Jan 27, 2021
Денес, во Охрид се одржа промотивен настан, на кој беа презентирани возилата и специјализираната опрема за спасување во зимски услови, набавени во рамки на Проектот: „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.
Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА2 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, а го спроведуваат Црвен крст Охрид, општините Дебрца, Македонија и Грамш, Албанија и Алпинистичкиот Клуб ПАТАГОНИЈА-Охрид.
Свое обраќање на настанот имаа: Г-дин Сашо Точков, Претседател на Црвен крст Охрид, Г-дин Горан Милевски, Министер за Локална Самоуправа , Н.Е. Дејвид Гир, ЕУ Амбасадор во Македонија, а беа присутни и Г-дин Константин Георгиевски, градоначалник на општина Охрид, Г-дин Клодијан Таче, градоначалник на општина Грамш, Албанија.

Во изјавата за медиумите градоначалникот Ногачески изрази благодарност што и општина Дебрца е партнер во овој проект.
Општина Дебрца, со своето природно и културно наследство, кое е и светско природно и културно наследство, заштитено од УНЕСКО, Дебрца со своите планински масиви, како Славеј Планина, Караорман, Стогово, Мазатар и Илинска Планина е природно предодредена за развој на зимскиот и планинскиот туризам.
И токму затоа, овој Проект е во директна корелација со нашата визија Дебрца да прерасне во високорангирана природна и културна туристичка дестинација.
Проектот за Дебрца овозможува нова понуда во алтернативниот туризам, зголемена безбедност на посетителите, пристапни патеки од сите населени места, во близина на сртот на Илинска Планина и опрема за спасување во зимски услови.
Со овој проект, во општина Дебрца предвидена е реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во с. Брежани во модерен планинарски дом, реконструкција на пропустите на патот од село Брежани до Илинска црква, набавка на опрема и специјално теренско возило за спасување во зимски услови, како и обуки за прва помош во зимски услови, за локалното население.
Овие проекти се значајни и за стекнување на потребните знаења и искуства и на општинската администрација, како во фазата на аплицирањето, исто така и во фазата на имплементацијата на проектите.
Во текот на имплементацијата на Проектот имаме добра соработка со сите партнери, и од македонската и од албанската страна.
А, со нашиот партнер од Албанија, општината Грамш се надевам дека ова ќе биде почеток на една заедничка долготрајна и успешна соработка. – изјави градоначалникот Ногачески.
Jan 22, 2021
1. 2021 е изборна година. Кои се вашите приоритети што планирате да ги сработите во Општина Дебрца во преостанатите месеци од Вашиот актуелен мандат?
Од првиот ден од преземањето на мандатот мојата заложба беше да не работиме кампањски, туку континуирано да ги решаваме проблемите, да имплементираме проекти и да го подигнуваме квалитетот на живеењето на граѓаните. И токму затоа, тоа што оваа година е изборна нема некое посебно значење, туку и во неа продолжуваме со започнатите или со нови инфраструктурни проекти.
На последната седница советот на општината ги усвои буџетот на општината и годишните програми за 2021 година. Во делот на расходите акцентот го ставаме на реализацијата на капиталните проекти, социјалните програми, унапредување на комуналните услуги и целосно кратење на непродуктивните трошења. Притоа, продолжуваме со нашата определба во секое село да решаваме по некој проблем.
Овде би потенцирал само некои од инфраструктурните проекти кои ќе се реализираат во текот на оваа година: ставање во функција на новата бушотина во село Требеништа и подобрување на водоснабдувањето на селата Горенци, Оровник и Подмолје; изградба на фекална канализација за село Лешани; реконструкцијата на задружниот дом во село Требеништа (втора фаза); реконструкција на општинскиот пат село Белчишта-село Злести; асфалтирање на улици во повеќе населени места во општината; реконструкција на старото училиште во село Брежани, во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Албанија; санација на задружни домови и објекти на месните заедници во неколку села; тампонирање на полски и пристапни патишта; а очекувам да бидат одобрени и нашите апликации за изградба на фекалните канализации во село Велмеј и село Требеништа и многу други проекти.
На почетокот на идниот месец ќе го објавиме Акциониот план за сите проекти кои ќе ги реализираме и граѓаните треба да бидат сигурни дека во сите населени места планираме по некоја проектна активност.
2. Воспоставивте пракса изминатите години да ги повикате граѓаните, граѓанските организации и здруженија активно да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет. Така беше и за оваа 2021 година. Дали некои нивни предлози и идеи беа прифатени?
Тргнувајќи од нашата заложба во изминативе три години од мандатот, за подигнување на нивото на транспарентност во работата на Општина Дебрца и со цел граѓаните да станат активни чинители и активно да се вклучат во дебати кои директно влијаат на локалните политики, оваа година поради Ковид 19 кризата одлучивме предлог програмите и предлог-буџетот на Општина Дебрца за 2021 година да го презентираме online преку дигиталните платформи, а преку кои граѓаните можеа да ги кажат своите забелешки и предлози во однос на буџетот и годишните програми.
Во Годишните програми и Буџетот во целост се земени во предвид предлозите на граѓаните, месните заедници, бизнис заедницата и невладините организации, кои беа дадени во транспарентната постапка за нивно изготвување и донесување.
3.Од кои досегашни проекти сте најзадоволни? Има ли нешто што сакавте, но не успеавте да го реализирате?
Секој проект, од најмалиот до најкрупниот си има свое значење и со реализацијата на секој проект решаваме некој проблем,за некого поголем, за некого помал. И затоа, секој проект кој сме го реализирале ми е подеднакво драг, ако со него сме успеале да задоволиме нечиј индивидуален или колективен граѓански интерес.
Посебно сум задоволен што реализиравме неколку проекти со европски пари, како што беа проектите од Програмите за прекуграничната соработка со Грција и Албанија и МСИП Програмата. Во текот на алицирањето и имплементирањето на овие проекти се учевме и стекнувавме искуства како да се подготви и спроведе еден проект со европски пари. Ова дотолку повеќе ако се има во предвид дека ваквите проекти бараат извонредно високи критериуми. Особено ни беа значајни искуствата од нашите европски партнери. Како резултат на тоа мислам дека веќе имаме едуциран општински тим, способен и во иднина да изготвува и имплементира издржани и квалитетни европски проекти и со нескриен оптимизам очекувам во наредните неколку месеци да добиеме убави вести за одобрување на нови европски проекти за кои имаме аплицирано.
Драго ми е и тоа што без ниту денар оптоварување на општината, со европски грант ги зголемивме техничките перформанси на јавното комунално претпријатие, набавувајќи нова механизација.
Една година од мандатот, заедно со Координативното тело и граѓаните без оглед на нивната партиска припадност “потрошивме” во нашата борба да докажеме дека Годивје како локација за централната постројка за управување со отпад е неприфатливо и “несреќно” решение на Министерството за животна средина и неговите консултанти. Се надевам успеавме.
Со реализацијата на неколку проекти мислам дека полека ги поставуваме темелите и насоките за реализација на нашата визија Дебрца да прерасне во атрактивна туристичка дестинација и производство на здрава храна, соларна енергија и зелена економија. Тука се перспективите на Дебрца. Сеуште сме далеку од целта, ама сепак се движи. За оваа година очекувам две конкретни инвестиции на приватни инвеститори во оваа насока.
Се разбира дека има и проекти кои сме ги планирале, ама не сме успеале да ги реализираме, како на пример во делот на капиталните инвестиции изградба на фекални канализации за неколку села, а има и некои проекти кои не сме ги реализирале со планираната динамика. Не би сакал да барам оправдување, ама мораме да потенцираме дека една од причините е и актуелната пандемија предизвикана од ковид 19 вирусот. Веќе втора година од мандатот го тераме во ковид состојба. Последиците од тоа се неминовни.
4.За неколку месеци очекувано е да започне изборната кампања. Дали ќе „трчате“ за втор мандат?
Искрено, воопшто не се оптоварувам со тоа. Во моментов сум преокупиран и концентриран успешно да ги реализираме проектите за оваа година, чесно и одговорно да го завршам мандатот. Не припаѓам на оние кои мислат дека се предодредени многу мандати да вршат една ваква јавна функција. Напротив, мислам дека и со законско решение треба да се ограничи на не повеќе од два мандати.
Целиот работен век, 24 години ги поминав во локалната самоуправа и токму тоа беше и мотивот пред три и нешто години да се кандидирам за оваа функција. Да го ставам мојот интелектуален и професионален капацитет во служба на локалната заедница и граѓаните. Со мојот тим идејата ни беше да реализираме проекти и подобриме квалитетот на животот во селската средина, во која и јас постојано живеам, да изградиме отворена и транспарентна за граѓаните општина и да бидам градоначалник еднаков за сите граѓани, и за оние кои гласале и за оние кои не гласале за мене. Дали успеавме во тоа, не сум јас тој што треба да каже. Граѓаните ќе си кажат.
За мене најголемата сатисфакција ќе биде и по завршувањето на мандатот да можам со крената глава да се сретнам и поздравам со секој наш граѓанин.
Jan 22, 2021
Во Среда (27.01.2021 год) со почеток во 13 часот,ќе се одржи промотивен настан, на кој ќе бидат презентирани возилата и специјализираната опрема за спасување во зимски услови, набавени во рамки на Проектот: „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.
Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА2 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Северна Македонија и Р. Албанија и Министерството за Локална Самоуправа, а го спроведуваат Црвен крст Охрид, општините Дебрца (Р. Северна Македонија) и Грамш (Р. Албанија), и Алпинистичкиот Клуб ПАТАГОНИЈА-Охрид.
Настанот е предвидено да се одржи на Кеј Македонија, пред хотел Нова Ривиера, каде свое обраќање ќе имаат: Г-дин Сашо Точков, Претседател на Црвен крст Охрид, Г-дин Горан Милевски, Министер за Локална Самоуправа на Р. Северна Македонија, Н.Е. Дејвид Гир, ЕУ Амбасадор во Р. Северна Македонија, Г-дин Константин Георгиевски, градоначалник на општина Охрид, Г-дин Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца, Г-дин Клодијан Таче, градоначалник на општина Грамш, Р. Албанија.
Jan 19, 2021
Денес е Богојавление – Водици, празникот кој потсетува на денот кога Исус Христос се крштеваше во светите води на реката Јордан.
Благородната порака на овој празник е дека сè може одново да се измие, очисти, обнови и повторно да се роди и дека надежта и жедта за доброто, совршеното и убавото никогаш не згаснува.
Токму затоа, прославувајќи го овој голем празник, да се помолиме на Бога да ги освети нашите реки и езера, да ги благослови нашите граѓани и нашата држава, дарувајќи ни здравје, среќа и благодет.
Бог се јави ! За многу години !
Jan 18, 2021
ОПШТИНА ДЕБРЦА
ОБЈАВА број 01/2021
за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија
по пат на електронско јавно наддавање
ПРЕДМЕТ НА ЕЛЕКТРОНСКОТО ЈАВНО НАДДАВАЊЕ
Согласно Програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија за 2020 година бр. 01-1495/12 од 31.08.2020 година објавена во Службен гласник на Општина Дебрца бр.09/2020 од 04.09.2020 година, предмет на електронското јавно наддавање е отуѓување на градежно земјиште, сопственост на Република Северна Македонија, предвидено со (УПМНВ) Урбанистички план за вон населено место – Мешеишта, за изградба на Винарии, на дел од КП-3374, м.в. Подлабинци, КО- Мешеишта, Општина Дебрца, усвоен со Одлука бр. 07- 900/5 од 29.12.2010 год., со намена за изградба на Г2–лесна и незагадувачка индустрија – винарии, /со можност за компатибилни класи на намени во однос на основната намена со мах. до 30 %, и тоа Г4 – стоваришта- 20 % и Б1 – мали комерцијални и деловни намени – 10 % /, согласно табеларниот преглед, во кој се дадени податоците за градежната парцела, намената на градежната парцела, вкупната површина на градежната парцела, катност, површина за градење, максимална висина до венец, процент на изграденост, коефициент на искористеност, почетна цена по м² за отуѓување, вкупна почетна цена за отуѓување и банкарска гаранција за сериозност на понудата.
Табеларен преглед:

ПРАВО НА УЧЕСТВО
Право на учество на јавното наддавање имаат:
- Физички лица: државјани на Република Северна Македонија, државјани на држави членки на Европската унија и на ОЕЦД, како и државјани на држави кои не се членки на Европската унија и на ОЕЦД, а под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Република Северна Македонија.
- Правни лица: домашно правно лице, правно лице во мешовита сопственост, правно лице основано од странско физичко и правно лице, регистрирани во Централен регистер на Република Северна Македонија, странски правни лица резиденти на држави членки на Европската унија и на ОЕЦД, како и странски правни лица резиденти на држави кои не се членки на европската унија и на ОЕЦД, а кои под услови на реципроцитет можат да стекнат право на сопственост на градежно земјиште на територијата на Република Северна Македонија.
УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО НА ЕЛЕКТРОНСКОТО ЈАВНО НАДДАВАЊЕ
Заинтересираните физички и правни лица поднесуваат пријава за учество на јавното наддавање (во електронска форма на www.gradezno- zemjiste.mk), со пополнување на електронски образец за секоја градежна парцела поединечно, кој го потпишува со валиден дигитален сертификат издаден од овластен издавач, комплетирана со следните докази (приложени во оргинал или фотокопии заверени на нотар и потпишани со дигитален потпис и полномошно на носителот на дигиталниот потпис заверено на нотар):
- Пополнета пријава во електронска форма од страна на подносителот на интернет страната www.gradezno-zemjiste.mk, во која се наведени податоците за што се однесува истата, како и што се доставува во прилог на пријавата (кои документи);
- Скенирана банкарска гаранција за сериозност на понудата во износ наведен во табеларниот преглед за градежната парцела, со рок на важност до 31.12.2021 година, со која понудувачот ќе гарантира дека доколку се стекне со статус на најповолен понудувач ќе ја уплати крајно постигнатата цена за отуѓување на градежното земјиште на електронското јавно наддавање во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на приемот на писменото известување за избор, истата покрај во електронска форма задолжително да ја достави и во оригинал преку архивата при Општина Дебрца до “За комисијата за спроведување на постапки за јавно наддавање” во бел коверт со назнака “Не отварај” и со повикување на бројот на јавната објава заклучно со истекот на рокот за пријавување.
- За физичките лица уверение за државјанство, не постаро од 6 (шест) месеци;
- За правните лица доказ за регистрација на правното лице од соодветен регистар во скенирана форма (Извод од тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија не постара од 30 дена);
- Уредно полномошно во скенирана форма за полномошникот што го претставува правното лице, доколку правното лице не е претставувно од одговорното лице, заверено на нотар;
- e-mail адреса од подносителот на пријавата, преку која ќе се врши постапката на регистрирање за учество на електронското јавно наддавање, односно ќе му бидат испратени корисничко име и шифра за пристап на интернет страницата на која што ќе се одвива електронското јавно наддавање (за подносителите на пријави кои ќе достават погрешна е-маил адреса, Општина Дебрца нема обврска да прима и врши корекции на истата);
- Изјава заверена на нотар, под полна морална, материјална и кривична одговорност дека подносителот на пријавата се согласува и ги прифаќа условите од Објавата бр. 01/2021 и доколку биде избран за најповолен понудувач во целост ќе ги почитува дадените параметри во урбанистичкиот план и доколку се јави потреба за преместување на подземна или надземна инфраструктура, истото ќе го изврши на негов товар и нема да има оштетно побарување према Република Северна Македонија, Општина Дебрца или од надлежните институции.
НАПОМЕНА: Пријавите за учество на јавното наддавање се поднесуваат ИСКЛУЧИВО по ЕЛЕКТРОНСКИ ПАТ на интернет страната www.gradezno-zemjiste.mk, комплетирана со прикачување на наведните докази во скенирана форма. Доколку пријава поднесува странско физичко или правно лице сите докази се доставуваат и преведени на македонски јазик од овластен судски преведувач. Општина Дебрца нема да прима пријави доставени преку поштенски пат или преку архивата при Општина Дебрца. Пријавите кои не се комплетирани со овие докази нема да учествуваат на електронското јавно наддавање за што подносителите на некомплетни пријави ќе бидат електронски известени. Заинтересираните лица (физички и правни) ЗАДОЛЖИТЕЛНО ТРЕБА ДА ИМААТ ДИГИТАЛЕН СЕРТИФИКАТ за да можат да поднесат пријава за учество на јавното наддавање и да учествуваат на електронското јавно наддавање.
ПОЧЕТНА ЦЕНА
Почетна цена на електронското јавно наддавање за градежната парцела наведена во Табеларниот преглед изнесува 61,0 денари од метар квадратен.
БАНКАРСКА ГАРАНЦИЈА
Банкарската гаранција за сериозност на понудата е утврдена за градежната парцела согласно табеларниот преглед даден во оваа објава и сите пријавени физички и правни лица се должни банкарската гаранција покрај електронската скенирана верзија да ја достават и во оригинал преку архивата при општина Дебрца заклучно со крајниот рок на пријавување.
РОКОВИ
Пријавите за учество на електронското јавно наддавање за градежната парцела наведена во Табеларниот преглед можат да се достават до 16.02.2021 година, 23:59 часот, електронски на следната интернет адреса: www.gradezno-zemjiste.mk.
Јавното наддавање ќе се оддржи електронски на следната интернет страна www.gradezno-zemjiste.mk
Јавното наддавање за ГП 3 ќе започне на 18.02.2021 година, во 10:00 часот и истото ќе трае 15 минути.
Јавното наддавање за ГП 4 ќе започне на 18.02.2021 година, во 11:00 часот и истото ќе трае 15 минути.
Јавното наддавање за ГП 5 ќе започне на 18.02.2021 година, во 12:00 часот и истото ќе трае 15 минути.
ПОСТАПКА
- Комисијата преку електронскиот систем при www.gradezno-zemjiste.mk ги известува подносителите на пријавите за комплетираноста на истите по електронски пат, во рок од 24 часа по истекување на рокот за поднесување на истите, при што на подносителите на пријавите кои доставиле комплетна документација автоматски им доставува корисничко име и лозинка за учество на електронското јавно наддавање, а на подносителите на пријавите кои не доставиле комплетна документација им доставува Известување со образложение дека истите нема да учествуваат на јавното наддавање.
- Подносителите на пријавите за да може да поднесат електронска пријава и да учествуваат на електронското јавно наддавање потребно е да имаат дигитален сертификат (потпис).
- На денот на одржување на електронското јавно наддавање учесниците пристапуваат на интернет страната со корисничкото име и шифрата која ја добиле на e-mail адресата доставена во прилог на пријавата за учество на елетронското јавно наддавање.
- Електронското јавно наддавање може да отпочне со најмалку еден учесник во јавното наддавање.
- Електронското јавното наддавање го следи Комисија за спроведување на постапките за јавно наддавање, формирана од Градоначалникот на Општина Дебрца.
- Електронското јавното наддавање започнува со објавување на почетната цена по метар квадратен, а се спроведува по пат на наддавање од страна на учесниците.
- Наддавањето се врши “чекорно” со зголемување на вредноста со секој “чекор” не помалку од 10,0 денари во цели броеви без децимали.
- Електронското јавно наддавање се смета за завршено во моментот на истекот на времето определено во оваа Објава, при што доколку во истекот на последните две минути од страна на учесниците е дадена понуда, крајниот рок за завршување на јавното наддавање се продолжува за уште две минути. Јавното наддавање се продолжува неограничен број пати се додека во истекот на последните две минути е дадена понуда од страна на учесниците.
- За успешно спроведена постапка на јавно наддавање потребно е да има најмалку едно постапно наддавање над почетната цена по метар квадратен.
- Учесникот на јавното наддавање кој понудил најголема цена се стекнува со статусот најповолен понудувач.
- Комисијата по завршувањето на јавното наддавање изготвува записник за спроведеното јавно наддавање и електронски го доставува до сите учесници на јавното наддавање.
- По завршувањето на постапката за јавното наддавање, Комисијата е должна во рок од 3 (три) работни дена да достави барање до Државното правобранителство на Република Северна Македонија по однос на нацрт-текстот на договорот за отуѓување на градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија.
- Државното правобранителство на Република Северна Македонија е должно да достави мислење по однос на нацрт-текстот на договорот за отуѓување на градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија во рок од 30 (триесет) дена од добивањето на барањето за мислење. Доколку во рок од 30 (триесет) дена Државното правобранителство на Република Северна Македонија не достави мислење, ќе се смета за позитивно.
- По прибавување на позитивно мислење од Државното правобранителство на Република Северна Македонија, Комисијата во рок од 3(три) работни дена до најповолниот понудувач доставува Известување за избор на најповолен понудувач.
- Најповолниот понудувач е должен во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на приемот на Известувањето дека е најповолен понудувач на јавното наддавање, да ги уплати средствата согласно постигнатата крајна цена од наддавањето и да ги уплати трошоците на постапката во износ од 10% од банкарската гаранција за сериозност на понудата но не повеќе од 15.000,00 денари, да ги достави до Комисијата оригиналните докази приложени со пријавата и да достави доказ за извршена уплата согласно постигнатата крајна цена од наддавањето и уплатени трошоци на постапката.
- Доколку најповолниот понудувач не ги уплати средствата согласно постигнатата крајна цена од наддавањето во утврдениот рок, не ги уплати трошоците на постапката во износ од 10% од банкарската гаранција за сериозност на понудата но не повеќе од 15.000,00 денари, не ги достави до Комисијата оригиналните докази приложени со пријавата и не достави доказ за извршена уплата согласно постигнатата крајна цена од наддавањето и уплатени трошоци на постапката, ќе се смета дека градежното земјиште не е отуѓено, нема да се пристапи кон склучување на договор за отуѓување, банкарската гаранција за сериозност на понудата се активира и истиот нема да може да учествува на секое идно јавно наддавање за предметната градежна парцела.
- Доколку најповолниот понудувач ги уплати средствата согласно постигнатата крајна цена од наддавањето во утврдениот рок, а врз основа на доставената документација не може да се склучи договор уплатените средства согласно постигнатата крајна цена не му се враќаат, ќе се смета дека градежното земјиште не е отуѓено, нема да се пристапи кон склучување на договор за отуѓување, банкарската гаранција за сериозност на понудата се активира и истиот нема да може да учествува на секое идно јавно наддавање за предметната градежна парцела.
- По извршената уплата во утврдениот рок и доставата на оригиналните докази приложени со пријавата и доказот за извршена уплата согласно постигнатата крајна цена од наддавањето за градежната парцела наведена во табеларниот преглед, Градоначалникот на општина Дебрца во рок од 5 (пет) работни дена склучува договор со најповолниот понудувач за отуѓување на градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија. Со договорот најповолниот понудувач (купувачот) се обврзува во рок од 9 (девет) месеци од извршената солемнизација на договорот за градежната парцела која што е со површина до000 м², да обезбеди одобрение за градба на предвидениот објект согласно урбанистички план по кој земјиштето е отуѓено. Со договорот најповолниот понудувач се обврзува да го изгради објектот согласно урбанистички план по кој земјиштето е отуѓено во рок согласно со одредбите од Законот за градење, а согласно со категоризацијата на градба, во спротивно, доколку купувачот не извади одобрение за градење во предвидениот рок, односно доколку објектот не се изгради во определениот рок по вина на купувачот, истиот ќе има обврска да плаќа договорна казна во висина од 1,5 % од вкупно постигнатата цена на јавното надавање за предметното земјиште за секој изминат месец во првата година од истекот на рокот, односно 3 % од вкупно постигнатата цена на јавното надавање за предметното земјиште за секој изминат месец во втората година од истекот на рокот, односно 4,5 % од вкупно постигнатата цена на јавното надавање на предметното земјиште за секој изминат месец во третата и секоја наредна година од истекот на рокот. Неисполнувањето на овие обврски односно по паѓање во задоцнување со исполнување на овие обврски од страна на купувачот на обврските од договорот да побара потврда за извршност на договорот односно да побара наплата на договорната казна и претставува основ за еднострано раскинување на договорот, при што 80% од вкупната сума од отуѓувањето не му се враќаат на купувачот.
- Градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија, кое е предмет на оваа објава се до исполнување на обврските од договорот не може да биде дела од стечајна маса.
- Најповолниот понудувач (купувач) се обврзува да изгради најмалку 30% од вкупната развиена површина за градење предвидена со урбанистичкиот план за градежната парцела.
- Најповолниот понудувач (купувач) се обврзува да го плати данокот на промет на недвижности што ќе произлезе како обврска по склучениот Договор за отуѓување на градежното земјиште.
- По склучувањето на договорот Општина Дебрца во рок од 1 (еден) ден, електронски го доставува договорот до Одделение за финансиски прашања за утврдување на данок на промет на недвижности. Купувачот е должен во рок од 15 (петнаесет) дена од добивање на решението за утврдување на данокот на промет на недвижности да го плати данокот и да достави доказ за извршена уплата.
- По доставување на доказ за извршена уплата на данок на промет на недвижности, купувачот во рок од 30 (триесет) дена, договорот електронски го доставува кај нотар заради вршење на солемнизација. Купувачот е должен солемнизацијата да ја изврши во рок од 30 (триесет) дена сметано од доставувањето на договорот кај надлежен нотар.
- Неисполнувањето на обврските од точките 22 и 23 од оваа Објава по вина на купувачот претставуваат основ за еднострано раскинување на договорот, при што 80% од вкупната цена не му се враќаат на купувачот.
- Во цената за отуѓување не е вклучен надоместокот за уредување на градежното земјиште.
- Трошоците за нотарската процедура и воведувањето во евиденцијата на недвижностите во Агенцијата за катастар за недвижности на Република Северна Македонија паѓаат на товар на купувачот на градежното земјиште. Во случај на раскинување на договор по вина на купувачот, истиот е обврзан да плати данок на промет и нотарски трошоци.
- Купувачот на градежното земјиште стекнато во постапка за отуѓување по пат на јавно наддавање не смее истото да го пренесува на трети лица. Забраната за пренесување на трети лица се прибележува во јавната книга за запишување на правата на недвижностите. Неисполнувањето на оваа обврска преставува основ за еднострано раскинување на договорот, при што 80% од вкупната цена не му се враќаат на купувачот.
- Купувачот на градежното земјиште стекнато во постапка за отуѓување по пат на јавно наддавање не смее, без претходна согласност, да го заложува или на друг начин оптоварува земјиштето и објектите кои на истото ќе бидат изградени, се до завршувањето на градбата и бришење на прибелешката од точка 27 во јавните книги. Оваа забрана се прибележува во јавните книги.
- Незадоволните учесници на јавното наддавање можат да изјават приговор до Комисијата во рок од 3 (три) дена од денот на одржување на електронското јавно наддавање. Приговорот се поднесува во писмена форма до Комисијата, која е должна да одлучи со Решение во рок од 5(пет) работни дена од приемот на истиот. Против Решението донесено од страна на комисијата со кое се одлучува по поднесен приговор странката има право да поднесе жалба во рок од 15(петнаесет) дена од денот на приемот на Решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос од втор степен.
Оваа објава ќе биде објавена и на web-страната на Општина Дебрца, www.debrca.gov.mk .
ОПШТИНА ДЕБРЦА
Комисија за спроведување на
постапките за јавно наддавање