Aug 1, 2026
Денеска, во присуство на нашиот почесен конзул во Перт, Австралија, г-дин Зоран Ќосески, примивме донација која навистина топли срца.

Сите наши 17 првачиња добија прекрасни, целосно опремени училишни ранчиња со сиот потребен прибор за успешен старт на нивната најубава животна авантура!
Ова е дело на г-дин Драган Капинков, наш иселеник по потекло од битолско Цапари кој живее во Перт. Неговата хуманост кон Дебрца не е од вчера – таа трае со години, докажувајќи дека растојанието не значи ништо кога желбата да се помогне е искрена. Од мое лично име и од името на цела Дебрца, упатувам огромна благодарност до него и неговото семејство. Вие сте вистински пример за добрина и човечност!

Но, тука не застануваме! Општина Дебрца стои цврсто зад своите граѓани. Покажуваме на дело дека инвестицијата во нашите деца е најважниот приоритет. Со огромно задоволство сакам да ве информирам дека од буџетот на општината оваа година реализираме пакет мерки кои директно го олеснуваат буџетот на секое семејство:

10.000 денари еднократна финансиска поддршка за секое запишано прваче!

Целосно обезбеден и бесплатен превоз за нашите ученици!

ЗА ПРВПАТ ВО НАШАТА ОПШТИНА: Бесплатни училишни униформи за сите 178 ученици од прво до деветто одделение! Секое дете добива целосен, квалитетен комплет кој вклучува: 4 маици, 2 блузони со долги ракави и 2 дуксери!
Парите на граѓаните ги враќаме назад кај граѓаните – таму каде што се најпотребни!
Продолжуваме да создаваме модерно, еднакво и квалитетно образование за секое дете.
Jul 6, 2026
Денес нашата Дебрца беше вистински центар на планинскиот велосипедизам!

Со огромно задоволство присуствував на „Бабин Срт МТБ авантура“, настан кој ја промовираше нашата прекрасна природа како врвна дестинација за авантуристички и еко-туризам.

Наместо очекуваните 100, пречекавме дури 178 велосипедисти од целата држава кои уживаа во возењето по патеката Лактиње – Годивје – Врбјани – Бабин Срт.

Како градоначалник и локална самоуправа, со гордост застанавме зад овој настан со целосна финансиска и техничка поддршка за негова беспрекорна и безбедна организација.

Бидејќи настанот немаше натпреварувачки карактер, главната цел ни беше заедничко дружење и испраќање силна порака за зачувување на природните богатства и одговорен однос кон животната средина.

Огромна благодарност до организаторите од Здружението за планински велосипедизам „Рупикапра МТБ“ Струга и до сите учесници кои ја направија оваа недела незаборавна.

Продолжуваме да ја градиме и промовираме Дебрца како зелена општина!
Jun 29, 2026
Синоќа во Галеријата „Ѓорѓија Целески“ во Белчишта свечено го отворивме 41-то издание на Интернационалната уметничка колонија „Дебрца“.

Како најстара ликовна колонија во Македонија, оваа година твориме под моќното мото „Од камен до код – ехо на земјата, глас на иднината“, покажувајќи дека иднината се гради врз темелите на минатото.

Во моето обраќање пред присутните, со гордост истакнав дека веќе 41 година ова место е светол пример како уметноста ги спојува луѓето, културите и времињата.

Посебно сакам да им се заблагодарам на домашните и странските уметници кои со својот талент го прават Белчишта вистински космополитски центар на уметноста.

Годинава нашето уметничко семејство се зголеми, па искрено го поздравувам новиот бран на млади креативци кои носат свежи идеи и нови светогледи.

Претседателката на здружението, Мартина Целеска, одлично поентираше дека Дебрца одамна прерасна во духовен простор, потсетувајќи не дека галеријата денес чува над 700 уметнички дела што е наше непроценливо богатство.

Оваа година ни гостуваат реномирани автори од Македонија, Србија, Словачка и Велика Британија, предводени од почесниот гостин, истакнатиот македонски уметник Јордан Манасиески.

Свеченото отворање го збогатија младата гитаристка Георгина Јанкоска, фолклорниот ансамбл „Св. Петар и Павле“ од Мешеишта и познатиот гајдаџија Целе Блажески.

Нека ни е успешна и плодна 41-та ликовна колонија, продолжувајќи ја визијата на нејзиниот основач!

Анамарија Момироска
Jun 29, 2026
Иднината ја градиме заедно – со визија, знаење и храброст!
Денес во салата на Општина Дебрца имав извонредна средба со младите од иницијативата „За доброто на Дебрца“. Кога младите преземаат одговорност, резултатот не е само дебата, туку јасен план за акција.
Заедно со Вахид Мемед и младинскиот лидер Ивана Левеска, ги мапиравме клучните столбови на кои силно ќе работиме:

Остануваме дома – Создаваме реални услови за младите луѓе да ја градат својата иднина овде, во Дебрца.

Туризам со полн капацитет – Координаторот Билјана Стефаноска ги презентираше нашите неискористени потенцијали кои ќе ги претвориме во нови економски шанси.

Развој преку лесна индустрија – Инвестираме во одржливи проекти како силна поддршка за локалната економија.

Дебрца „Чувар на природата“ – Секој економски прогрес мора и ќе оди рака под рака со еколошката одговорност.
Вратите на општината се секогаш отворени за вакви иницијативи. Како градоначалник, младите идеи за мене се врвен приоритет и секогаш ќе ја имаат мојата максимална институционална поддршка.
Не зборуваме само за проблеми – создаваме конкретни решенија за подобра иднина на нашиот заеднички дом!


Активноста е реализирана во рамки на проектот „Youth-4-Democracy Laboratory“, имплементиран од Здружението за меѓународна младинска соработка ИНТЕРАКТИВ – Битола, со поддршка од National Endowment for Democracy.
May 30, 2026
Општина Дебрца – горд домаќин на настан кој ги спојува традицијата, верата и младоста!
Во прекрасниот и духовен амбиент на манастирот „Св. Недела“ во селото Оровник, синоќа имавме чест да бидеме домаќини на еден навистина исклучителен настан. Се одржа свечена промоција и проекција на филмот „Приказна за една охридска свадба“, како и презентација на проектот „Светлина на верата“.
Овие значајни дела се реализирани од талентираните ученици од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ од Охрид, под менторство на професорките Маја Цветанова Терзиоска и Андријана Паскали, а претставуваат успешен заеднички проект поддржан од Општина Дебрца и Општина Охрид.


Филмот на прекрасен начин ја оживеа богатата традиција и обичаите на охридската свадба, додека проектот „Светлина на верата“ нè потсети на непроценливата духовна вредност на нашето православно наследство.
На наше огромно задоволство, свој благослов и присуство на настанот даде Неговото Високопреосвештенство Митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј, придружуван од потесниот круг на свештенството од Митрополијата.

На свеченоста присуствуваа и секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, дел од администрацијата на Општина Охрид и Општина Дебрца, како и вие – нашите почитувани сограѓани од Дебрца кои дојдовте во навистина огромен број!
Вечерта беше збогатена со прекрасна културно-уметничка програма во која настапија културно-уметнички друштва од Охрид и Дебрца, млади уметници и музички ветерани.

Овој настан уште еднаш ја потврди важноста на вложувањето во младите и нивното активно вклучување во зачувувањето на нашите корени, преку проекти кои ги поврзуваат традицијата, образованието и современиот креативен израз.
Продолжуваме да ја негуваме нашата култура и традиција!

May 27, 2026
Со особена чест и задоволство Ве покануваме да присуствувате на настанот „Светлина на верата“, во чии рамки ќе се одржи и промоција на филмот
🎬 „Приказна за една Охридска свадба“.
Настанот има за цел да ја доближи духовната и културната традиција, како и богатото наследство на охридскиот крај преку уметност, музика и филмска приказна.
📅 Датум: 30.05.2026 (сабота)
🕖 Време: 19:00 часот
📍 Локација: Манастир „Св. Недела“ – Оровник
Во рамки на програмата се предвидени: • Отворање на настанот
• Презентација на проектот „Светлина на верата“
• Музички дел
• Премиера на филмот „Приказна за една Охридска свадба“
• Културно-уметничка програма
Проектите ги изработија учениците од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид, со поддршка од Општина Охрид и Општина Дебрца.
Ментори на проектот се Маја Цветанова и Андријана Паскали.
Ги покануваме сите љубители на традицијата, културата и духовните вредности да бидат дел од оваа вечер исполнета со емоција, музика и македонско наследство.