Menu

По повод утрешниот тажен ден, пред 18 години, кога во заседа, кај тетовското село Вејце, свирепо, беа убиени и масакрирани осуммина припадници на специјалните единици на МВР и на АРМ, во селото Слатино, општина Дебрца, се одржа комеморација пред Спомен обележјето на Игор Костоски.

Денес уште еднаш се поклонивме пред спомен обележјето во село Слатино и го одбележивме херојското дело, 18 години од денот на загинувањето на нашиот сограѓанин, припадникот на специјалната единица на АРМ, “Волци”, водникот Игор Костески, на 28 април 2001 година, кај Вејце, Тетовско.28 април 2001 година е најцрниот ден во поновата македонска историја. Ден кога кај Вејце од страна на припадници на терористичката ОНА, на подмолен начин, во заседа беа убиени, а потоа масакрирани, а некои и живи запалени, 8 бранители, и тоа- 4 припадници на Специјалната единица на АРМ, “Волци”, меѓу кои и водникот Игор Костески и четири припадници на посебната единица на СВР Битола.Судбината сакаше Дебрца, која уште од времето на Свети Климентовата Кутмичевица, преку Илинденското востание, НОБ дала многу жртви и херои за денешната слобода, да даде уште една жртва и во воениот конфликт од 2001 година. – кажа градоначалникот Зоран Ногачески.

Обраќање за настаните од воениот конфликт 2001 година и грозоморниот чин во Вејце имаше Добре Велјаноски од охридскиот огранок на Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста.

На денешниот чин присуствуваа претставници на општина Дебрца, месната заедница село Слатино, Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста, со претседателот, генералот во пензија Филип Котели, роднини на Игор и граѓани на Слатино.

Нека им е вечна слава. И на Игор и на неговите другари, соборци.
Хероите никогаш не умираат.