Oct 8, 2024
Во изминатиот период завршено е тампонирањето на повеќе пристапни и полски патишта и улички во општина Дебрца и тоа:
Во село Врбјани тампонирани се две улички, во должина од околу 120 метри.
Тампониран е патот во местноста “Средно Поле”, КО-Лешани,на потегот од асфалтираниот пат за село Грко Поле до поранешната воденица, во должина од околу 570 метри.
Во село Ново Село извршено е пробивање, чистење од околните дрвја,порамнување, валирање на подлото и тампонирање на патот од црквата Св.Богородица до изворите на блатото, во должина од околу 1 км.
Во село Волино тампониран е пристапен пат,
во должина од околу 750 метри, во местноста “Аџица”,со што се поврзуваат двете долномаалски улици во селото, односно патот во правец на село Ливада со патот во правец на село Мороишта.
Тампониран е патот од село Сошани до црквите “Св.Ѓорѓија” и “Св.Никола Талалеј “, во должина од 1 км
Тампониран е патот до црквата “Св.Атанасије”,село Сливово,во должина од околу 550 метри.
Во село Издеглавје со гребен асфалт тампониран е патот до црквата “Св.Димитрија”, во должина од 1 км.
Тампониран е полски пат од местноста “Врпче” до местноста “Ѓорамидница”, КО Волино, во должина од 1,1 км.
Со овие активности се обезбедува полесен пристап до верските објекти, земјоделското земјиште и Белчишкото Блато.
Вкупната вредност на работите изнесува 3.540.000 денари,а средствата се обезбедени од Буџетот на општината за 2024 година.
Работите ги изведе фирмата БИС дооел Охрид.
И во наредниот период ќе продолжиме со вакви активности,согласно потребите на граѓаните.
Oct 3, 2024
Денес во историското Црвена Вода, Славна Дебрца,со полагање свежо цвеќе на спомен обележјето, историски час, посета на Спомен собата на ГШ на НОВ и ПОМ и посета на Спомен собата од НОБ во село Белчишта се одбележаа 81 година од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, до македонскиот народ, на 03 Октомври 1943 година, Ден кој е патронен празник на општина Дебрца.
Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја, а
Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и во него е претставена платформата на македонската државност , односно Асномска Македонија.
Како генерација имаме обврска, но и аманет од нашите претци да се однесуваме одговорно кон нашата историја и нејзините придобивки.
Затоа и во наредниот период посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина.
Oct 3, 2024
Во текот на Вчерашниот ден се изврши и последната фаза од процесот на спроведување на програмата за заштита на населението од заразни болести, се изврши дератизација на канализационите системи во општината.
Во процесот на дератизација беа опфатени 920 шахти во населените места, Белчишта, Регионален колектор од село Мешеишта до Оровник, село Мешеишта, село Волино, Село Горенци и село Оровник.
Средствата се обезбедени од буџетот на општина Дебрца.
Oct 2, 2024
Со реконструкцијата се изврши промена на кровот,промена на старата дрвена дограма со нова ПВЦ дограма, изградба на санитарни чворови, промена на електрична и водоводна инсталација,поставување на ново осветлување во објектот, целосно уредување на внатрешните простории и подови.
Вкупната вредност на работите изнесуваше 2.022.225 денари, кои се обезбедија од Буџетот на општината за 2024 година.
Sep 26, 2024
Се интензивираат работите на реконструкцијата на административната зграда на општина Дебрца, во село Белчишта/ 2 фаза.
Во оваа фаза се реконструира големата сала,која ќе се преуреди во мултифункционален простор за одржување на собири,трибини,свечености други настани.
Се реконструираат долниот спрат и санитарните чвори,се поставуваат нови врати и молерисување на административните простории,ИТ инсталацијата, како и фасадата од северната и западната страна и други активности.
Вредноста на работите изнесува околу 5,5 милиони денари, а средствата се обезбедени преку Центарот за развој на Југозападниот плански регион,Програма за рамномерен регионален развој за 2024 година.
Sep 25, 2024
Деновиве се извршени зафати во пумпната станица за водоснабдување на село Мешеишта,чија цел е да се обезбеди поекономично водоснабдување и помали трошоци за електрична енергија.
Монтирани се нова вертикална центрифугална пумпа и командна табла,кои по извршено тестирање се очекува да бидат ставени во функција.
Средствата се обезбедени од Буџетот на општината за 2024 година.