Jul 30, 2019
Минатата година, поаѓајќи од барањата на граѓаните отпочнавме со проектот “Изградба на бетонски пропусти на локални и полски патишта и улици во општина Дебрца”.
Проектот опфати повеќе активности : поставување на армирано бетонски цевки за премостување на водотеци, изградба на бетонски влезни и излезни шахти за пропусти, крилни ѕидови, изградба на бетонски канали за вода со или без метални решетки и друго.
Реализиравме :
-зафаќање и регулација на атмосферските води на две улици во село Мешеишта,
-премостување со армирано бетонски цевки на три локации на водотеци во село Лактиње,
-изградба на канал со метална решетка на улица во село Врбјани,
-изградба на канал со метална решетка на улица и поставување на бетонски цевки по одводен водотек во село Оздолени,
-премостување на локален пат Сл.Чифлик – Слатино,
-премостување на локален пат за село Сливово,
-премостување на улица во село Песочани и на пат село Песочани – Радомирово,
-изградба на канал со метална решетка, бетонски пропуст во село Брежани и санација на мост на пат село Велмеј-село Брежани,
-санација на мост на улица и изградба на пешачки мост и бетонски пропуст на водотек во село Оровник,
-поставување на бетонски цевки преку бразда за наводнување на полски пат во село Лешани.
Вкупната вредност на изведените работи изнесува 1.596.000 денари без ДДВ, а средствата беа обезбедени од Буџетот на општина Дебрца.
Навидум ситни, ама за граѓаните битни активности.
Проектот продолжува и оваа година.
Jul 28, 2019
Денес во дворот на Црквата “Св. Спас” во Годивје по втор пат се одржа културната манифестација “Ѓомлезијада – Годивје 2019”,која во организација на КУД “Дебрца”, а со поддршка и на општина Дебрца.
Посебно ми е мило што истата се одржува во село Годивје, место кое во изминатиов период стана парадигма, односно симбол на нашата борба за зачувување на еколошката чистота и епската димензија на Дебрца.
Оваа година тринаесет учесници се натпреваруваа во правење на традиционалното ѓомлезе и за одбележување е и тоа што покрај од општина Дебрца имаше натпреварувачи и од соседните општини Охрид, Струга, Вевчани, со што манифестацијата добива регионален карактер.
Честитки за сите учесници, за наградените и секако за организаторот на манифестацијата.
Општина Дебрца останува посветена на заложбата – култура до сите, култура за сите , култура во секој дел на општина Дебрца и за сите граѓани подеднакво. – изјави градоначалникот Ногачески по свеченото отворање на манифестацијата.
Jul 25, 2019
Вчера попладне градончалникот Ногачески заедно со Претседателот, членови на советот и вработени во општинската администрација на општина Дебрца, во просториите на Црвениот крст-Охрид присуствуваа на освежителниот курс по прва помош за возачи.
Имено, Црвениот крст спроведува бесплатна летна кампања за освежување на знаењата по прва помош кај постоечките возачи. Целта е да се освежат знаењата на возачите, да се подигне јавната свест за потреба од обезбедување на прва помош во сообраќајот во случај на незгода и да се влијае кај доносителите на одлуки во државата за потребите од унапредување на квалитетот и знаењата за прва помош во секојдневното живеење, со посебен акцент на возачите.
Како градоначалник, заедно со советот на општината ја поддржуваме оваа кампања и сме отворени за соработка со Црвениот крст и за други активности.
Денес ние ги освеживме нашите знаења по прва помош и топло Ви препорачуваме да најдете време да го посетите курсот.
Запомнете, ТВОЕТО НЕЗНАЕЊЕ ЧИНИ ЖИВОТ! – кажа Ногачески по завршување на обуката.
Jul 25, 2019
Денес, во Охрид градоначалникот Ногачески оствари неформална средба со градоначалникот на Модра, Моравија, Република Чешка, Г-дин Мирослав Коварик.
На средбата разменија информации за своите општини, како и за воспоставување на поблиска соработка меѓу дваете општини, особено во областа на културата и туризмот.
Градоначалникот на Модра го запозна Ногачески со европски подржаниот проект за откривање и популаризација на патот на Светите Кирил и Методиј, во Моравската мисија и нивната намера со проектот да бидат опфатени сите градови и области , каде што Светите браќа Кирил и Методиј ја вршеле својата просветителска дејност и ја ширеле словенската писменост.
Средбата ја завршија со желба за понатамошна соработка и отворена покана од Ногачеаки за посета на општина Дебрца, односно од страна на Коварик за посета на општина Модра.
Jul 24, 2019
Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести ( Сл. весник на РМ 66/2004, 139/2008 и 99/2009, 149/2014 ,150/2015 и 37/2016), а врз основа на одлуката на Советот на Општина Дебрца за спроведување на превентивна систематска дезинсекција на територијата на општина Дебрца како општа противепидемиска мерка ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид го издава следното соопштение:
Се известуваат граѓаните кои одгледуваат пчели на подрачјето на општина Дебрца дека на ден 29.07.2019 год. (понеделник) екипите на Центар за јавно здравје Охрид ќе спроведат теристичка (од земја) дезинсекција со цел уништување на комарците. Запрашувањето ќе се врши во период од 21.00 до 06.00 часот со апарат за УЛВ ладно запрашување .
Со дезинсекцијата ќе бидат опфатени зелените површини во Општината, подрачјето на река Сатеска, локалитетите со застојни водени површини, урбани населби и локалитети предвидени во планот и програмата.
Се молат пчеларите и пчеларските задруги да ги превземат соодветните мерки за заштита на на пчелите.
Во случај на појава на неповолни временски услови (ветар, дожд) дезинсекцијата се одложува за следниот поволен ден.
За сите информации и прашања отворен телефон за контакт во Центар за јавно здравје Охрид е 231 881: 230 231.
Со почит,
Одделение за
епидемиолошка дејност
Охрид
24.07.2019 година