Menu
Општина Дебрца со подршка за ретките болести

Општина Дебрца со подршка за ретките болести

Денес, 28 Февруари е Меѓународниот ден на ретките болести.
Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста во општеството за предизвиците со кои се соочуваат овие луѓе. Денес во светот 300 милиони луѓе се соочуваат со некаков вид на ретка болест, а има над 6.000 различни дијагнози.
Ретката болест значи недоволна заштита од здравствените органи на државата, недостаток на третман и лекарства, стигма од општеството. ЗАЕДНО ДА СЕ ИЗБОРИМЕ ТОА ДА СЕ ПРОМЕНИ.
На овој Ден сите треба да се потсетиме што се направило досега за пациентите и семејствата со ретки болести и што треба да се направи за да може да загарантираме посреќна иднина за ретките семејства.


Денес, заедно со учениците од ОУ “Дебрца” се приклучив на кампањата за поддршка на лицата со ретки болести.
На маичките го аплициравме мотото “Сите сме исти” , со што испративме порака да им пристапиме на сите тие личности што се ’ретки‘ како кон сите вообичаени личности што ги познаваме и со кои комуницираме, се дружиме, со кои работиме.
Општина Дебрца во Годишната програма за здравствена заштита има предвидено доделување на финансиска помош за набавка на терапија за лицата кои имаат ретка болест. Никој не треба да губи надеж, никој не треба да престане да се бори за подобар живот. Заедно да градиме иднина, да направиме иднината да се случи за семејствата што се соочуваат со живот со ретка болест.. – истакна градоначалникот Ногачески по средбата.

 

Турје

Турје

Турје е село во Општина Дебарца, недалеку од патот Кичево – Охрид.

Не е јасно сосема од каде е името на селото, според некои претпоставки можно е да го добило бидејќи еднаш било турено -рушено.Селото Турје се наоѓа во областа Дебарца, на северните падини на Илинска Планина. Селото е оддалечено 33 километри јужно од Кичево и 40 километри северно од Охрид. Атарот на селото Турје граничи со атарите на селата Сливово на југозапад, Мраморец на југ, Козица на исток, Свињиште, Брждани и Јудово на исток, североисток и север, и Малкоец на северозапад. Поедини места во атарот на селото ги носат следните имиња: Подпеш, Добра Вода, Чешма, Изворче, Неговиште, Пепелкојца, Миајлев Дол, Касапница, Карџаној Падини, Коловоз,итн.

Турје е многу старо село, за прв пат се спомнува под името Турје во 1582 година и спаѓало во Охридскиот Санџак, нахија Дебарца. Селото еднаш пропаднало па го обновиле родови кои живееле во месноста Касапница, тоа било во ХVIII век.За време на Илинденското востание селото дало доста борци, па така од одмазда Турците го запалиле селото, и запалиле 64 куќи. Селото било запалено до темел и во текот на Втората светска војна, а од балистите биле стрелани 4 жители.

Според податоците од 1873 година, селото имало 40 домаќинства со 110 жители Македонци христијани,а според статистиката од 1900 година,во Турје живееле 320 жители, во 1905 година селото броело 456 жители.

Поголемиот број родови во селото се староседелски, кон крајот на ХVIII век родовите се поместиле од месноста наречена Касапница, која лежела западно од денешната местоположба на селото.

Родови во селото се: Трпчевци, Андреевци, Николовци, Тодоровци, Стефановци,, Тунтевци , Здравевци и Војневци, староседелски родови, кои живееле во месноста Касапница, во родот Трпчевц, целосно се иселени староседелските родови Дебељаковци и Таневци; Корџановци , доселени се од некое село во околината на Корча во Албанија Петревци, доселени се од селото Издеглавје. Споредистражувањата во 1948 година родови во селото се:

  • Староседелци: Николовци,живеат во маалото Ореше, и слават Св. Никола летен или Пантелеј; Тунтевци или Јовевци, живеат во Ореше, слават Св. Никола; Смутревци,  се делат на Здравевци  и Алексијевци,Здравевци живеат во Маало Трпчевци, додека Алексијевци во Смутревци, слават Св. Никола; Алексовци , Грујовци или Панаѓијовци  и Андревци се еден род, и живеат по целото село, и сите слават Св. Никола; Трпчевци  живеат во своето Маало Трпчевско Шукдуровци и Антиловци или Поповци живеат во Трпчевско Маало, и слават Св. Никола зимен; Радичовци  се делат на Стефановци , Пидуровци или Настовци и на Кисковци  живеат во своето Радичовско Маало, и слават Св. Никола летен; Крајчевци се делат на Војневци, Дебељаковци, Марковци, Таневци, Илијовци и Новевци  живеат во своето Крајчевско Маало, и слават Св. Никола зимен.
  • Со непозната старина се: Дуковци некои ги сметаат за староседелци.
  • Доселеници: Корџановци,доселени се од некое село кај Корча, Албанија во 1880 година. Живеат во Смутревско Маало, и слават Св. Никола; Јолевци  доселени се 1908 година од Издеглавје, подалечно потекло имаат од некое место Уљуф во Голо Брдо, денес во Албанија. Живеат во Крајчевско Маало, слават Св. Никола летен.

Постари иселени родови се:

  • Родот Топлевци се наоѓа во селото Лазаровци;
  • Родот Вељановци помеѓу двете светски војни се преселил во селото Лера;
  • Пред крајот на Втората светска војнаоколу 20 семејства се отселиле во селото Славеј.

Од крајот на 1950-тите години миграциите од селото се исклучиво во градовите, селото Другово и прекуокеанските земји.

Иселеници највеќе има во Кичево , Охрид , Битола  и Скопје. Други иселеници има во Струга, Прилеп, Тетово, Гостивар, како и во Австралија.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: Од Николовци иселеници има во Земун кај Белград, и во Славеј, прилепско од Тунтевци иселеници има во Охрид, од Смутревци иселеници има во Софија, Бугарија, Големо Црско, Железник, Крушево, Прилеп, и во Скопје; од Алексовци иселеници има во Битола; од Грујовци иселеници има во Мраморец и од Андревци во Врбјани; од Трпчевци иселеници има во САД и во Пепелиште, Тиквеш; Од Антиловци иселеници има во Белград, Србија и во Бугарија; од Радичовци иселеници има во Кладник, кичевско, Србјани, Битола, и во Белград; од Крајчевци иселеници има во Пепелиште, Тиквеш , Свињиште, кичевско, Бугарија, Белица, Цер, Железник, Прибилци, Железник, Бугарија; од Корџановци иселеници има во Бугарија.Во селото Прибилци, Железник има род Турјановци доселен во Прибилци во 1923 година, во селото Турје припаѓаат на некој род.

Црвена Вода

Црвена Вода

Селото Црвена Вода се наоѓа во областа Дебарца, на источните падини на планината Караорман. Црвена Ввода е планинско село чии куќи се изигнуваат на надморска височина од 1000 до 1200 метри. Селото има убава и поволна поставеност кон југоисток, опкружено со густо пошумени планински падини при што тоа изобилува со свеж воздух и во најтоплите денови. Имајќи предвид дека Црвена Вода е доста високо село со многу шума, поради својата поставеност тоа повеќе потсетува на утврдена населба (тврдина) при што тоа има специфична глетка: штом се здогледа една куќа така се гледа и целото село. Поради ваквото стратешко значење за време на Втората светска војна селото Црвена Вода било средиште на востаничката власт и војна и политичка на македонските партизански одреди и органите на НОБ. Селото Црвена Вода е од збиен тип и се дели на Горно и Долно Маало. Водата за пиење се носи од една снажна села кој се наоѓа во долниот дел на селото. Од градот Охрид е оддалечено 33 километри, и е поврзано со асфалтен пат кој се одвојува како крак од магистралниот пат кај крстосницата за Слатино. Атарот на Црвена Вода се издигнува високо на планината Караорман сѐ до билото на планината Стогово со врвот Бабин Срт, зафаќајќи простор од 17,1 км², на кои преовладуваат шумите на површина од 1202 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 323 ха, а на пасиштата 150 ха. Во густите шуми на атарот над селото најзастапени се листопадните шуми како буката, дабот, леската, јасиката, брезата, а во пониските делови и овошни дрвја како цреши и диви сливи. Од селото Црвена Вода водат повеќе шумски и планинарски патеки кон билото и врвот на Караорман како и врвот Бабин Срт на Стогово при што тоа претставува завршна точка првата западна македонска планинарска трансферзала која започнува од врвот Љуботен на Шар Планина.
Глетка на селото Црвена Вода на падините на Караорман.
Во пишаните историски документи селото Црвена Вода за прв пат се споменува во 1582 година како дервенџиско село со 18 македонски христијански домаќинства. Црвена Вода била дервенџиско село, односно село со посебни задолженија за чување на безбедноста на патните правци и во XVII век. Потоа селото престанало да постои, а денешното село било обновено околу 1820 година од две домаќинства кои се доселиле од блиските раселени села Кочун и Старо Село, а нешто подоцна дошло и трето домаќинство од исто така раселеното село Мацково во соседната долина на Песочанската Река. Од овие три македонски домаќинства кои го обновиле селото Црвена Вода потекнуваа сите останати селски родови. Крај Црвена Вода од јужната страна проеткува рекичката Кочуница, а меѓу народот се вели деа во нејзината долина постоеле две села: Старо Село во горниот дел и Кочун во долниот дел. Старо Село се наошшало 2 км југозападно од Црвена Вода каде во напуштените ниви се гледаат остатоци од некогашните куќни ѕидови, гробови и рушевини од црквиштето Св. Петка. Жителите на Старо Село живееле во големи куќни задруги при што една имала по 20 возрасни мажи, а во „атлакот“ на таа куќа имало по 27 обесени пушки итн. Селиштето Кочун лежело на долинското дно еден километар пониско од Црвена Вода, каде има добро сочувани стари гробови, табуисани дабови, црквиште Св. Богордица и студен сулфурен извор поради што се смета дека селото не било здраво село бидејќи „децата не траеле од лоша вода“. Според народното предание селата Кочун и Старо Село биле раселени за време на турското владеење кога имало некој „бозгун“ (битка, судир) околу 1820 година, кога во Кочун последен останал некој Ѓуро кој е опеан во народна песна во која се вели „бегај Ѓуро по дружина, да не те вати ужина“.
Поради извонредно стратешки значајната географска местоположба на селото Црвена Вода за време на Втората светска војна тоа било средиште на востаничката власт и војна и политичка на македонските партизански одреди и органите на НОБ на првата слободна територија во Македонија во славната Дебарца. Во селото Црвена Вода престојувале оретставници на воените и политичките тела на народнослободителната борба. , меѓу кои Кузман Јосифовски – ПитуМетодија Андонов – Ченто и други. Со оглед на фактот дека селото Црвена Вода непосредно е поврзано со подлабоките внатрешни планински делови на Караорман, планинскиот и шумовит терен бил одличен за движење на помали востанички партизански групи. Поради тоа на врвот Славеј (1714 м.) на 18 август 1943 била формирана првата регулнара македонска партизанска единица – баталјонот „Мирче Ацев“, а после неколку денови Дебарца станала првата слободна територија во Македонија. На самиот врв на Славеј планина е подгинат споменик.
На многу места на атарот и непосредно над самото село во многу голема мера е застапена почвата црвеница, односно има големи површини на земја и грутки со изразита црвена боја. Во услови на дождови сета вода која се слевала во долот од падините со почва црвеница непосредно над местото на денешното село била црвена, поради што најверојатно местноста и самото село поради тоа го добиле името Црвена Вода. Од црвената земја се правени и тули со кои се градени постарите селски куќи кои заради ова имаат црвена боја на ѕидовите. Во Македонија постои уште едно село со име Црвена Вода (Скопско) за кое постои предание дека потекла вода со црвена боја од крвта на некој разјарени бик кој правел пакости во селото, но и таму над падините над самото село има застапеност на почва црвеница во голем обем.
Според составот на атарот селото Црвена Вода има шумарско-поледелска функција. Сепак најизразита стопанска гранка е шумарството. Во густите и изобилни шуми со многу квалитетни дрвја, во и над селото Црвена Вода се сече многу дрво за огрев, градежништво и за мебел. Со огревното дрво од шумите над Црвена Вода се снабдуваат градовите ОхридСтругаКичево како и бројни села во нивната околина. Од сточарството во многу мала мера се застапени одгледувањето кози и крупен добиток како понекоја крава и вол. Во време кога селото имало повеќе жители, зиме стоката се чувала во куќите каде што се собирало арско (шталско) ѓубре со кое се наѓубрува и гнои земјата. Земјоделството е развиено во многу мали размери поради тоа што околу Црвена Вода има ниви кои што заземаат многу мали простори. Од поледелството исто така во мала мерка за сопствени потреби застапено е одгледувањето на градинарски производи на отворено како домати, пиперки, кромид, лук, морков, компир. Поради големата надморска височина од житата се одгледуваат само ‘рж и јачмен, при што секое домаќинство сее жито само за сопствените потреби. Доста е застапено и овоштарството односно одгледувањето на познатите јадри цреши, вишни, сливи, ореви, јаболка, круши и костени. Обработливото и производително земјиште во Црвена Вода значително се намалило помеѓу 50-тите и 70-тите години поради немање на доволно работна сила како резултат на големиот бран на иселување. Надвор од куќите и нивите има гоели простори под ливади и шуми.
Според пописот од 2002 година, во селото Црвена Вода живеат 23 жители, сите Македонци.
Во 1961 година Црвена Вода имало 282 жители, додека во 1994 само 17 жители сите Македонци. Селото Црвена Вода забележало голем пад на бројот на своето население и било во фаза на раселување.Од последниот попис бележи пораст на бројот на жителите, што се должи на враќањето на постари иселени жители и поволната сообраќајна поврзаност со асфалтен пат. Во Црвена Вода има и неколку новоизградени супер-модерни куќи како и повеќе обновени стари куќи кои се постојано населени.
Селото Црвена Вода отсекогаш па сѐ до денес е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Речиси сите десет селски родови може да се сметаат за староседелци бидејќи потекнуваат и се доселени претежно од блиските околни раселени историски села. Македонски родови кои живеат во селото Црвена Вода се: Петревци, Смилевци и Мицковци  доселени се од соседното одамна раселено село Кочун. Во родот Мицковци се знае следниот родослов: Никола (на 69 години во 1971)-Неде-Спасе-Мицко чиј татко се доселил тука пред околу 200 години односно околу 1820 година. Од некогашното село кое постоело во местноста Старо Село потекнуваат и се доселиле следните родови кои се намножиле од едно домаќинство: Белевци, Танчевци, Филчевци, Сагламци, Љушовци и Китановци. Родот Мацковци  се доселил последен околу 1860 година од раселеното село Мацково кое се наоѓала северно од Црвена Вода во долината на Песочанска Река. Од овој род потекнувал познатиот македонски писател за деца и учител Ванчо Николески.
Според истражувања во 1948 година, родови во селото Црвена Вода се:
Староседeлци: Трајановци – се делат на Смилевци, Митревци, Филчевци, Танчевци, Лушовци и Толовци; Мацковци или Ѓуровци.
Доселеници: Шијаковци – се делат на Мицковци, Белевци, Марковци и Костадиновци. Доселени се од Шијак во Албанија на почетокот од 19ти век; Бучковци – доселени се средината на 19ти век од селото Големо ИлиноЖелезник.
Роми: Усеиновци – доселени се од селото Ливада во 1946 година.
Цркви
  • Црква „Св. Атанасиј“– главна селска црква. Изградена е во втората половина на XIX век, во времето кога според кажувањата на жителите селото имало 7 домаќинства. Денес црквата е возобновена и има простран двор со трпезарија и услужни објекти. Црковна и селска слава е Свети Атанасиј „пролетен“ во мај, додека друга слава на сите родови е Петковден. До 1946 година црквата во посед имала 10 хектари обработливо земјиште кое го добила на подарок од семејство кое не можело да има деца.
Археолошки локалитети
  • Старо Село– средновековна населба со црква и некропола;
Споменици
Поради славната историја за време на Втората светска војна во селото и неговата околина се наоѓаат бројни споменици од НОВ. Во селото се наоѓа спомен чешма со плоча за паднатите борци во НОБ, како и повеќе други споменички обележја за НОБ кои се распоредени на повеќе места на атарот каде се движеле и бореле бројните партизански одреди.
Селото Црвена Вода дало голем број на иселеници во блиската околина, ширум Македонија и во странство. Семејства кои се отселиле од Црвена Вода се: Бучковци, Мацковци и уште 20 домаќинства во соседното село Песочани, Јанкуловци, Јаноски, Новковци, Методиевци во Ново Село во Дебарца, Милевци и Танасковци во струшкото село Враниште, Толевци и Башевци се иселиле во охридско Пештани, Димовци во Македонски Брод, Николовциво кичевското село Патец. Во градот Охрид бројни доселеници од Црвена Вода живеат во т.н. „Црногорска Населба“ (Радоица Новичиќ) и населбите во новиот горен дел на градот како 15-ти Корпус, Железничка, Лескајца, Петрино, Видобишта. Иселеници од Црвена Вода има и во СкопјеБитолаВелес, областа Банат во ВојводинаАвстралија.
Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: од Смилевци иселеници има во ГлогоњВојводина , од Мацковци иселеници има во Глогоњ, Војводина, од Мицковци иселеници има во Глогоњ, Војводина, од Белевци иселеници има во Франција (една фамилија, од 1944 година).
Сливово

Сливово

Сливово — село во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во близина на патот Кичево – Охрид

Во околината на селото имало многу Сливи, и отука дошло името на селото Сливово, или Сливоо, по месниот дијалект.

Селото Сливово се наоѓа во областа Дебарца, на северозападните падини на Илинска Планина. Оддалечено е 30 километри јужно од Кичево и 37 километри северно од Охрид. Атарот на селото Сливово граничи со атарите на следните села: од западната страна со селата Врбјани и Годивје, од северната страна со селата Малкоец и Јудово, од источната страна со селото Турје, и од јужната страна со селата Мраморец и Арбиново.

Месностите во атарот на селото се следните, во шумскиот дел на селото: Капалиште, Храсјен, Турјанска чешма, Попој нивје, Ќосарица, Голак, Спаси камен, Калуѓерец, Мачерник, Фурна, Али чука, Папрадиште, Црни врв, Топачери, Мајчи круша, Преспол, Милошев рид и Кочерид.

Во деловите каде има обработена земја се месностите: Попоа водејнца, Лениште, Клодорама, Св. Никола, Странка, Брце ( горно и долно), Гола глава, Лагон, Турски кладенец, Длага, Слогојне, Трапишта, Бел пат, Кошари пелиор, Врчало, Камен, Печи Змија, Гуска и Осоји.

Куќите во селото се од збиен тип, и во селото има 3 маала: Горно, Долно и Средно маало

Селото за прв пат се спомнува во пописниот дефтер од 1582 година, кога припаѓа на Охридскиот санџак, нахија Дебарца. За претходна локација на селото се спомнува дека била во месноста Св. Никола, која лежела југозападно од денешната положба на селото, но поради турските пљачкаши селото најпрво се поместило во месноста Јакоски куќи. Таму Сливово се наоѓало околу 1800та. Но поради пљачкаши и од таму се поместила, па селото е преместено на денешната местоположба.

Во текот на своето бурно минато, селото е на 2 пати палено до темел. Во текот на Илинденското востание во селото се запалени 70 куќи,  плевни, 1 воденица, 1 црква и 1 училиште.

Според податоците од 1873 година, селото имало 80 домаќинства со 218 жители христијани (Македонци).

На 11 септември 1944 година во Сливово била формирана Првата македонско-косовска ударна бригада.

Според податоците од 1900 година, во селото Сливово имало 400 жители, сите Македонцихристијани, а  во 1905 година во Сливово имало 480 жители.

Во селото Сливово живеат Македонци припадници на православната вероисповест. Во селото има и староседелски и доселенички родови.

Староседелски родови се: Биљановци, и Смилевци.

Доселенички родови се следните:

  • Дуртановци- доселени се поради убиство од некое село во околината на Гостивар.
  • Распоповци- не го знаат местото од каде се доселиле.
  • Белчевци- се доселени од сега веќе раселеното село Белче кое постоело во атарот на селото Мраморец.

Според истражувањата  во 1948 година родови во селото се:

Староседелци: Митрушковци, живеат во Горно Маало, слават Варвара и Преображение; Ѓурковци,живеат во своето маало, слават Варвара и Преображение,  Вељановци или Прензовци, живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Распоповци, живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Смилевци и Богдановци  се еден род, живеат во свое маало, слават

Варвара и Преображение; Шолаковци или Аврамовци, живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Чалевци со Димчевци и Андревци, и Белчевци се еден род, и живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение.

Со непознато потекло се; Димчевци и Симоновци се два посебни рода, некои за нив велат дека се староседелци и далечни деленици од некои од староседелските родови, живеат во свои краеви во селото и двата рода слават Варвара и Преображение.

Селото влегува во рамките на Општина Дебарца, која се создала во 2004, по спојувањето на поранешните општини Белчишта и Мешеишта. Во периодот 1996-2004 селото влегувало во рамките на Општина Белчишта.

Цркви во селото Сливово се:

  • Црква „Св. Атанасиј“- главната селска црква;
  • Црква „Св. Никола“;
  • Црква „Св. Варвара“- најновата селска црква. Камен темелник удрен на 26 јули 2015 година;

Археолошки локалитети во Сливово се:

  • Брце- црква и некропола од ран среден век;
  • Горица- црква од ран среден век;
  • Еленишта-населба среден век;
  • Јаковски Куќи- населба од ран среден век;
  • Ковачница- топилница и ковачница од среден век;

Во селото е родот Ќосевци, Родовите Тасевци и Маљуковци  се отселени во Тајмиште. Во селото Десово се отселени родовите Мицковци и Петковци (2 к.), првите доселени таму 1923 година, а вторите 1925 година. Во селото Дупјачани е родот Сливовци доселен таму 1926 година. Во селото Врбјани е родот Дошлаковци, таму отселени 1850 година. Во Ново Село е родот Прензовци, во Ново Село се населиле средината на XIX век. Во селото Велмеј е истоимен род и во Слатински Чифлик е родот Србиновци отселен таму 1922 година.

После втората светска војна населението почнува да се иселува во градовите и селото Љубојно. Иселеници има во: Охрид,  Скопје , Кичево, Струга, Битола и Прилеп. Во Љубојно се отселени Јовановци во 1950-тите и на многу други места. Надвор од Македонија иселеници има во Австралија.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: Од Митрушковци иселеници има во Бугарија , САД, Битола , Прилеп, Десово, прилепско, и во Дупјачани, прилепско; од Ѓурковци иселеници има во Бугарија, САД и во Глогоњ, Војводина; од Распоповци иселеници има во Бугарија и во Глогоњ, Војводина; од Смилевци иселеници има во Турје, Годивје, Козица, кичевско , Охрид , Десово, прилепско  и во Белград; од Богдановци иселеници има во Охрид , и во Бугарија, од Шолаковци иселеници има во Десово, Прилепско и во САД ; од Чалевци иселеници има во Бугарија , и во Аргентина; од Димчевци иселеници има во Слатински Чифлик , Десово, прилепско , и во Прилеп; од Симоновци иселеници има во Логоварди, битолско, Беровци, прилепско, Дупјачани, прилепско , Глогоњ, Војводина и во Бугарија.

Родот Распашновци иселени се во Граиште, Железник во 1857 година.

Слатински Чифлик

Слатински Чифлик

Слатински Чифлик е село во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во околината на градот Охрид. Селото Слатински Чифлик се наоѓа во областа Дебарца, во подножјето на Илинска Планина.

Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.

Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Издеглавје, во која покрај селото Слатински Чифлик, се наоѓале и селата Издеглавје, Оздолени, Слатино и Сошани. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на некогашната Општина Слатински Чифлик, во која влегувале селата Издеглавје, Оздолени, Слатино, Слатински Чифлик и Сошани.

Според податоците од преданијата и историските записи Слатински Чифлик е младо село кое било основано во 1880 година од страна на Шаќир-бег кој живеел во Битола и Дебар, а тука на атарот на соседното село Слатино населил 4 семејства. Чифликот се распаднал веднаш по завршувањето на Првата светска војна, а обработливото земјиште кое зафаќало површина од околу 100 хектари (1 хектар е „три кила семе“) ја купиле жителите на ова и соседните села Слатино и Оздолени.

Во 19 век, Слатински Чифлик се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство.

Во 2013 година, селото се нашло под опасност да биде потопено, откако напукнал земјениот насип на Слатинското Езеро, изградено во 1963 година, кое се наоѓа на само 2 километри од селото.

Според податоците од 1900 година, во селото Слатински Чифлик имало 40 жители, сите Македонци христијани, а во 1905 година во Слатински Чифлик имало 40 жители.

Според пописот од 2002 година, во селото Слатински Чифлик живееле 11 жители, сите Македонци.

Во 2013 година се проценувало дека останале само четворица жители.

Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, во селото живееле следните 14 домаќинства и во секоја куќа имало минимум 6 членови.

  1. Петре Стојаноски (7 членови).
  2. Ристо Стојаноски (10 членови).
  3. Целе Петрески (10 членови).
  4. Арсе Иљоски (8 членови).
  5. Наум Иљоски (9 членови).
  6. Тодор Иљоски (6 членови).
  7. Ристо Војнески (6 членови).
  8. Темелко Китески (9 членови).
  9. Ките Китески (12 членови).
  10. Неде Китески (11 членови).
  11. Ристо Китески (12 членови).
  12. Кочо Трајчески (18 членови).
  13. Темелко Слиоски (9 членови).
  14. Арслан Метоски (7 членови).

Во 2008 година во селото живееле само 3 жители тоа биле: Јордан Кочоски, Божин Петрески и Трајче Китески.Во селото Слатински Чифлик живеат исклучиво родови на Македонци од православна христијанска вероисповед, и тоа: Китевци (слават Митровден) се најстарите доселеници кои дошле од областа Железник (село Брезово), при што најпрвин се населиле во селото Издеглавје, а потоа дошле овде. Се знае следниот родослов: Милан (жив на 65 години во 1971)-Неде-Велјан-Ките, при што споменатиот предок Велјан околу 1880 г. се доселил од Издеглавје во СлатинскиЧифлик; Петревци (слават Свети Никола) се доселиле од Белчишта после Китевци; Иљовци (слават Свети Ѓорѓи) се доселиле од Сошани каде биле старинци, во исто време со Петревци; Србиновци дошле од Сливово во Горна Дебарца во 1922 година.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Слатински Чифлик се:

Китевци , доселени се од селото БрезовоЖелезник во 1840 година, најпрво во Издеглавје, па во селото Слатински Чифлик; Стевчевци или Петревци , доселени се во 1878 година од селото Белчишта, каде припаѓале на родот Стевчевци; Иљовци, доселени се во 1903 година од селото Сошани; Шулевци или Војневци, доселени се во 1903 година од селото Оздолени, каде припаѓале на истоимениот род; Димовци, доселени се во 1920 година од селото Сливово, каде припаѓале на родот Димчевци.

Роми: Таировци , доселени се во 1928 година од селото Оздолени, како ковачи. Пред тоа живееле во селото Оздолени, а уште порано во селото Издеглавје.

Црква „Св. Богородица“ — главна селска црква, изградена во 1997 година

Родот Ратајковци е иселен во Слатино околу 1898 година, Секуловци се иселени во Оровник, а по потекло биле од Лактиње.

Во Охрид и Охридско се иселиле 39 фамилии: од Арсланоски (три фамилии), Војнески (три фамилии), Иљоски (девет фамилиии), Китески (седумнаесет фамилии), Петрески (седум фамилии).

На други места се иселени: Иљоски (девет фамилии во Скопје, и една во Кичево), Китески (две фамилии во Скопје, една во Кичево, една во Подмоље, и една во Кралево), и од Петрески (две фамилии во Струга, и една во Скопје).

Меѓу првите иселеници од ова село се вбројуваат: Славе Петрески (Мучоски) во Струга, Миладин и Трајан Иљоски во Скопје, Круме Китески во Кичево, Душан Китески во Кралево, и Миле Китески, Петре и Иван Иљоски, Ристо Иљоски и Левко Иљоски во населбата Ѓорче Петров (Скопје), и др.

Од Слатински Чифлик, печалбарството помеѓу двете светски војни воглавно се одвивало во Аргентина и САД.

Од селото Слатински Чифлик во Аргентина на печалба заминале:

  1. Јонче Ристов Китески (1925 година) – не се вратил.
  2. Мицко Ристов Китески (1930 година) – не се вратил.
  3. Величе Темелков Димоски – се вратил.
  4. Ламбе Целев Петрески – се вратил.
  5. Тодор Димов Иљоски – се вратил.

Во САД на печалба заминале:

  1. Ристо Вељанов Китески – се вратил.
  2. Јордан Стојанов Петрески – не се вратил.

Во денешно време во странство сигурно се знае дека се наоѓаат следните жители на Слатински Чифлик со нивните семејства.

  1. Арсланоски Дестанов Смаил во Австралија.
  2. Димоски Величев Трајан во Канада.
  3. Иљоски Бошков Драге во Италија.
  4. Иљоски Бошков Тоше во Италија.
  5. Иљоски Миладинов Зоран во САД.
  6. Иљоски Миладинов Благоја во САД.
  7. Китески Радев Илија во Австралија.