Aug 3, 2022
проект „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“
Обука – модул 1: БЕЛЧИШКО БЛАТО – ЗАШТИТА, ЗАЧУВУВАЊЕ И МОЖНОСТИ ЗА ЗЕЛЕНИ БИЗНИСИ
Општина Дебрца, 4 август (четврток) 2022 г.
Агенда
11.00 – 11.05 ч. Вовед во обуката, Ѓоко Зороски, Здружение за екологија и туризам „Екотуризам 2016“, Охрид и обраќање на Зоран Ногачески, градоначалник на Општина Дебрца
11.05 – 11.20 ч. Презентација на наодите од истражувањето на рибната фауна од Белчишко Блато (2020-2021 г.) во рамките на проектот, проф. д-р Трајче Талевски, Хидробиолошки Институт, Охрид
11.20 – 11.40 ч. Закани за рибната фауна и предлог мерки за зачувување и заштита на рибната фауна од Белчишко Блато, проф. д-р Трајче Талевски, Хидробиолошки Институт, Охрид
11.40 – 12.15 ч. Можности за зелени бизниси – одгледување печурки, Сашко Тодоров, дипл. биолог
12.15 – 13.00 Можности за зелени бизниси – биолошки методи за обезбедување повеќе храна и заштита од штетници, Сашко Тодоров, дипл. биолог
13.00 – 13.30 Отворена дискусија
13.30 – Ручек
*Обуката е во рамките на проектот „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“, кој започна на 1 јуни 2020 г. и ќе трае до 31 август 2022 г. Целта на проектот е изработка на студија за валоризација на природните и социо-економските вредности на блатото за прогласување на блатото за заштитено подрачје, теренски истражувања и јакнење на свеста на локалното население за придобивките и значењето на блатото. Проектот е финансиран од Партнерскиот фонд за критични екосистеми (Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF) – кои го препознаа блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата на нашата држава.
Jul 9, 2021
Врз основа на член 84 став 1 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија” број 37/97, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 102/2008, 161/2008, 50/10, 88/10, 51/11, 11/12, 80/12, 114/12, 39/14, 44/14, 113/14, 56/15, 129/15, 147/15, 154/15, 27/16 и 119/16) и Годишната програма за организирање на јавни работи и работно ангажирање на невработени лица во општина Дебрца за 2021 година, ( Службен гласник на општина Дебрца, број 12/2020 ), Градоначалникот на општина Дебрца, распишува:
Ј А В Е Н О Г Л А С
За работно ангажирање на невработени лица по Годишната програма за јавни работи
1.Општина Дебрца има потреба од работно ангажирање на 1 работник за времетраење до 6 месеци, за извршување на јавни работи и тоа –Одржување на јавната инфраструктура ( одржување-чистење на крајпатната вегетација на општинските патишта и улици, санација од помали размери на општинските патишта и улици, одржување на насипи, канали, водоводни и канализациони мрежи и други објекти од општ интерес, подобрување на условите за живеење и други работи), Одржување и заштита за животната средина и природата ( чистење и санација на дивите депонии, чистење и одржување на речните корита, канали, одводи, јавни површини, паркови и хортикултурно уредени локации во селата, фудбалските игралишта, монтажа и одржување на опремата во парковите и јавните детски игралишта, развој на селските подрачја и други работи).
- 2. Право да се пријават имаат долгорочно eвидентирани невработени лица, ниско квалификувани невработени лица, повозрасни невработени лица ( над 55 години ) и други лица од евиденција на невработени.
Невработените лица ќе бидат ангажирани согласно член 83, 84 и 85 од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.
За време на ангажирањето на лицата ќе им се обезбеди финансиска поддршка, односно месечен нето паричен надоместок во износ од 600 денари по ангажирано лице, дневно, со платен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.
На корисниците на социјална помош за времетраење на работното ангажирање ќе им биде активно правото на користење на социјална помош.
Условите, правата и обврските ќе бидат уредени со склучување на договор помеѓу општината и невработените лица.
3.Заинтересираните кандидати потребно е да достават:
–Пријава и
-Потврда од Агенцијата за вработување дека се невработени.
4.Огласот трае три дена од денот на објавувањето на веб страницата на општина Дебрца, www.debrca.gov.mk и огласната табла на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Центар за вработување Охрид, односно до 13.07.2021 година.
5.Пријавите се поднесуваат во архивата на општина Дебрца, секој работен ден од 07.30-15.30 часот.
ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА ДЕБРЦА
Зоран Ногачески
П Р И Ј А В А за Јавни работи 2021 година,Општина Дебрца
Jan 22, 2021
1. 2021 е изборна година. Кои се вашите приоритети што планирате да ги сработите во Општина Дебрца во преостанатите месеци од Вашиот актуелен мандат?
Од првиот ден од преземањето на мандатот мојата заложба беше да не работиме кампањски, туку континуирано да ги решаваме проблемите, да имплементираме проекти и да го подигнуваме квалитетот на живеењето на граѓаните. И токму затоа, тоа што оваа година е изборна нема некое посебно значење, туку и во неа продолжуваме со започнатите или со нови инфраструктурни проекти.
На последната седница советот на општината ги усвои буџетот на општината и годишните програми за 2021 година. Во делот на расходите акцентот го ставаме на реализацијата на капиталните проекти, социјалните програми, унапредување на комуналните услуги и целосно кратење на непродуктивните трошења. Притоа, продолжуваме со нашата определба во секое село да решаваме по некој проблем.
Овде би потенцирал само некои од инфраструктурните проекти кои ќе се реализираат во текот на оваа година: ставање во функција на новата бушотина во село Требеништа и подобрување на водоснабдувањето на селата Горенци, Оровник и Подмолје; изградба на фекална канализација за село Лешани; реконструкцијата на задружниот дом во село Требеништа (втора фаза); реконструкција на општинскиот пат село Белчишта-село Злести; асфалтирање на улици во повеќе населени места во општината; реконструкција на старото училиште во село Брежани, во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Албанија; санација на задружни домови и објекти на месните заедници во неколку села; тампонирање на полски и пристапни патишта; а очекувам да бидат одобрени и нашите апликации за изградба на фекалните канализации во село Велмеј и село Требеништа и многу други проекти.
На почетокот на идниот месец ќе го објавиме Акциониот план за сите проекти кои ќе ги реализираме и граѓаните треба да бидат сигурни дека во сите населени места планираме по некоја проектна активност.
2. Воспоставивте пракса изминатите години да ги повикате граѓаните, граѓанските организации и здруженија активно да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет. Така беше и за оваа 2021 година. Дали некои нивни предлози и идеи беа прифатени?
Тргнувајќи од нашата заложба во изминативе три години од мандатот, за подигнување на нивото на транспарентност во работата на Општина Дебрца и со цел граѓаните да станат активни чинители и активно да се вклучат во дебати кои директно влијаат на локалните политики, оваа година поради Ковид 19 кризата одлучивме предлог програмите и предлог-буџетот на Општина Дебрца за 2021 година да го презентираме online преку дигиталните платформи, а преку кои граѓаните можеа да ги кажат своите забелешки и предлози во однос на буџетот и годишните програми.
Во Годишните програми и Буџетот во целост се земени во предвид предлозите на граѓаните, месните заедници, бизнис заедницата и невладините организации, кои беа дадени во транспарентната постапка за нивно изготвување и донесување.
3.Од кои досегашни проекти сте најзадоволни? Има ли нешто што сакавте, но не успеавте да го реализирате?
Секој проект, од најмалиот до најкрупниот си има свое значење и со реализацијата на секој проект решаваме некој проблем,за некого поголем, за некого помал. И затоа, секој проект кој сме го реализирале ми е подеднакво драг, ако со него сме успеале да задоволиме нечиј индивидуален или колективен граѓански интерес.
Посебно сум задоволен што реализиравме неколку проекти со европски пари, како што беа проектите од Програмите за прекуграничната соработка со Грција и Албанија и МСИП Програмата. Во текот на алицирањето и имплементирањето на овие проекти се учевме и стекнувавме искуства како да се подготви и спроведе еден проект со европски пари. Ова дотолку повеќе ако се има во предвид дека ваквите проекти бараат извонредно високи критериуми. Особено ни беа значајни искуствата од нашите европски партнери. Како резултат на тоа мислам дека веќе имаме едуциран општински тим, способен и во иднина да изготвува и имплементира издржани и квалитетни европски проекти и со нескриен оптимизам очекувам во наредните неколку месеци да добиеме убави вести за одобрување на нови европски проекти за кои имаме аплицирано.
Драго ми е и тоа што без ниту денар оптоварување на општината, со европски грант ги зголемивме техничките перформанси на јавното комунално претпријатие, набавувајќи нова механизација.
Една година од мандатот, заедно со Координативното тело и граѓаните без оглед на нивната партиска припадност “потрошивме” во нашата борба да докажеме дека Годивје како локација за централната постројка за управување со отпад е неприфатливо и “несреќно” решение на Министерството за животна средина и неговите консултанти. Се надевам успеавме.
Со реализацијата на неколку проекти мислам дека полека ги поставуваме темелите и насоките за реализација на нашата визија Дебрца да прерасне во атрактивна туристичка дестинација и производство на здрава храна, соларна енергија и зелена економија. Тука се перспективите на Дебрца. Сеуште сме далеку од целта, ама сепак се движи. За оваа година очекувам две конкретни инвестиции на приватни инвеститори во оваа насока.
Се разбира дека има и проекти кои сме ги планирале, ама не сме успеале да ги реализираме, како на пример во делот на капиталните инвестиции изградба на фекални канализации за неколку села, а има и некои проекти кои не сме ги реализирале со планираната динамика. Не би сакал да барам оправдување, ама мораме да потенцираме дека една од причините е и актуелната пандемија предизвикана од ковид 19 вирусот. Веќе втора година од мандатот го тераме во ковид состојба. Последиците од тоа се неминовни.
4.За неколку месеци очекувано е да започне изборната кампања. Дали ќе „трчате“ за втор мандат?
Искрено, воопшто не се оптоварувам со тоа. Во моментов сум преокупиран и концентриран успешно да ги реализираме проектите за оваа година, чесно и одговорно да го завршам мандатот. Не припаѓам на оние кои мислат дека се предодредени многу мандати да вршат една ваква јавна функција. Напротив, мислам дека и со законско решение треба да се ограничи на не повеќе од два мандати.
Целиот работен век, 24 години ги поминав во локалната самоуправа и токму тоа беше и мотивот пред три и нешто години да се кандидирам за оваа функција. Да го ставам мојот интелектуален и професионален капацитет во служба на локалната заедница и граѓаните. Со мојот тим идејата ни беше да реализираме проекти и подобриме квалитетот на животот во селската средина, во која и јас постојано живеам, да изградиме отворена и транспарентна за граѓаните општина и да бидам градоначалник еднаков за сите граѓани, и за оние кои гласале и за оние кои не гласале за мене. Дали успеавме во тоа, не сум јас тој што треба да каже. Граѓаните ќе си кажат.
За мене најголемата сатисфакција ќе биде и по завршувањето на мандатот да можам со крената глава да се сретнам и поздравам со секој наш граѓанин.
Jan 16, 2021
Вложувањето во спортската инфраструктура е еден од нашите врвни приоритети.
Ние се водиме од девизата дека спортот не е и не смее да биде привилегија само на одбраните, или само на големите и урбани центри. Напротив, тој мора да биде достапен секому и секаде подеднакво.
Извршивме санација на балон спортската сала во село Требеништа.
Општина Дебрца го доби и првото тениско игралиште. Игралиштето е во балон салата и е едно од ретките во Македонија во покриен простор.
За овие активности од буџетот на општината се издвоени вкупно 175.000 денари и тоа за санацијата на балон салата -40.000 денари и за изработка на акрилната подлога на тениското игралиште ( за набавка на специјалните акрилни бои ) -135.000 денари.
Благодарност до ентузијастите од ЗФК “Св.Петар” село Лешани, кои доброволно и без надомест ја изработија акрилната подлога и се иницијатори за формирање на првиот тениски клуб во општина Дебрца.
Благодарност и до советот на општината кој ја поддржа реализацијата на оваа проектна активност во спортската инфраструктура.
Согласно Годишната програма за спорт за 2021 година сите спортски клубови и поединци од општината можат бесплатно да ја користат балон салата за спортски и рекреативни активности, а трошоците за тоа ќе бидат субвенционирани од буџетот на општината.
Во здраво тело – здрав дух!
Jan 15, 2021
Во изминатиот период за првпат по долгогодишен одложување, со механизацијата на Општина Дебрца и ЈКП извршивме пробивање и чистење на речното корито на т.н. “Средна Река” село Белчишта до вливот во Матицата на Белчишкото Блато.
Денес финиширавме со чистење на речното корито во центарот на селото.
Општина Дебрца и натаму останува посветена во реализација на зацртаните програми.