Горно Средоречие е село во Општина Дебрца, во областа на Дебрца, во околината на Охрид. Во 19 век селото се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебрца , во Отоманското Царство, на 2,5 километри од општинското седиште Белчишта, во областа Дебрца на надморска висина од 770 метри. Во близина е археолошкото наоѓалиште Зластрана од неолитскиот период. Околни села се Лешани на југоисток, Велмеј на исток, Оздолени на север, Сошани на североисток, и Белчишта на запад.
Според податоци во 1900 година, во селото имало 100 жители сите Македонци христијани, а во 1905 година Горно Средоречие имало 56 жители. 1948 година е годината кога во селото бројот на жители бил 175, во 1953 година повторен пораст на наталитетот 297 жители, а веќе во 1961 година бројот на жители е 161, десет години подоцна во 1971 бројот на жители бил 140, во 1981 година 80 жители, 1991 година 59 жители. Бројот на жители се намалувал сеуште, па така во 1994 година бил 38 жители, за да во 2001 година достигне бројка од 14 жители.
Горно Средоречие е македонско православно село, младо по постанок и настанато во средината на XIX век. Родовите во селото се делата на родови кои се доселени до крајот на турското владеење, и родови доселени после тоа.
- Родови доселени до крајот на турското владеење: Иљовци, доселени од село Белчишта, Ушковци доселени исто така од Белчишта, а некое време живееле во Грко Поле, Настовци и Наумовци доселени од Белчишта, и Стефановци се доселеници со непозната старина.
- Родови доселени после 1912 година: Марковци, Миленковци, и Божиновци доселени од селото Брежани, Настевци и Савевци доселени од селото Ботун, Дојчиновци доселени се од селото Слатино, и Настовци доселени се од селото Куратица.
Според истражувања во 1948 година, родови во селото Горно Средоречие се:
- Јанковци доселени се околу 1850 година од селото Белчишта, Ушковци доселени се од Грко Поле, Опеловци или Ефтимовци доселени се 1908 година од Долно Средоречие, Трајковци или Настовци доселени 1913 година од селото Ботун, Лаловци доселени 1913 од селото Брежани, Кулевци или Бутевци доселени се 1914 година од Белчишта, Спировци или Богојовци доселени се во 1918 година исто така доселени од Брежани, Савевци доселени од Ботун, Божиновци доселени од Брежани, Настовци доселени од село Куретица, Слатинци или Размовци доселени 1925 година од Слатино и Дојчиновци доселени во 1928 година од селото Белчишта.
- Роми: Демировци доселени се во 1945 година од селото Белчишта како ковачи.
Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебрца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта. Во периодот од 1950-1952 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Белчишта, во која влегувале селата Белчишта, Горно и Долно Средоречие и Злести. Од 1952-1955 година, селото било дел од тогашната Општина Белчишта, во која покрај селото Горно Средоречие, се наоѓале и селата Белчишта, Ботун, Брежани, Велмеј, Грко Поле, Долно Средоречие, Злести, Лешани, Ново Село, Песочани, и Црвена Вода. Во периодот од 1955-1965 година селото се наоѓало во некогашната Општина Белчишта, а во периодот од 1965-1996година, во рамките на големата Општина Охрид.
Во селото Горно Средоречие се наоѓа црквата Св. Богородица која е изградена во 1936 година.
Како и од многу други села па така и од Горно Средоречие жителите се иселувале, па така до 1948 година се знае за следниве иселеници: Јанковци-има иселеници во Јужна Америка и Австрија, од Ушковци и Кулевци има иселеници во Јужна Америка.