Select Page
Лактиње

Лактиње

Лактиње — село во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во близина на патот Кичево – Охрид. Лактиње е село во Западна Македонија, на источната страна на планината Караорман, сместено во областа Дебарца. Оддалечено е 30 километри јужно од Кичево и 35 километри северно од Охрид и Струга.

Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта. Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.

Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Сливово, во која покрај селото Лактиње, се наоѓале и селата Арбиново, Врбјани, Годивје, Мраморец, Сливово и Турје. Во периодот 1950-1952 година, селото Лактиње се наоѓало во некогашната Општина Годивје, во која влегувале селата Врбјани, Годивје и Лактиње.

Во народот се збори дека селото порано се викало Латини, по Латините кои живееле овде. Уствари името на селото би требало да дошло од старото Лактово.

Селото Лактиње е стара населба, тоа има свое историско минато и од најстари времиња е населено на истиот простор. Во атарот на селото се пронајдени остатоци од стари уништени населби, како на месноста Градиште, во повеќе усни преданија се изнесува дека на таа месност се наоѓал град под име Повеница, со повеќе негови делови, меѓу кои некои именувани како Сушица. Според некое друго предание селото Лактиње своето име го добило по доселувањето на родот Јоргановци, кои дошле од местото Латини во Лариса (денешна Грција), и по тоа селото го добило името, според преданието тоа било уште за време на Византија. Како најстари родови во селото се спомуваат, Вељановци, Топаловци, Јоргановци, Булиовци, Балабановци и др. Во 1583 година, по пописот во Охрискиот Санџак, во селото живееле 30 семејства и 4 неженети. Во периодот пред и по Илинденското востание во селото постоела лактинска чета. По арбиновската битка ова село било запалено, Турците го запалиле како одмазда за загубената битка со комитите, а убиени биле и обични цивили. По арбиновската битка за Дијарбекир биле амнестирани (ослободени)  жители на селото. Некои биле ослободени уште во битолскиот затвор, а некои добиле по 5 години робје, додека некои ги оставиле коските таму.

Во 19 век, Лактиње се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство.

Почетокот на Првата балканска војна во Македонија и Лактиње бил дочекан со радост, бидејќи била создадена можност за за ослободување од петвековното турско ропство. Затоа сите од Лактиње и Македонија воопштво се впуштиле во борбата на страната на сојузничките сили. Но после балканските војни Македонија била поделена и Лактиње и целата Вардарса Македонија подпаднале под српска окупација. Во српската војска биле испраќани доста жители на Лактиње, кои немале никаква обука и биле испраќани во првите воени редови. Биле испраќани во западна Србија да се борат со Австро-Унгарија, или на Солунски Фронт.

Лактиње како и цела западна Македонија за време на НОБ биле под италијанско-албанска окупација. Па така народот масовно ги помагал партизаните. Во атарот на селото Лактиње на Славеј Планина се основале неколку партизански единици, меѓу кои и батаљонот Мирче Ацев.

Според податоци во 1900 година, во селото Лактиње имало 480 жители, сите Македонци христијани. Во 1905 година во Лактиње имало 560 жители.

Според пописот од 2002 година, во селото Лактиње живееле 82 жители, од кои 81 Македонец и 1 Србин.

Кон крајот на ХVIII век се случил пустош во селото, по кое останале само две сестри. Кога дошло време да се мажат тие донеле две момчиња од некаде и така поголемиот дел од населението на денешното село е настанато од две сестри и двајца домазетовци.

Родови кои потекнуваат од двете сестри и домазетовците се: Новевци, Булиовци, Камберовци, Спировци, Доневци, Садровци, Џамевци, Вељановци, Најдевци, Топаловци, Павлевци, Андреевци, Николовци, Ничевци, Максимовци, Станковци, Цељковци и Николовци.

Останати родови доселенички се: Балазовци – потекнуваат од предок кој дошол од селото Оздолени; Николовци или Голомеовци – се доселени од околината на Тетово; Србаковци -потекнуваат од предок Ром кој дошол некаде од Србија и Треневци и Богдановци потекнуваат од заеднички предок кој дошол од селото Брждани.

Според истражувањ во 1948 година, родови во селото Лактиње се:

Староседелци: Топаловци -живеат по целото село; Доневци -куќата им е на сред село; Вељановци – куќите им се во маалото Голема Река, слават Св. Никола. Некои од овој род се викаат Василевци, Гритовци и Војновци; Јоргановци – живеат по цело село, слават Св. Никола зимен и летен; Булијовци – живеат во свое посебно маало, слават Св. Никола летен; Богдановци – живеат до Булиовци, слават Св. Никола зимен; Пластевци – живеат на сред село.

Со непозната старина се: Дуковци или Самармковци – живеат во своето маало, кај Мала Река. Некои ги сметаат за староседелци. Дуко убил маж на некоја жена во Мраморец, па потоа се оженил

Доселеници: Србаковци = доселени се на почетокот од XIX век од некое место во Србија, од каде избегале поради крв, живеат кај Топаловци; Николовци – доселени се кога и Србаковци, доселени се од Тетово, од Тетово избегале поради крв, живеат по целото село, слават Св. Никола летен; Шајовци- доселени се во 30тите на XIX век од Маврово, живеат на сред село; Мартиновци — доселени се од селото Ореше, Азот во 1848 година, живеат кај Вељановци; Балазовци доселени се 1850 година од селото Оздолени, живеат во својот дел во Мала Река, слават Петровден, од овој род потекнувал Смил Војданов; Анѓелевци -доселени се околу 1878 година од селото Брждани, Копачка, живеат до Балазовци, слават Св. Никола зимен.

Главна селска црква е “Св.Илија” која е изградена во XIX век.

Малобројноста на населението во селото се должи како резултат на масовното иселување пред сè во Австралија.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: Од Топаловци иселеници има во Славеј, прилепско, Глогоњ, Војводина  и во Аргентина; од Доневци иселеници има во Славеј, прилепско; од Вељановци иселеници има во Годивје, Арбиново, Ботун, Славеј, прилепско и во Аргентина; од Јордановци иселеници има во Славеј, прилепско, и во Битола; од Богдановци иселеници има во Славеј, прилепско; од Дуковци иселеници има во Песочани, Славеј, прилепско, и во Аргентина; од Самармковци иселеници има во Долно Лакочереј, Славеј, прилепско и во Глогоњ, Војводина; од Србаковци иселеници има во Славеј, прилепско  и во Глогоњ, Војводина; од Николовци иселеници има во Оровник, Сланско, Порече, Бело Поле, прилепско, Славеј, прилепско и во Австрија; од Мартиновци иселеници има во Бугарија; од Балазовци иселеници има во Арбиново, Песочани , Десово, прилепско, Славеј, прилепско и во САД; од Анѓелевци иселеници има во Скопје.

 

 

 

 

 

 

Климештани

Климештани

Климештани е село во Општина Дебарца. Селото Климештани се наоѓа во областа Дебарца, во подножјето на Караорман. Се наоѓа на надморска висина од 904 м.

Климештани е македонско православно село, селото не е многу старо, настанато е околу 1840 година. Според некои  податоците од 1900 година, селото имало 80 жители христијани (Македонци). Според последниот попис селото има 57 жители.

Родови во селото се: Белевци – еден од трите најстари родови во селото, доселени се од сега раселеното село Црско кое постоело во атарот на селото Поум; Крушаровци- доселени се кога и Белевци, доселени се од селото Куратица; Крстановци – доселени се кога и претходните два рода, доселени се од селото Волино; после овие 3 рода во селото се населиле Наумовци и Димитриевци – доселени се од селото Мешеишта, во родот Димитриевци се знае следната генеологија Аргир (жив на 73 год. во 1980 година) Коста-Лазо-Димитрија кој се доселил од Мешеишта. Во Мешеишта припаѓале на родот Поповци.

Издеглавје

Издеглавје

Селото Издеглавје се наоѓа во областа Дебрца, меѓу Славеј и Илинска Планина.Од Охрид е оддалечено 31 километар, и се граничи со следниве села: од север и северозапад со селата Лактиње и Арбиново, од запад со селото Песочани, од исток со Слатино, и од југ со селата Оздолени и Слатински Чифлик.

Во 19 век, селото Издеглавје се наоѓало во Охридката каза, нахија Дебрца, во Отоманското Царство. Според податоци од 1900 година, во селото Издеглавје имало 220 жители, сите Македонци христијани, а во 1905 година имало 224 жители. Од 1948 година бројот на жители во селото се зголемил на 471, во 1953 година бројот бил 529 жители, а веќе во 1961 година тој изнесувал 566.Десет години подоцна во 1971 година бројот на жители почнал да се намалува на 445, во 1981 година 339 жители, 1991 година 176 жители, а веќе во 1994 година бројот се намалил на 150 жители за да во 2002 година бројот на жители во селото Издеглавје достигне бројка од 136 жители.

Во минатото до средината на 18 век во атарот на селото Издеглавје постоело селото Зглавица. Тоа било огромно село и имало околу 500 куќи, но Турците го уништиле селото, а многу од населението го убиле. Од тие што преживеале го основале денешното Издеглавје.

Родови во селото Издеглавје се:

  • Тувчевци или Шулевци, Трповци, Куловци, Милевци, Гавриловци, Игларовци, Стојановци, Паунковци, Николовци, и Србиновци.

Староседелци кои живееле во раселеното село Зглавица се:

  • Коњаровци и Савевци- доселени од селото Арбиново
  • Китановци- за нив се вели дека се доселени од Албанија
  • Штакаровци- доселени се од селото Нерези, Дримкол
  • Цолевци- доселени се од селото Врбјани
  • Чавдаровци- не се знае точно од каде се доселени.

Според истражувања во 1948 година родови во селото Издеглавје се:

  • Староседелци: Шулевци, Ничевци, Марковци, Чавдаровци или Андреевци, Лулевци, Китановци, и Смилевци или Милевци.
  • Доселеници: Коњаровци доселени се во 1850 година од селото Арбиново, Прензовци доселени се во 1860 година од селото Сливово, Митревци доселени се 1865 година од селото Нерези Дримкол, и Димовци доселени 1870 година од селото Оздолени.
  • Роми: Демировци доселени се во средината на 19 век не се знае од кое место, а дошле тука како ковачи.

Во Октомври 1943 година во Издеглавје бил организиран Првиот свештенички одбор на кој била донесена одлуката за возобновување на Охридската Архиепископија како Македонска Правоскавна Црква. Според кажувањата на селените и археолошките испитувања се смета дека некогаш во селото имало 18-26 цркви. Многу од нив денес се наоѓаат во урнатини. Цркви кои се наоѓаат во селото Издеглавје се:

  • Црква “ Св.Димитриј”- таа е главна црква, потекнува од 20 век, околу кој се наоѓаат и селските гробишта.
  • Црква “ Св.Софија” – изградена во 2001 година, а осветена во 2005.
  • Црква “ Св. Никола”- таа е помала црква.

Како и од другите села така и од селото Издеглавје има иселеници и тоа: Од фамилијата Шулевци има во САД, од Коњаровци исто така има во САД, и Вељановци кои се иселени во Охрид во 1870 година.