Menu
Честитка за Рамазан Бајрам

Честитка за Рамазан Бајрам

По повод празникот Рамазан Бајрам, градоначалникот Ногачески упати честитка до сите исламски верници:

На сите граѓани од исламска вероисповед Ви го честитам најголемиот празник во исламската вера, празникот на мирот и меѓусебното разбирање – Рамазан Бајрам.
Во духот на Празникот, Ви упатувам честитки со желби за лична среќа и духовен мир и нека овој празник Ви донесе многу чисти мисли, нека ја зголеми милоста, љубовта и добрите дела во Вашите семејства, кон Вашите соседи, пријатели и сограѓани.

Честит Бајрам – Бајрам Мубарек!

Активности за реализацијата на Годишната програма за организирање на јавни работи

Активности за реализацијата на Годишната програма за организирање на јавни работи

Изминатата седмица во рамките на “Програмата за јавни работи” на територија на општина Дебрца се изведуваат зафати за расчистување на дивите депонии, односно расчистувања на крајпатната вегетација која со години наназат преставува сериозен проблем во непреченото одвивање на сообраќајот.

Започнуваќи од  5-ти јуни-светскиот ден на животната средина, во општина Дебрца се отпочна реализацијата на Годишната програма за организирање на јавни работи. Jавните работи ќе се организираат за одржување на јавната инфраструктура и одржување и заштита за животната средина и природата ( одржување-чистење на крајпатната вегетација на општинските патишта и улици, чистење и санација на дивите депонии, чистење и одржување на речните корита, канали, одводи, јавниповршини, паркови и хортикултурно уредени локации во селата, фудбалските игралишта, подобрување на условите за живеење и други работи). Со програмата работно се ангажирани 10 долгорочно eвидентирани невработени лица, за период од 5 месеци. За потребите на јавните работи набавени се машини, хтз опрема и алати ( моторна коса тример, моторна пила телескопска, машина за сечење на асфалт, моторна пумпа за наводнување и одводнување, апарат за заварување, брусалици, градинарски и друг алат), а ќе биде ангажирана и дополнителна механизација. 

Во програмата за развој на комуналните дејности во 2018 година плниравме набавка на механизација ( трактор и мулчер ) за чистење на крајпатната вегетација на сите општински патишта. Чисти и прегледни патишта се предуслов за безбедно одвивање на сообраќајот.“ – истакна градоначалникот Ногачески.

Промоција на меѓукултурни партнерства, низ езерото

Промоција на меѓукултурни партнерства, низ езерото

Општина Дебрца денес беше домаќин на мултикултурната ревија на ученици од Охрид и Дебрца, која се одржа на сретселото во Белчишта, а во рамки на проектот ‘’Промоција на меѓукултурни партнерства, низ езерото’’, во организација на Здружението за мултикултурна интеграција “Инклузија – Inclusion”.

Како локална самоуправа ги поддржавме сите активности во рамките на овој проект, а ќе ги поддржуваме и сите наредни проекти во кои се промовираат културните различности на нашата убава мултикултурна земја.- истакна градоначалникот на Ногачески.

Објава За електронско јавно наддавање за давање под закуп на деловен простор

Објава За електронско јавно наддавање за давање под закуп на деловен простор

Врз основа на член 24 став 3 и 4, член 37 и 39 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост (Службен весник на РМ бр.78/2015, 106/2015, 153/2015, 190/2016 и 21/2018), Комисијата за располагање со недвижни и движни ствари на општина Дебрца, објавува:

О Б Ј А В А Брoj 1 / 2018

За електронско јавно наддавање

За давање под закуп на деловен простор

(ПРВ ПАТ)

  1. ПРЕДМЕТ НА ЕЛЕКТРОНСКОТО ЈАВНО НАДДАВАЊЕ

Предмет на електронското јавно наддавање е издавање под закуп на недвижни ствари – деловен простор, сопственост на Општина Дебрца, кои се издаваат под закуп согласно Одлуката за спроведување на постапка за јавно наддавање за издавање под закуп на деловен простор во зграда – Дом во село Злести, за вршење на трговија на мало, број 08-1122/5 од 28.05.2018 година, донесена од советот на општина Дебрца.

  1. ПОДАТОЦИ ЗА ДЕЛОВНИТЕ ПРОСТОРИИ КАКО ДЕЛ ОД НЕДВИЖНАТА СТВАР КОИ СЕ ДАВААТ ПОД ЗАКУП

Предмет на закуп се просториите:

Реден бр.

Адреса

Опис и намена на деловниот простор

Површина

Вкупна почетна цена на закупнината (0,5% од проценетата вредност)

Банкарска гаранција 2% од проценетата вредност

Почеток

Час

1.

Село Злести

ДП на приземје и кат, (дел од задружен дом), КП-629, КО Злести, ИЛ 566

Деловниот простор се издава под закуп со намена за вршење на трговија на мало

( продажба на колонијални и прехрамбени произвоиди ), за времетраење од 10 години.

239,9 м2

4.851,99 денари

19.407,92 денари

12:00

часот

  1. ПРАВО НА УЧЕСТВО

Право на учество на јавното наддавање имаат сите заинтересирани домашни и странски, физички и правни лица кои можат да се стекнат со право на сопственост на недвижни ствари на територијата на РМ согласно со закон и кои ги исполнуваат условите дадени во објавата.

  1. УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО НА ЕЛЕКТРОНСКОТО ЈАВНО НАДДАВАЊЕ

Заинтересираните правни и физички лица поднесуваат Пријава за учество на јавното наддавање.

Пријавата за учество на јавното наддавање се поднесува електронски и треба да ги содржи сите податоци и докази кои се утврдени во објавата за јавно наддавање и тоа :

4.1. Доказ за идентитет :

-лична карта за физички лица;

-тековна состојба од Централен регистар на Република Македонија (за домашни правни лица);

-извод од регистрација од соодветен регистар во државата од која доаѓа (за странски правни лица).

4.2. Е-маил адреса на подносителот на пријавата, преку која ќе се врши постапка на регистрирање за учество на електронското јавно наддавање, односно ќе му бидат испратени корисничкото име и шифра за пристап на интернет страницата на која што ќе се одвива електронското јавно наддавање.

4.3. Изјава со која што ги профаќаат условите што се дадени во објавата.

4.4. Банкарска гаранција за сериозност во висина од 2% од проценетата вредност на недвижната ствар, за учество на јавното наддавање. Покрај електронски банкарската гаранција за сериозност треба во оригинал во писмена форма да се достави и до Комисијата за располагање на недвижни и движни ствари на Општина Дебрца на денот кога се доставува комплетната документација.

За да може да поднесе пријава за учество заедно со доказите утврдени со објавата, секое физичко и правно лице треба претходно да се регистрира на страната http://www.e-stvari.mк.

Доколку понудувачот веќе учествувал во постапките по претходни објави и електронски јавни наддавања спроведени преку системот http://www.e-stvari.mk, за него важат претходно автоматски доделените корисничко име и лозинка, доделени заради негово учество во претходните постапки.

Доказите кои е потребно да се достават врз основа на објавата, регистрираното лице е должно да ги прикачи во системот во скенирана копија во PDF формат.

На подносителите на пријавите кои се комплетни им се доставува корисничко име и шифра за учество на јавното наддавање, а на подносителите на пријавите кои не доставиле комплетна документација им се доставува известување со образложение дека нема да учествуваат на јавното наддавање.

Објавата трае 15 ( петнаесет ) дена почнувајќи од 04.06.2018 год. и ќе трае заклучно со 18.06.2018 година.

Јавното наддавање ќе се одржи електронски на следната интернет страница http://www.e-stvari.mk

Јавното наддавање ќе се одржи на ден 22.06.2018 година ( петок ) и ќе започне во 12:00 часот.

  1. РОК ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ

Пријавите за учество на Јавното наддавање во електронски облик можат да се доставуваат најдоцна три дена пред почетокот на јавното наддавање, односно заклучно со 18.06.2018 година.

  1. ПОЧЕТНА ЦЕНА

Вкупната почетна цена на закупнината на електронското јавно наддавање за недвижноста која е предмет на закуп е утврдена во табеларниот преглед на оваа објава. Електронското јавно наддавање ќе се одржи доколку по објавата се пријавил и само еден учесник кој ги исполнува условите дадени во објавата и ја прифати почетната цена.

7.БАНКАРСКА ГАРАНЦИЈА ЗА СЕРИОЗНОСТ НА ПОНУДАТА

7.1. Банкарската гаранција за сериозност на понудата за учество на електронското јавно наддавање за надвижноста предмет на закуп изнесува 2% од проценетата вредност на недвижната ствар и износот е утврден во табеларниот преглед даден во оваа објава.

7.2.Банкарската гаранција треба да има рок на важност најмалку 60 дена од денот на одржувањето на електронското јавно наддавање. Секоја пријава што не содржи гаранција за сериозност на понудата или содржи гаранција за сериозност на понудата која не е во согласност со условите во објавата, ќе биде отфрлена и нема да учествува на електронското јавно наддавање.

7.3.Банкарската гаранција за сериозност на понудата за учество на јавното наддавање се враќа на подносителот на пријавата во рок од 15 дена од денот на одржувањето на јавното наддавање, а банкарската гаранција на најповолниот понудувач му се враќа во рок од 15 дена од денот на уплатата на вкупната цена постигната на јавното наддавање.

8.ПОСТАПКА

8.1.Јавното наддавање започнува со објавување на вкупната почетна цена на месечната закупнина и се спроведува по пат на наддавање од страна на учесниците.

8.2.Јавното наддавање ќе се одржи доколку по објавата се пријавил и само еден учесник кој ги исполнува условите дадени во објавата и ја прифати почетната цена.

8.3.Во првите пет минути од јавното наддавање учесниците можат да ја прифатат, односно зголемуваат цената на месечната закупнина. Јавното наддавање се смета за завршено во моментот на истекот на времето определено во објавата, при што доколку во истекот на последните две минути од определеното време за траење на јавното наддавање од страна на учесниците е дадена понуда, крајниот рок за завршување на јавното наддавање се продолжува за уште две минути, а ќе заврши кога за период од следните две минути нема нова дадена понуда.

Јавното наддавање продолжува неограничено се додека во временски интервал од две минути има нова понуда.

8.4.Доколку во првите пет минути од јавното наддавање не е прифатена понудата, односно не е дадена повисока понуда од учесникот на јавното наддавање, вредноста на недвижната ствар се намалува за 2 % од проценетата вредност по што учесниците на јавното наддавање повторно ќе имаат можност да ја прифатат односно зголемуваат цената на месечната закупнина без притоа да се ограничува минималниот чекор на зголемување. Доколку во истекот на последните две минути од вторите пет минути од јавното наддавање од страна на учесниците е прифатена понудата, односно дадена е повисока понуда, крајниот рок за завршување на јавното наддавање се продолжува за уште две минути, а ќе заврши кога за период од следните две минути нема дадено нова понуда.

8.5.Доколку во времетраење од 5 минути повторно нема понуда, вредноста на недвижната ствар повторно се намалува за 2 % од првичната проценета вредност.

Намалувањето на вредноста на недвижната ствар во текот на наддавањето може да биде најмногу до 30 % од проценетата вредност без разлика колку понудувачи се јавиле на јавното наддавање.

8.6.За најповолен понудувач се смета учесникот на јавното наддавање кој понудил последна цена која претставува највисока цена за месечната закупнина

8.7.Комисијата по завршувањето на јавното наддавање изготвува записник за спроведеното јавно наддавање кој се доставува до сите учесници на јавното наддавање.

8.8.Најповолниот понудувач во рок од 15 дена од денот на завршувањето на јавното наддавање е должен да ги уплати средствата согласно постигнатата крајна цена за закуп на деловниот простор и во рок од 5 работни дена по извршената уплата, се склучува Договор за закуп на деловниот простор, а доколку не ги уплати во овој рок нема да се пристапи кон склучување на договор, банкарската гаранција ќе биде активирана, а понудувачот во период од една година нема да може да учествува на секое идно јавно наддавање за предметната недвижна ствар.

8.9 На договорот за закуп на деловниот простор соодветно се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи.

8.10.Учесниците имаат право на Приговор само по однос на постапката за јавно наддавање, во рок од три дена од одржувањето на јавното наддавање до Комисијата која одлучува по приговорот со решение, во рок од пет дена од приемот на приговорот.

8.11.Против решението донесено од комисијата со кое се одлучува по поднесен приговор може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен

8.12.Трошоците за солемнизацијана договорот за закуп на деловниот простор паѓаат на товар на закупувачот на деловниот простор.

Оваа објава ќе биде објавена и на веб страницата на општина Дебрца, www.debrca.gov.mk

Општина Дебрца

Комисија за располагање со недвижни и движни ствари

Игор Мартиноски, диа – претседател

Цвета Филипоска-Симеонова – член

Љупчо Балески, дги – член

Градоналачникот Ногачески учествуваше на трилатерална средба во Охрид

Градоналачникот Ногачески учествуваше на трилатерална средба во Охрид

Вчера во Охрид градоналачникот Ногачески учествуваше на трилатерална средба помеѓу министрите за култура на Република Македонија, Албанија и Црна Гора,на која пристуствуваа и Градоначалникот на општина Охрид, заменик претседателот на општина Котор, Црна Гора, националниот координатор за култура во Владата на РМ, Синиша Сесум, Шеф на Антена канцеларијата ( Сараево ) при Регионалното биро на УНЕСКО, претставници на експертската јавност, невладините организации и на која главна тема беше спроведувањето на акции/мерки од одлуката на Комитетот за светско наследство на „УНЕСКО“.
Во прилог интегралниот текст од неговото излагање:
“Регионот на Охридското Езеро е еден од ретките локалитети во светот кои истовремено се и природно и културно наследство на УНЕСКО од причина што станува збор за регион со висока еколошка вредност од меѓународен карактер и од суштинско значење и приоритет за Република Македонија.
Неодделив дел од еко-системот на Охридското Езеро е и подрачјето на општината Дебрца.
Дебрца е подрачје со чиста и заштитена животна и природна средина и производство на здрава храна, сочувани природно наследство, биолошка разновидност и автентичност, најбогат басен на чиста вода за пиење, блатни системи, еколошки најчистата општина, недопрена природа sui generis, сочувана во нејзина автентична и изворна форма, подрачје кое само по себе претставува своевиден споменик на природата.
Дебрца е сливот на Охридското Езеро, слив кој се карактеризира со подеднакво богата и значајна биолошка разновидност и вклучува исклучително голем број ендемски видови.
Дебрца има многу атрактивни села, цркви, манастири и свети места, како и археолошки локалитети, од кои посебно би ја издвоил светски познатата археолошка локација Требениште.
Од овие причини, се разбира сосема оправдано, дел од подрачјето на општина Дебрца влегува во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство, како светско наследство, иако лично сметам дека целото подрачје на општина Дебрца заслужува да биде во границите на заштитеното природно и културно наследство.
Така на пример, во Списокот на светското природно наследство во Охридскиот регион не влегува природното добро, Белчишкото блато, познато како Сини Вирој, кое е нашето најзачувано блато, во оригинерна форма.
Затоа, за почеток, во наредниот период треба да се избориме за номинирање на ова природно добро до Конвенцијата на УНЕСКО, како природно наследство од особено значење кое треба да влезе во Списокот на светското природно наследство во Охридскиот регион, односно да се избориме за проширување на границите на заштитеното природно добро во Охридскиот регион.
И покрај меѓународните и националните мерки за заштита, наследството на регионот и понатаму е под закана и опасност од губење на статусот, а кое нешто беше констатирано и во препораките на Комитетот на светско наследство на УНЕСКО.
За жал, дел од забелешките изнесени во Одлуката на Комитетот на светско наследство на УНЕСКО во изминатиов период сме ги констатирале и на подрачјето на нашата општина. Во оваа прилика само ќе нотирам неколку проекти кои во изминатиов период се имплементирани или се планира да се имплементираат во општина Дебрца, а кои имале или ќе имаат негативното влијание врз биодиверзитетот, почвата и водите, односно претставуваат сериозна закана за одржување на биодиверзитетот и природната изворност на Охридско Езеро и Регионот.
Пред две години Министерството за транспорт и врски ја промовираше новоизградената пешачка патека покрај Охридското Езеро, КО-Оровник, општина Дебрца.Во конкретниов случај се работи за изградба на бетонска платформа, со која се прекинува природната комуникација меѓу езерото и крајбрежниот појас, градежните работи се изведени со големи количини на неавтохтон материјал, како бетон и железо и со навлегување во литоралот на езерото..
Понатаму, при изградбата на Автопатот А2, делница Кичево-Охрид, која во најголемиот дел поминува низ општина Дебрца, со измените на прописите за градење на изведувачите на работите им беше овозможено, во скратени и ад хок постапки да им се издаваат дозволи за користење на минерална суровина од т.н. позајмишта, дозволи за депонирање на инертниот отпад, водостопански согласности со кои на терен беше менуван водотекот на реката Сатеска, а им беше издадено и одобрение на земјоделско земјиште, во непосредна близина на реката Сатеска и Белчишкото блато да изградат постројки за бетонска и асфалтна база.Сите овие постапки имаат негативно влијание врз природното наследство.
Несоодветното управување со отпадните води е следниот проблем кој е нотиран во препораките, а кој се однесува и за нашата општина. Општина Дебрца има изградено системи за одведување на отпадните води само во три села кои влегуваат во заштитеното подрачје. Имаме подготвено проекти и за другите села, но како мала општина, со ограничени финансиски ресурси немаме средства за нивна имплементација. Европските пари ни се тешко достапни, поради строгите критериуми и пред се поради правилата претходно сами да ги исфинансираме проектите. Затоа, на овој план очекуваме многу поголема поддршка од Владата на Република Македонија.
Посебно би сакал да се задржам на препораката во однос на несоодветното управување со цврстиот отпад во регионот, голем и горлив еколошки проблем. Во Извештајот што го усвои Владата на РМ Македонија е нотирано дека Министерството за животна средина и просторно планирање ги има изготвено сите потребни документи за воспоставување на интегриран и финансиски оддржлив систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион. Сите овие документи се донесени во една крајно нетранспарентна постапка, без притоа да се побара мислење од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и во нив како локација за регионалната депонија се посочува селото Годивје, општина Дебрца. Ваквото несреќно решение не само што не го решава проблемот, туку дополнително директно го загрозува Охридското Езеро и заштитеното природно и културно наследство во Охридскиот регион.Единствено прифатливо решение е регионалната депонија да се гради на локација каде што нема ризик од негативни ефекти врз природа со уникатна вредност како што е охридскиот регион, односно надвор од сливното подрачје на Охридското Езеро.
Општина Дебрца останува крајно посветена на исполнување на обврските кои во однос на управувањето со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион произлегуваат од Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, Конвенцијата на УНЕСКО и документите донесени од органите на оваа Конвенција.
Трајното зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион е сложен и долготраен процес, кој ќе биде единствено возможен во средина на транспарентност, отвореност, искреност и отчетност, кои мора да се изградат на сите нивоа на владеењето, во култура која препознава дека благосостојбата на луѓето е единствено возможна со третирање на луѓето и природата во симбиоза.”