалниот сообраќај.
Mar 21, 2024
Денес во присуство на учениците на ООУ,,Дебрца” село Белчишта,Наставниот кадар,претставниците на Здружението за екологија и туризам ,,Екотуризам 2016” и Градоначалникот на Општината го одбележаа Меѓународниот ден на Шумите и денот на пролета 21-март, со засадување на дрвца во кругот на ООУ ,,Дебрца”-Село Белчишта. Засадени се дрвца од видот на автохтона круша како и од видот на Гинкото ( Ginkgo biloba) е дрво кое е единствениот жив претставник на родот гинко. Гинкото потекнува од пред 225 милиони години, а во леденото време тоа успеало да преживее само во одредени места и се одликува со голема отпорност на екстремни услови, истото ќе се користи за едукативни цели на учениците со неговите каратеристики.
Меѓународниот ден на шумите се слави насекаде низ светот секоја година на 21 Март на меѓународно ниво, со цел да се зголеми јавната свест меѓу заедниците за вредностите, значењето и придонесот на шумите за да се балансира животниот циклус на земјата.
Шумите се суштински дел од животот на Земјата. Тие секогаш ги исполнуваат барањата на човечките суштества преку обезбедување сенка, засолниште, освежување вклучувајќи чист воздух и вода. Во современиот свет на растечка глобална популација се зголемуваат барањата на шумските производи, така што шумите се изложени на голем ризик од уништување и деградација
Шумите се сложена жива заедница на дрвја која обезбедува дом и засолниште за голем број на животни, а почвата под неа го населуваат разновидноста на без’рбетници, габи и бактерии кои играат значајна улога во балансирањето на циклусот на хранливи материи во почвата и во шумата.
Целта на оваа активност е да се подигне свеста за значењето на природата и важноста на шумите и нивната заштита.
“Кај ќе најдеш згодно место
Ти дрво засади,
дрвото е благородно,
тоа ќе те награди “
Mar 21, 2024
Врз основа на член 5 од Правилникот за условите, начинот и постапката за користење на финансиски средства од Буџетот на општина Дебрца за субвенционирање на физички лица за купен велосипед во 2024 година, број 01-363/1, од 21.03.2024 година и Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца за 2024 година ( „Службен гласник на општина Дебрца”, број 12/23 ) се објавува следниот :
ЈАВЕН ПОВИК
За субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипед во 2024 година
- Опис на јавниот повик
1.1. Општина Дебрца, со цел да ги стимулира жителите на општината за користење на велосипеди и поттикне рекреативниот спорт, на граѓаните кои ќе купат нов велосипед во 2024 година ќе им надомести дел од трошоците направени за купување на велосипед ( во понатамошниот текст: субвенција ).
1.2. Согласно Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца за 2024 година, мерка “Живеј здраво – вози точак”, поддршка на рекреативниот спорт, обезбедени се средства за субвенционирање на дел од трошоците за купување на велосипед, во вкупен износ од 200.000 денари.
1.3. На барателот ќе му се надоместат дел од трошоците направени за купување на велосипед, во висина од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000,00 денари и вклучен персонален данок на доход .
1.4. Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“.
- Право на учество на Јавниот повик
2.1.Право на субвенција имаат физички лица, жители на општина Дебрца, кои ќе купат нов велосипед во 2024 година и кои ги исполнуваат условите од јавниот повик.
3.Услови за користење на субвенцијата
3.1.Барателот треба да ги исполнува следните услови:
-да е жител на општина Дебрца,
-да нема добиено субвенција за купување на велосипед на друг јавен повик, од било кој друг извор,
– велосипедот да го купил во било кој продажен салон во државата , во 2024 година, од 01.01.2024 година до денот на завршување на јавниот повик, односно до искористувањето на финансиските средства обезбедени по овој основ, а најдоцна до 31.12.2024 година.
4.Начин на пријавување на Јавниот повик
4.1. Барателот е должен да ја поднесе следната документација за исполнување на услови за добивање субвенција:
-барање за субвенција, кое може да се подигне во архивата на општината или електронски на веб страницата на општина Дебрца (www.debrca.gov.mk),
-копија од важечка лична карта, како доказ дека е жител на општина Дебрца,
-копија од трансакциска сметка,
-доказ дека е извршено купување на велосипед и тоа: фискална сметка во оригинал или фактура со извод од деловна банка, со датум од 01.01.2024 година до денот на завршувањето на јавниот повик, односно до денот на искористување на средствата по овој основ,а најдоцна до 31.12.2024 година,
– изјава дека нема искористено право на субвенција за набавка на велосипед на друг јавен повик од било кој друг извор во Република С. Македонија.
4.2. Едно физичко лице / барател може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за еден велосипед.
4.3.Барањата за користење на субвенција можат да се поднесуваат од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на искористувањето на финансиските средства обезбедени по овој основ, а најдоцна до 31.12.2024 година.
4.4. Барањата, со потребната документација се поднесуваат до Комисијата за спроведување на Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипеди во 2024 година, со адреса: општина Дебрца, 6344 село Белчишта, по пошта или лично во архивата на општината, секој работен ден од 07.30 до 15.30 часот, во затворен плик.
На пликот треба да е наведено: “Јавен повик за субвенционирање на дел од трошоците на физички лица за купување велосипед”.
4.5. Архивата на општината примените барања ќе ги евидентира со точното време на поднесување ( датум, час и минута ), заради воспоставување редослед по кој ќе се разгледуваат барањата.
5.Начин на спроведување на Јавниот повик
5.1. Некомплетните барања комисијата ќе ги отфрли и истите нема да бидат предмет на понатамошна постапка.
5.2.Градоначалникот на општината, на предлогот на Комисијата донесува решение за одобрување на барањето, за барателите кои ги исполниле условите од јавниот повик.
5.3.Градоначалникот на општината, на предлог на Комисијата донесува решение за одбивање на барањето,за барателите кои не ги исполниле условите од јавниот повик.
5.4.Исплатата на средствата на барателите за чии барања е донесено решение за одобрување ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати и одобрени барања, во рок од најдоцна 30 дена од денот на донесувањето на решението за одобрување.
5.5.Општината, во зависност од динамиката на поднесени барања, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства, се до нивно целосно искористување, но не подоцна од 31.12.2024 година.
5.6.Доколку бидат искористени предвидените финансиски средства, општината на својата веб страница ќе го објави завршувањето на јавниот повик.
Прилог барање:
Барање
ОПШТИНА ДЕБРЦА
Комисија за спроведување на Јавниот повик за субвенционирање на граѓаните на општина Дебрца за купување велосипеди во 2024 година
1.Даниел Паункоски -претседател
2.Даниела Мицева – член
3.Билјана Суклоска-Милошеска – член