Ветивме дека ќе го подигнеме квалитетот на комуналните услуги на едно пристојно ниво, соодветно на потребите на граѓаните на општина Дебрца.
Една од мерките за постигнување на таа цел е набавка на нова механизација за Јавното комунално претпријатие.
Денес конечно е реализирана набавката и од страна на избраните добавувачи е испорачана механизацијата и тоа:
– универзален ровокопач натоварувач ЈЦБ, опремен со нож за чистење на снег и мини ровокопач на гумена гусеница ЈЦБ, во вкупна вредност од 5.892.191 денари;
-трактор со приклучна механизација-приколка, мулчер и нож за чистење на снег, во вредност од 2.441.550 денари и
-теренско возило Лада Нива, во вредност од 714.347 денари.
Вкупната вредност на механизацијата изнесува 9.048.088 денари или 147.000 евра, а средствата се обезбедени од ЕУ ИПА грант ( 111.000 евра ), грантот за успешност ( 10.000 евра ) и буџетот на општина Дебрца ( 26.000 евра ).
Во оваа прилика, изразувам благодарност до Делегацијата на ЕУ во Македонија за обезбедениот грант, Министерството за финансии кое го спроведуваше проектот / МСИП проектот за подобрување на општинските услуги и советниците во советот на општина Дебрца, кои едногласно го поддржаа овој проект.
На Јавното комунално претпријатие му посакувам успешно користење на механизацијата и грижа за истата како добри и совесни домаќини.
Граѓаните на Дебрца сакам да ги уверам дека дека ова не е крајот на нашите заложби да обезбедиме квалитетни комунални услуги.
Напротив, во подготовка или во тек се и други проекти за кои набргу ќе информираме.
И да им посакам со здравје и леснотија да си ја користат новата механизација. – изјави градоначалникот Зоран Ногачески по извршувањето на техничкиот прием на механизацијата.