Apr 29, 2021
Советот на општина Дебрца денес ја одржа 47-ма редовна седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
- На оваа седница Советот ги усвои Извештаите за работа на Центарот на Југозападниот плански регион во 2020 година. Во текот на 2020 година преку Центарот на Југозападниот плански регион во општина Дебрца беа имплементирани следните проекти: Реконструкција на патен правец за село Арбиново, доизградба на патен правец село Волино/општина Дебрца-село Мороишта/општина Струга и реконструкција на Дом на култура село Требеништа/прва фаза.
- Советот донесе одлука за проширување на средствата во Буџетот на општина Дебрца за 2021 година, со која во делот на основното образование се предвидени дополнителни 926.000 денари, обезбедени од донација преку Еразмус програмата.
- Советот ја усвои Годишната програма за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести на територијата на општина Дебрца за 2021 година, со која се планираат конкретните мерки и активности за заштита од заразни болести.
- Советот го усвои Анексот на Годишната програма за работа на ООУ Дебрца во учебната 2020/2021 година, со кој работењето на основното училиште се прилагодува кон новонастанатите услови предизвикани од ковид 19 кризата.
- Советот ги усвои одлуките за давање согласност на кварталниот извештај за работењето на ЈП за комунална дејност Дебрца за периодот 01.10.2020-31.12.2020, завршната сметка за 2020 година, како и на годишните извештаи за спроведување на утврдените тарифи за водоснабдување и одведување на отпадни води.
- Советот ги усвои измените на персоналниот состав на општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди. Постапувајќи по барања на загрижени земјоделци, кои претрпеа штети на овошните насади од доцните пролетни мразеви, во наредниот период комисијата ќе објави повик за пријавување на штетите.
- Советот донесе одлука за за спроведување на постапка за јавно наддавање за издавање под закуп на деловен простор во зградата – дом с.Требеништа, со намена за отворање на откупен пункт за земјоделски производи. Со јавниот повик, кој ќе биде објавен ќе се повикаат сите заинтересирани инвеститори за отворање на откупен пункт за земјоделски производи.
Apr 23, 2021
Врз основа на член 39 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ”, број 5/2002) и член 22, став 2 од Статутот на општината Дебрца (“Службен гласник на општината Дебрца”, број 3/2005), донесувам:
Р Е Ш Е Н И Е
за свикување на 47-та седница на Советот на општината Дебрца
Ја свикувам 47–та седница на Советот на општината Дебрца. Седницата ќе се одржи на ден 29.04.2021 година (четврток), со почеток во 12.00 часот, салата за седници на Советот на општината Дебрца.
За седницата се предлага следниот:
Д Н Е В Е Н Р Е Д
- Усвојување на Записникот од 46-та седница на Советот на општина Дебрца
- Предлог – Одлука за проширување на средствата на Буџетот на Општина Дебрца за 2021 година
- Предлог – Одлука за спроведување на постапка за јавно наддавање за издавање под закуп на деловен простор во зградата – дом с.Требеништа
- Предлог – Програма за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести на територијата на општина Дебрца за 2021 година
- Предлог – Одлука за усвојување на годишните извештаи за работењето на Центарот за развој на југозападен плански регион во 2020 година
- Предлог – Одлука за усвојување Анекс на Годишната програма за работа на ООУ „Дебрца“ с.Белчишта за учебната 2020/2021 година
- Предлог – Одлука за давање согласност на кварталниот извештај за работењето на ЈП за комунална дејност Дебрца за период од 01.10.2020 година – 31.12.2020 година
- Предлог – Одлука за давање согласност на годишната сметка – извештај за работењето на ЈП за комунална дејност „Дебрца“ за 2020 година
- Предлог – Одлука за давање согласност на Годишниот извештај за спроведување на утврдените тарифи – водоснабдување за 2020 година
- Предлог – Одлука за давање согласност на годишниот извештај за спроведување на утврдените тарифи – собирање и одведување на урбани отпадни води за 2020 година
СОВЕТ НА ОПШТИНА ДЕБРЦА
Претседател,
Петре Голабоски
Apr 23, 2021
На локалитетот Белчишко блатот и неговата околина изградена е набљудувачница за птици, видиковци за одмор и информативни знаци.
Изградената екотуристичка инфраструктура на која работеше Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ од Охрид, ќе биде предадена во трајна сопственост на општина Дебрца, за да може да ја користи за развој на екотуризам, набљудување див свет и рекреација на посетители.
Изградбата на инфраструктурата е во рамките на проектот „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“, кој започна на 1 јуни 2020 г. и ќе трае до 31 мај 2022 г. Целта на проектот е изработка на студија за валоризација на природните и социо-економските вредности на блатото за прогласување на блатото за заштитено подрачје, теренски истражувања и јакнење на свеста на локалното население за придобивките и значењето на блатото. – информира Ѓоко Зороски од Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ од Охрид.
Проектот е финансиран од Критичниот еколошки партнерски фонд (Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF) – кои го препознаа блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата на нашата држава.