Денес во село Сливово со полижување на свежо цвеќе се одбележа јубилејот 75 години од формирањето на Првата Македонско – Косовска ослободителна ударна пролетерска бригада (МКНОУПБ) на 11 ноември 1943 година и Патронатот на ОУ “Дебрца”.
Делегација на општина Дебрца предводена од градоначалникот Ногачески, положи свежо цвеќе пред споменикот во Сливово и споменикот во Белчишта, по што присуствуваше и на свечената приредба за одбележувањето на патронатот на ОУ “Дебрца”.
Првата македонско-косовска ударна бригада била формирана на 11 ноември 1943 година во село Сливово, Дебарца. Бригадата се состоела од: Батаљонот „Мирче Ацев“, Кичевскиот батаљон, Првиот косовски батаљон „Рамиз Садику“ и Вториот косовски батаљон „Боро Вукмировиќ“.
Освен Македонци, во редовите на бригадата се бореле и Срби, Црногорци, Албанци, Словенци.
Со цел формирање на бригадата, двата македонски и двата косовски батаљони биле концентрирани во Сливово уште на 10 ноември 1943 година. Наредниот ден, на 11 ноември, во претпладневните часови, членот на Врховниот штаб и делегат на ЦК на КПЈ, Светозар Вукмановиќ – Темпо, одржал говор по повод формирањето на бригадата. За командант бил поставен Петар Брајовиќ, за заменик командант Чеде Филиповски – Даме, за политички комесар Мита Миљковиќ и за заменик политички комесар Вера Ацева.
Во редовите на бригадата скоро 22% биле членови на КПЈ, а повеќе од 50% од младите биле членови на СКОЈ. Голем број од борците биле жени.