Денес, во Охрид се одржа промотивен настан, на кој беа презентирани возилата и специјализираната опрема за спасување во зимски услови, набавени во рамки на Проектот: „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.
Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА2 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија, а го спроведуваат Црвен крст Охрид, општините Дебрца, Македонија и Грамш, Албанија и Алпинистичкиот Клуб ПАТАГОНИЈА-Охрид.
Свое обраќање на настанот имаа: Г-дин Сашо Точков, Претседател на Црвен крст Охрид, Г-дин Горан Милевски, Министер за Локална Самоуправа , Н.Е. Дејвид Гир, ЕУ Амбасадор во Македонија, а беа присутни и Г-дин Константин Георгиевски, градоначалник на општина Охрид, Г-дин Клодијан Таче, градоначалник на општина Грамш, Албанија.
Во изјавата за медиумите градоначалникот Ногачески изрази благодарност што и општина Дебрца е партнер во овој проект.
Општина Дебрца, со своето природно и културно наследство, кое е и светско природно и културно наследство, заштитено од УНЕСКО, Дебрца со своите планински масиви, како Славеј Планина, Караорман, Стогово, Мазатар и Илинска Планина е природно предодредена за развој на зимскиот и планинскиот туризам.
И токму затоа, овој Проект е во директна корелација со нашата визија Дебрца да прерасне во високорангирана природна и културна туристичка дестинација.
Проектот за Дебрца овозможува нова понуда во алтернативниот туризам, зголемена безбедност на посетителите, пристапни патеки од сите населени места, во близина на сртот на Илинска Планина и опрема за спасување во зимски услови.
Со овој проект, во општина Дебрца предвидена е реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во с. Брежани во модерен планинарски дом, реконструкција на пропустите на патот од село Брежани до Илинска црква, набавка на опрема и специјално теренско возило за спасување во зимски услови, како и обуки за прва помош во зимски услови, за локалното население.
Овие проекти се значајни и за стекнување на потребните знаења и искуства и на општинската администрација, како во фазата на аплицирањето, исто така и во фазата на имплементацијата на проектите.
Во текот на имплементацијата на Проектот имаме добра соработка со сите партнери, и од македонската и од албанската страна.
А, со нашиот партнер од Албанија, општината Грамш се надевам дека ова ќе биде почеток на една заедничка долготрајна и успешна соработка. – изјави градоначалникот Ногачески.