Оздолени — село во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во околината на градот Охрид.
Според искажувањата на постарите луѓе, селото Оздолени, името го добило според тоа што жителите на ова село се дојдени одоздола, односно од старата локација која се наоѓала на Брест.
Селото Оздолени се наоѓа во Средна Дебарца, на 33 километри северно од градот Охрид, на 4 километри источно од магистралниот пат Охрид-Кичево-Скопје. Селото е сместено на 1.055 метри надморска височина, на западното подножје на Илинска Планина.
Од северната, источната и јужната страна е заградено со ридовите Бошков Рид , Грагорец, Љутики и Манчев Рид , а од западната страна се простира Оздоленското Поле. Околни села се Слатино и Слатински Чифлик на север и североисток, Издеглавје на запад, Сошани на југоисток, Белчишта на југозапад, и Прострање на исток.
Кај постарите луѓе од селото Оздолени постои предание, кое се пренесувало од колено на колено дека селото порано се наоѓало на Брест. Се мисли дури и дека селото Издеглавје се наоѓало на таа локација, но по некое време се оделило и се преместило на Селиште, што се наоѓа северно од селото Издеглавје. Кога се случило тоа не се знае. Во пописниот дефтер од 1582 година се спомнува под името Издолени со 27 христијански семејства. На денешната локација селото го основале родовите Богдановци, Смилевци, Шишковци и Трпчевци кои дошле од Брест, тие некогаш чинеле еден род, но со тек на време се одродиле.
Селото дало активен придонес и во текот на Втората светска војна, па така постоела група од селани кои го организирале народот тоа биле: Љубе Смилески, Илија Гиноски, Темелко Стојаноски, Трајче Николески, Саве Николески, Најденко Богданоски, Тодор Тодороски, Ристо Смилески и Петре Петрески- Рапо од Слатински Чифлик.
Во 19 век, Оздолени се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство
Според податоците од 1900 година, во селото Оздолени имало 200 жители, сите Македонци христијани. По податоци во 1905 година во Оздолени имало 216 жители.
Родовите во селото се во поголемиот број староседелски, односно доселени од раселеното село Брест.
Родови во селото Оздолени се следните: Шишковци и Богдановци , потекнуваат од ист предок, Трпчевци и Смилевци , наведените 4 рода се староседелски кои живееле во раселеното село Брест; Гавриловци , Марковци , потекнуваат од заеднички предок, кој дошол од некое село во околината на Пешкопеја, Гроздановци , нема податоци од каде се доселени.
Според истражувањата во 1948 година, родови во селото Оздолени се:
- Староседелци: Ѓорговци или Зенговци, се делат на Гавриловци и Струмовци; Богдановци, се делат на Смилевци, Шишковци и Танасковци; Јолевци , Шулевци , Неловци, познати се како и Гроздановци и Трпчевци.
- Доселеници: Мијовци, доселени се од некое село во Мијачкиот крај.
- Роми: Демировци, доселени се во 1941 година од селото Белчишта.Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.
Во селото постојат две цркви и тоа:
- Црква „Св. Ѓорѓи“— главна селска црква, на која се наоѓаат и селските гробишта
- Црква „Св. Никола“— помала црква во селото.
Од културни настани во ова село се знае дека е снимена телевизиската серија “Итар Пејо”.
Кога се зборува за спорт во Оздолени пред сe се мисли на фудбалот како најпопуларен спорт. Фудбалот започнал да се игра помеѓу двете светски војни. Секаде каде што настапувал тимот на Оздолени, имал играчи од селото Оздолени, како и нешто од соседните помали села Сошани и Слатински Чифлик.
Во поодамнешно време во селото Осој отишол родот Ширговци, постари иселеници од Оздолени има и во селото Лактиње, Лулевци се иселиле во Издеглавје; Ратајковци од Оздолени се иселиле во Слатински Чифлик, па од таму во Слатино; Неделковци се иселиле во Железнец, Ориѓани се иселиле во Сопотница, Железник околу 1870 година,Пупановци; Сиљановци се иселиле во Манастирско Доленци, Kичевско; Ѓорговци се иселиле во Кадино Село, прилепско околу 1878 година ,Оздоленовци во постаро време се иселиле во Охрид.
Од 1950-тите години оздоленци се отидени по градовите. Иселеници има во Охрид, Скопје, Кичево, Струга, Гевгелија, Ресен, Тетово, Битола, Струмица,и на други места.
Надвор од Македонија највеќе се иселени во Австралија, а други се иселени во Белград, Бугарија, Франција, Германија, Холандија, САД, Швајцарија, Аргентина,Канада.
Од 1961 до 1991 година од селото се отселени преку 300 луѓе.
Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: од Ѓорговци иселеници има во Кадино Село, прилепско и во Сопотско, Преспа,од Богдановци иселеници има во САД, Бугарија и во Белчишта , од Јолевци иселеници има во Врбјани ,од Шулевци иселеници има во Охрид, од Трпчевци иселеници има во Бугарија,од Мијовци иселеници има во Аргентина.
Неделковци се иселени во селото Железнец, Железник во 1741 година, Ориѓани се иселени во селото Сопотница, Железник во 1870 година.
Печалбарството во Оздолени има долговековна традиција. Првите печалбари се јавуваат некаде кон крајот на XIX век. Тие тогаш оделе на печалба во Влашко и Бугарија, најнапред како сезонски работници, а потоа останувале таму по неколку години, а некои и засекогаш.