Dec 31, 2019
Почитувани сограѓани,
Сакам најтопло да Ви ја честитам Новата година со најискрени желби.
Посакувам во новата година да го исполниме нашето секојдневие со љубов, верба и надеж и заеднички да продолжиме да ја градиме нашата и иднината на нашите деца.
Заедно да придонесеме во исполнувањето на новите предизвици, да изградиме пат кон напредокот на нашата заедница и сите заедно посветено да работиме на остварување на нашата заедничка цел, подобра и понадежна општина Дебрца.
Ви посакувам многу здравје, среќа, бериќет и успех во Новата 2020 година.
Да сме здрави и живи.
Dec 25, 2019
Почитувани сограѓани кои најрадосниот христијански празник, Христовото раѓање-Божик го празнувате според Грегоријанскиот календар,
Божик е празник чија симболика и универзални пораки-љубовта, простувањето и милосрдието не потсетуваат да ја обновиме и зајакнеме нашата вера, да ги подобриме меѓусебните односи и заеднички да работиме на создавање на услови за подобар и поквалитетен живот.
Нека празникот на Христовото раѓање биде водилка за сите Нас, на патот на меѓусебното почитување, толеранцијата , љубов и разбирање и да бидеме слободни во своите различности.
Со желби, радоста на Божик Ви донесе среќа и благосостојба во Вашите домови и ги огрее срцата на сите луѓе со добра волја, Ве поздравувам со радосниот поздрав :
Мир Божји – Христос се роди !
Dec 25, 2019
Вчера во општина Дебрца беа промовирани резултатите и сознанијата од Проектот „Требенишко Кале, село Требеништа, истражување 2019”.
Археолошкиот локалитет „Требенишко Кале” беше истражуван оваа година со методот на рекогносцирање од страна на стручен тим од филозофскиот факултет во Скопје, со финансиска поддршка на општина Дебрца.
Беа истражувани одбранбените ѕидови на древниот град, површините од ѕидовите, како и надвор од ѕидовите по околните падини.
По истражувањата беа добиени доволно резултати преку кои може да се согледа егзистенцијалниот континуитет на градот, неговата максимална површина во раната и доцната антика.
На настанот присуствуваа градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов и раководителот на истражувачкиот тим, проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамсен.
„Сето ова што го правиме е во рамките на нашата заложба Дебрца навистина да ја промовираме во една високо рангирана природна културна и археолошка туристичка дестинација и токму затоа во наредниот период ќе продолжиме со тие активности, се ова што досега беше истражувано од страна на истражувачкиот тим предводен од раководителот на тимот проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс. Наша заложба е, со оглед на тоа што најзначајниот локалитет кој што го има Дебрца тоа е Требенишкото Кале и Требенишката Некропола да го преуредиме, да го преуредиме и задружниот дом во Требеништа и да претвориме во своевиден Дом на археолошкото наследство на општина Дебрца, на тоа не обврзуваат и „100-те години Требеништа“.“ – истакна градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.
Раководителот на истражувачкиот тим, професорот Виктор Лилчиќ Адамсен рече дека е цврсто убеден, дека со овие истражувања на Требенишкото кале се насетува името на средновековниот град Дебрец.
„Оваа општина под водство на градоначалникот, покажа навистина една зрелост, еден огромен интерес со реализацијата на овие две фази ги опфативме цивилизациските локалитети, 10 локалитети во 2018 година во Дебрца, северо-источниот дел од Десаретија, така што оваа 2019 година се концентриравме на најглавниот, сфативме дека Требенишкото кале претставувало град, очекувавме да откриеме рана антика, меѓутоа оваа година неочекувано откривме еден поголем временски континуитет на локалитетот, каде живеела една силна, јака, компактна човечка заедница. Со овие наоди, засега јас сум цврсто убеден дека го насетуваме името на средновековниот град, а тоа би бил градот Дебрец. Тоа е град по кој нашите колеги долги години трагаа. Тоа е едно огромно изненадување. Ние се надеваме дека ќе успееме во наредните години да го отвориме црковниот храм и да го прошириме истражувањето можеби и на некрополата, да собереме уште повеќе податоци за да ја потврдиме оваа хипотеза што денес ја лансираме. Дебрца лежи врз древна цивилизација, тоа е нешто што мораме да го откриеме и заштитиме и да го потпреме развојот на оваа општина, тие предмети да бидат депонирани во еден локален музеј, каде би се вработиле луѓе од тука, на крајот важен е профитот од тоа и општината да заработува.“ – изјави проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамсен.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов вели дека ваквите знајачни локалитети треба да го добијат вистинското место во регионот.
„Ние како Управа, нашите професори и останатите Заводи за заштита, ќе пробаме со поинаква стратегија и тактика, да допринесеме, да ги подигнеме стандардите, да го подигнеме нивото на работа, овие локалитети кои што се значајни да го добијат вистинското место во регионот. Конкретно, приоритет ќе биде новиот нацрт-закон за заштита на културното наследство. Во тој закон веројатно ќе бидат видоизменети начините како ќе биде финансирањето. Инсистираме на подолготрајно финансирање, да не зависи од моменталните политички ситуации во државата туку тоа да биде трајно финансирање до неговото завршување или секојдневно менаџирање, да не се случува да биде оставено без никаков надзор и контрола. Тука се подразбира и поинакви принципи на однесување и во конзерваторските центри и на луѓето кои ќе треба да ги прифатат таквите принципи.“ – изјави Костов.
Градоначалникот Ногачески истакна дека и покрај тоа што Проектот беше одбиен од страна на Министерството за култура, тој не се обесхрабрува, туку како што кажа, тој ќе аплицира преку Бирото за рамномерен регионален развој.
„На јавниот повик кој што беше објавен од страна на Министерството за култура за капитални инвестиции за 2019 година аплициравме ние со тој Проект со добро образложение на приказната за Дебрца и од страна на професорот Лилчиќ, мене ми е искрено жал што можам да констатирам дека Проектот ни беше одбиен од Министерството за култура и тоа во година која целокупната држава и Владата беа ангажирани на манифестацијата и изложбата „100 години Требеништа“, меѓутоа тоа мене не ме обесхрабрува, веќе за наредната година, односно на утрешната седница на Советот на општината, при носење на годишната програма за развој на културата во оштина Дебрца за 2020 година го ставам овој проект повторно на дневен ред и ќе аплицираме преку Бирото за рамномерен регионален развој, така што очекувам од пролет 2020 година да започнеме со реконструкција на тој објект.“ – додаде Ногачески.
Dec 20, 2019
Денес во Охрид градоначалникот Зоран Ногачески присуствуваше на пригодната свеченост, со која беше означен почетокот на работните активности за санација на Колекторскиот систем на Охридското Езеро.
Со санацијата на Колекторскиот систем се исполнува една од најважните препораки на Комитетот за заштита на светско културно и природно наследство на УНЕСКО и претставува значаен чекор во заложбите за зачувување на статусот на светско природно наследство кој го поседува овој регион.
Санацијата на Колекторскиот систем е од особено значање и за граѓаните на Дебрца, бидејќи изградените фекалните канализации во село Мешеишта, село Горенци, село Оровник, фекалната канализација во село Волино, која е во изградба и фекалните канализации кои треба да ги изградиме во наредниот период за селата Климештани и Требеништа како рецепиент ( ќе ) го користат Колекторскиот систем.