Nov 19, 2019
Денес во градот Gramsh, регион Елбасан, Албанија, а кој брои околу 9000 жители и е центар на општината Gramsh, со околу 36.000 жители градоначалникот Зоран Ногачески оствари средба со Градоначалникот Klodian Tace.
Средбата беше по повод започнувањето со реализација на проектот „Нови можности за безбедни зимски авантури“,кој во рамките на Програмата на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија ќе се финансира со европски пари.

Носител на проектот е Црвениот Крст на Македонија, Општинска организација Охрид, а партнери се општина Дебрца и Алпинистичкиот клуб “Патагонија”,Охрид од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна.
Проектните активности носат бенефит за сите партнери, а во Дебрца во рамките на проектот ќе се изврши реконструкција на старата училишна зграда во село Брежани и нејзина адаптација во Планинарски Дом, опремен со 25 легла, за што се планирани 85.000 евра, поставување на пропусти за зафаќање на атмосферските води на патот село Брежани-Илинска Планина, набавка на возило, со потребната опрема за спасување во планина, обуки и други активности.
На средбата со мојот домаќин посебно го искажав моето задоволство што ќе можеме да соработуваме како две општини, кои имаат одлични предуслови за развој на планинскиот, зимскиот и авантуристичкиот туризам. – изјави Ногачески по средбат Изразив надеж дека денешната средба е почеток на успешна соработка меѓу двете општини, не само на имплементацијата на конкретниот проект, туку и на други идни проекти од заеднички интерес.- изјави Ногачески по средбата
Jan 26, 2018
Изминаа 100 дена од денот кога ја презедов градоначалничката функција и вообичаена практика е да се даде првична оценка. Еве, да сумирам од мој агол.
Со оглед на периодот во кој е преземена функцијата можеби некој ќе рече нема некои големи нешта, ама сепак ќе набројам многу мали нешта и реализирани ветувања, кои полека, но сигурно го отвораат патот на поголемите нешта.
На 19 октомври 2017 година општината ја наследив со 841.617,00 денари во општинската каса, ама истиот ден на моето биро затекнав и доспеани и неисплатени фактури, во износ од 701.147,00 денари. Следните денови пристигнуваа и други неплатени сметки. Дополнително, по основ на склучени договори затекнав неисплатени обврски, во износ од 8.005.032,00 денари. Ова колку да се знае во каква финансиска состојба ја презедов општината.
Што исполнивме во 100-те дена ?
-ја отворивме општината за сите ( секој ден приемен ден кај градоначалникот ). Во 100-те дена во мојот кабинет, без закажување, влегоја повеќе луѓе, отколку за четирите и пол години на мојот претходник. Секој со своја човечка мака. На некого му помогнавме, на некого допрва, на некого можеби не. Маките се преголеми, можностите помали.
-ги намаливме непродуктивните трошења. Во 100-те дена немам земено ниту една дневница, немам потпишано ниту една сметка за репрезентација на товар на општината. И така ќе остане до крајот на мојот мандат.
-креиравме нов општински портал, со нови содржини и апликации ( пријави проблем, прашај го градоначалникот, ваши идеи за Дебрца ), со цел општината да ја направиме потранспарентна и поблиску до граѓаните. Веб порталот во наредниот период ќе го доградиме и надградиме.
-се конституира советот на општината и донесени се програмите за развој на општината и Буџетот на општината за 2018, со кои се предвидуваат повеќе средства за капитални инвестиции, социјални трансфери, за спортските клубови и спортските манифестации, стипендирање на учениците и студентите, за културата, за бесплатна ужинка за учениците, бесплатни екскурзии, за пензионерите, за склучен брак, новореденче, за урбанистички развој и др.
– во делот на капиталните инвестиции ја дозавршуваме постапката за одобренија за градење за постојните проекти, а нарачавме и други проекти со кои аплициравме или допрва ќе аплицираме до националните и меѓународните фондови и донатори на средства. Исплативме и дел од започнатите проекти од претходната власт . Со почетокот на пролетта очекуваме отпочнување и динамизирање на капиталните инвестиции. За кои конкретно, повеќе во мојата следна елаборација.
-поставени се нови раководители на Основното училиште и Јавното комунално претпријатие, од чија активност и соработка очекувам подобрување и на образовната инфраструктура, а особено поквалитетни и оддржливи комунални услуги.
-со раководните структури на ЈП за државни патишта упорно настојуваме да ги решиме сите наследени проблеми во врска со изградбата на Автопатот А2, делницата која поминува низ општина Дебрца .
-интензивно работиме на изнаоѓање на краткорочни решенија за водоснабдувањето во Требеништа, Горенци, Оровник и Подмолје, но и на долгорочно решение, за кои јавноста набргу ќе биде информирана.
-презедовме неколку ситни и итни комунални активности ( чистење на дел од водотек во Белчишта, Велмеј, Арбиново, дел од патниот правец Мешеишта-Волино ).
Можеби нешто испуштив. Можеби можеше повеќе. Се согласувам, секогаш може повеќе.
Сепак, ова беше период на себенаоѓање, скенирање на состојбата, трасирање на патот и отворање на можностите за исполнување на добар дел од дадените ветувања. Се надевам дека сме на вистинскиот пат.
Мислењето на Вас, граѓаните ми е многу битно и затоа го очекувам, особено барам корекција ако сме забегале од вистинскиот пат. Граѓаните секогаш се најдобриот коректив.
Крајно, сакам сите граѓани на Дебрца да ги уверам дека и во наредниот период чесно и одговорно ќе ја практицирам функцијата и дека по никоја цена нема да отстапам од две основни заложби.
Првата е – да бидам Градоначалник, еднаков за сите граѓани.
Втората е – додека сум Градоначалник нема да дозволам во Дебрца да се изгради регионална депонија.