Select Page
Постпразнично интервју со првиот човек на општина Дебрца – Зоран Ногачески

Постпразнично интервју со првиот човек на општина Дебрца – Зоран Ногачески

1. 2021 е изборна година. Кои се вашите приоритети што планирате да ги сработите во Општина Дебрца во преостанатите месеци од Вашиот актуелен мандат?

Од првиот ден од преземањето на мандатот мојата заложба беше да не работиме кампањски, туку континуирано да ги решаваме проблемите, да имплементираме проекти и да го подигнуваме квалитетот на живеењето на граѓаните. И токму затоа, тоа што оваа година е изборна нема некое посебно значење, туку и во неа продолжуваме со започнатите или со нови инфраструктурни проекти.

На последната седница советот на општината ги усвои буџетот на општината и годишните програми за 2021 година. Во делот на расходите акцентот го ставаме на реализацијата на капиталните проекти, социјалните програми, унапредување на комуналните услуги и целосно кратење на непродуктивните трошења. Притоа, продолжуваме со нашата определба во секое село да решаваме по некој проблем.

Овде би потенцирал само некои од инфраструктурните проекти кои ќе се реализираат во текот на оваа година: ставање во функција на новата бушотина во село Требеништа и подобрување на водоснабдувањето на селата Горенци, Оровник и Подмолје; изградба на фекална канализација за село Лешани; реконструкцијата на задружниот дом во село Требеништа (втора фаза); реконструкција на општинскиот пат село Белчишта-село Злести; асфалтирање на улици во повеќе населени места во општината; реконструкција на старото училиште во село Брежани, во рамките на Програмата за прекугранична соработка со Албанија; санација на задружни домови и објекти на месните заедници во неколку села; тампонирање на полски и пристапни патишта; а очекувам да бидат одобрени и нашите апликации за изградба на фекалните канализации во село Велмеј и село Требеништа и многу други проекти.

На почетокот на идниот месец ќе го објавиме Акциониот план за сите проекти кои ќе ги реализираме и граѓаните треба да бидат сигурни дека во сите населени места планираме по некоја проектна активност.

 

2. Воспоставивте пракса изминатите години да ги повикате граѓаните, граѓанските организации и здруженија активно да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет. Така беше и за оваа 2021 година. Дали некои нивни предлози и идеи беа прифатени?

Тргнувајќи од нашата заложба во изминативе три години од мандатот, за подигнување на нивото на транспарентност во работата на Општина Дебрца и со цел граѓаните да станат активни чинители и активно да се вклучат во дебати кои директно влијаат на локалните политики, оваа година поради Ковид 19 кризата одлучивме предлог програмите и предлог-буџетот на Општина Дебрца за 2021 година да го презентираме online преку дигиталните платформи, а преку кои граѓаните можеа да ги кажат своите забелешки и предлози во однос на буџетот и годишните програми.

Во Годишните програми и Буџетот во целост се земени во предвид предлозите на граѓаните, месните заедници, бизнис заедницата и невладините организации, кои беа дадени во транспарентната постапка за нивно изготвување и донесување.

 

3.Од кои досегашни проекти сте најзадоволни? Има ли нешто што сакавте, но не успеавте да го реализирате?

Секој проект, од најмалиот до најкрупниот си има свое значење и со реализацијата на секој проект решаваме некој проблем,за некого поголем, за некого помал. И затоа, секој проект кој сме го реализирале ми е подеднакво драг, ако со него сме успеале да задоволиме нечиј индивидуален или колективен граѓански интерес.

Посебно сум задоволен што реализиравме неколку проекти со европски пари, како што беа проектите од Програмите за прекуграничната соработка со Грција и Албанија и МСИП Програмата. Во текот на алицирањето и имплементирањето на овие проекти се учевме и стекнувавме искуства како да се подготви и спроведе еден проект со европски пари. Ова дотолку повеќе ако се има во предвид дека ваквите проекти бараат извонредно високи критериуми. Особено ни беа значајни искуствата од нашите европски партнери. Како резултат на тоа мислам дека веќе имаме едуциран општински тим, способен и во иднина да изготвува и имплементира издржани и квалитетни европски проекти и со нескриен оптимизам очекувам во наредните неколку месеци да добиеме убави вести за одобрување на нови европски проекти за кои имаме аплицирано.

Драго ми е и тоа што без ниту денар оптоварување на општината, со европски грант ги зголемивме техничките перформанси на јавното комунално претпријатие, набавувајќи нова механизација.

Една година од мандатот, заедно со Координативното тело и граѓаните без оглед на нивната партиска припадност “потрошивме” во нашата борба да докажеме дека Годивје како локација за централната постројка за управување со отпад е неприфатливо и “несреќно” решение на Министерството за животна средина и неговите консултанти. Се надевам успеавме.

Со реализацијата на неколку проекти мислам дека полека ги поставуваме темелите и насоките за реализација на нашата визија Дебрца да прерасне во атрактивна туристичка дестинација и производство на здрава храна, соларна енергија и зелена економија. Тука се перспективите на Дебрца. Сеуште сме далеку од целта, ама сепак се движи. За оваа година очекувам две конкретни инвестиции на приватни инвеститори во оваа насока.

Се разбира дека има и проекти кои сме ги планирале, ама не сме успеале да ги реализираме, како на пример во делот на капиталните инвестиции изградба на фекални канализации за неколку села, а има и некои проекти кои не сме ги реализирале со планираната динамика. Не би сакал да барам оправдување, ама мораме да потенцираме дека една од причините е и актуелната пандемија предизвикана од ковид 19 вирусот. Веќе втора година од мандатот го тераме во ковид состојба. Последиците од тоа се неминовни.

 

4.За неколку месеци очекувано е да започне изборната кампања. Дали ќе „трчате“ за втор мандат?

Искрено, воопшто не се оптоварувам со тоа. Во моментов сум преокупиран и концентриран успешно да ги реализираме проектите за оваа година, чесно и одговорно да го завршам мандатот. Не припаѓам на оние кои мислат дека се предодредени многу мандати да вршат една ваква јавна функција. Напротив, мислам дека и со законско решение треба да се ограничи на не повеќе од два мандати.

Целиот работен век, 24 години ги поминав во локалната самоуправа и токму тоа беше и мотивот пред три и нешто години да се кандидирам за оваа функција. Да го ставам мојот интелектуален и професионален капацитет во служба на локалната заедница и граѓаните. Со мојот тим идејата ни беше  да реализираме проекти и подобриме квалитетот на животот во селската средина, во која и јас постојано живеам, да изградиме отворена и транспарентна за граѓаните општина и да бидам градоначалник еднаков за сите граѓани, и за оние кои гласале и за оние кои не гласале за мене. Дали успеавме во тоа, не сум јас тој што треба да каже. Граѓаните ќе си кажат.

За мене најголемата сатисфакција ќе биде и по завршувањето на мандатот да можам со крената глава да се сретнам и поздравам со секој наш граѓанин.

Презентација на возилата и специјализираната опрема за спасување во зимски услови, во рамки на Проектот: „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.

Презентација на возилата и специјализираната опрема за спасување во зимски услови, во рамки на Проектот: „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.

Во Среда (27.01.2021 год) со почеток во 13 часот,ќе се одржи промотивен настан, на кој ќе бидат презентирани возилата и специјализираната опрема за спасување во зимски услови, набавени во рамки на Проектот: „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА2 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Северна Македонија и Р. Албанија и Министерството за Локална Самоуправа, а го спроведуваат Црвен крст Охрид, општините Дебрца (Р. Северна Македонија) и Грамш (Р. Албанија), и Алпинистичкиот Клуб ПАТАГОНИЈА-Охрид.

Настанот е предвидено да се одржи на Кеј Македонија, пред хотел Нова Ривиера, каде свое обраќање ќе имаат: Г-дин Сашо Точков, Претседател на Црвен крст Охрид, Г-дин Горан Милевски, Министер за Локална Самоуправа на Р. Северна Македонија, Н.Е. Дејвид Гир, ЕУ Амбасадор во Р. Северна Македонија, Г-дин Константин Георгиевски, градоначалник на општина Охрид, Г-дин Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца, Г-дин Клодијан Таче, градоначалник на општина Грамш, Р. Албанија.

Големина на Фонт
Контраст