Aug 26, 2025
Деновиве започна изградба на пристапниот пат од село Ботун до манастирската црква “Св.Богородица”,во должина од 1.3 км.
Средствата се обезбедени од Буџетот на општина Дебрца.

Исто така, со министерството за транспорт и врски е потпишан договор за користење на средства за проектот “реконструкција на патот од село Злести до црква “Рождество на Пресвета Богородица”, односно негово асфалтирање, со кој се обезбедени 5.071.787 денари од Министерството за транспорт и врски,а преостанатите 3.358.516 денари се обезбедени од општината.
И за овој проект тендерот е објавен, со што ќе биде исполнето уште едното дадено ветување пред граѓаните.

Aug 25, 2025
Започнавме со реализација на Годишната програма за изградба, реконструкција и рехабилитација на општински патишта и улици за 2025 година.
Завршена е:
Рехабилитација /нов асфалтен слој на улица во село Оровник,улицата која поминува кај црквата “Св.Спас” и се поврзува со новиот пристапен пат до клучка Аеродром “Св.апостол Павле”,должина 420 метри,вредност 1.589.280 денари,

Рехабилитација на улица во село Мешеишта,дел од улицата до фудбалското игралиште,должина 250 метри, вредност 1.120.056 денари.
Средствата се обезбедени од Буџетот на општината за 2025 година.
Aug 25, 2025
Во тек се активностите за уредување на просторот кај црквата “Св.Атанасије” ,село Лешани.
Ќе бидат поставени бекатон плочки, 330 м2,травертин 35 м2, 3 канделабри, пет клупи,садници.
Вкупната вредност на работите изнесува 1.164.170 денари, а средствата се обезбедени од Буџетот на општината за 2025 година.
Aug 22, 2025
На последната седница советот на општина Дебрца донесе одлука за прифаќање на донација на половно противпожарно возило за општина Дебрца од тиролската противпожарна бригада, Република Австрија.
Оваа Одлука следува по средбата, која во месец Мај Градоначалникот Зоран Ногачески заедно со претседателот на советот на општината, Крсте Јорданоски остварија со стручна делегација од областа на противпожарната заштита од Австрија, составена од Петер Логар, проект менаџер на Програмата за поддршка на тиролската противпожарна бригада и Јоханес Пап, Заменик командант на противпожарна бригада на Тирол, Сојузна покраина на Австрија,а на која присуствуваа и претставници на Противпожарната единица од Охрид,со командирот Борко Јанкулоски.
На средбата беше потенцирана и потребата од активно функционирање на волонтерска служба за противпожарна заштита, односно доброволно противпожарно друштво во општина Дебрца,практика која е многу успешно применета во областа на противпожарната заштита во развиените држави.
Од страна на гостите тогаш беше потенцирано дека за да може општината да користи помош во делот на противпожарната заштита од Австрија треба да исполни неколку услови и тоа-да се основа доброволно противпожарно друштво,да обезбеди просторни услови за противпожарните возила и волонтери-пожарникари.
Во изминатиот период формирано е Доброволно противпожарно друштво “Ентузијаст Дебрца”,пополнето е со волонтери,кои допрва ќе бидат опремени и обучени и обезбедени се за почеток изнајмени просторни услови за чување на противпожарното возило.
По исполнувањето на овие услови од страна на претставниците на тиролската противпожарна бригада сме известени дека е одобрена донација на противпожарно возило за општина Дебрца,а кое потоа ќе биде ставено на користење на доброволното противпожарно друштво.

Возилото треба да пристигне во средината на месец Септември.
Градоначалникот Зоран Ногачески изразува посебна благодарност до командирот на ТППЕ Охрид,Борко Јанкулоски,кој со својот несебичен ангажман е најзаслужен за реализација на оваа донација,со што се создаваат почетни услови за остварување на противпожарната заштита во општина Дебрца на поорганизирано ниво,нешто што сите овие години наназад беше основна заложба на локалната самоуправа и воопшто на граѓаните на Дебрца.
Се надеваме дека со поддршка на ТППЕ Охрид,ДПД “Ентузијаст Охрид” и локалната самоуправа успешно ќе функционира и ДПД “Ентузијаст Дебрца”.
Градоначалникот на Општина Дебрца,инсистира на оваа активност да не се дава политичко-партиска конотација,од која однапред се оградува,бидејќи се работи за активност која претставува општо добро и интерес на сите граѓани на Дебрца.
Aug 19, 2025
Традиционално секој Август најзначајната спортска манифестација во општина Дебрца е 27то издание на Турнирот во мал фудбал “Богородица Куп 2025” Волино,кој оваа година има меморијален карактер и е во чест на прерано починатиот волинец и голем поддржувач на ФК “Сатеска” и “Богородица Купот”, Крсте Илинкоски.

Како генерален покровител општина Дебрца го помогна турнирот со 80.000 денари, а во чест на Крсте обезбеди и 12 пара спортска опрема ,дресови и 50 маици на кои е аплициран неговиот лик.