Select Page
Отчет 100 дена Градоначалник Зоран Ногачески

Отчет 100 дена Градоначалник Зоран Ногачески

Изминаа 100 дена од денот кога ја презедов градоначалничката функција и вообичаена практика е да се даде првична оценка. Еве, да сумирам од мој агол.
Со оглед на периодот во кој е преземена функцијата можеби некој ќе рече нема некои големи нешта, ама сепак ќе набројам многу мали нешта и реализирани ветувања, кои полека, но сигурно го отвораат патот на поголемите нешта.
На 19 октомври 2017 година општината ја наследив со 841.617,00 денари во општинската каса, ама истиот ден на моето биро затекнав и доспеани и неисплатени фактури, во износ од 701.147,00 денари. Следните денови пристигнуваа и други неплатени сметки. Дополнително, по основ на склучени договори затекнав неисплатени обврски, во износ од 8.005.032,00 денари. Ова колку да се знае во каква финансиска состојба ја презедов општината.
Што исполнивме во 100-те дена ?
-ја отворивме општината за сите ( секој ден приемен ден кај градоначалникот ). Во 100-те дена во мојот кабинет, без закажување, влегоја повеќе луѓе, отколку за четирите и пол години на мојот претходник. Секој со своја човечка мака. На некого му помогнавме, на некого допрва, на некого можеби не. Маките се преголеми, можностите помали.
-ги намаливме непродуктивните трошења. Во 100-те дена немам земено ниту една дневница, немам потпишано ниту една сметка за репрезентација на товар на општината. И така ќе остане до крајот на мојот мандат.
-креиравме нов општински портал, со нови содржини и апликации ( пријави проблем, прашај го градоначалникот, ваши идеи за Дебрца ), со цел општината да ја направиме потранспарентна и поблиску до граѓаните. Веб порталот во наредниот период ќе го доградиме и надградиме.
-се конституира советот на општината и донесени се програмите за развој на општината и Буџетот на општината за 2018, со кои се предвидуваат повеќе средства за капитални инвестиции, социјални трансфери, за спортските клубови и спортските манифестации, стипендирање на учениците и студентите, за културата, за бесплатна ужинка за учениците, бесплатни екскурзии, за пензионерите, за склучен брак, новореденче, за урбанистички развој и др.
– во делот на капиталните инвестиции ја дозавршуваме постапката за одобренија за градење за постојните проекти, а нарачавме и други проекти со кои аплициравме или допрва ќе аплицираме до националните и меѓународните фондови и донатори на средства. Исплативме и дел од започнатите проекти од претходната власт . Со почетокот на пролетта очекуваме отпочнување и динамизирање на капиталните инвестиции. За кои конкретно, повеќе во мојата следна елаборација.
-поставени се нови раководители на Основното училиште и Јавното комунално претпријатие, од чија активност и соработка очекувам подобрување и на образовната инфраструктура, а особено поквалитетни и оддржливи комунални услуги.
-со раководните структури на ЈП за државни патишта упорно настојуваме да ги решиме сите наследени проблеми во врска со изградбата на Автопатот А2, делницата која поминува низ општина Дебрца .
-интензивно работиме на изнаоѓање на краткорочни решенија за водоснабдувањето во Требеништа, Горенци, Оровник и Подмолје, но и на долгорочно решение, за кои јавноста набргу ќе биде информирана.
-презедовме неколку ситни и итни комунални активности ( чистење на дел од водотек во Белчишта, Велмеј, Арбиново, дел од патниот правец Мешеишта-Волино ).
Можеби нешто испуштив. Можеби можеше повеќе. Се согласувам, секогаш може повеќе.
Сепак, ова беше период на себенаоѓање, скенирање на состојбата, трасирање на патот и отворање на можностите за исполнување на добар дел од дадените ветувања. Се надевам дека сме на вистинскиот пат.
Мислењето на Вас, граѓаните ми е многу битно и затоа го очекувам, особено барам корекција ако сме забегале од вистинскиот пат. Граѓаните секогаш се најдобриот коректив.
Крајно, сакам сите граѓани на Дебрца да ги уверам дека и во наредниот период чесно и одговорно ќе ја практицирам функцијата и дека по никоја цена нема да отстапам од две основни заложби.
Првата е – да бидам Градоначалник, еднаков за сите граѓани.
Втората е – додека сум Градоначалник нема да дозволам во Дебрца да се изгради регионална депонија.

Градоначалникот Ногачески во официјална  посета на општина Грамш-Албанија

Градоначалникот Ногачески во официјална посета на општина Грамш-Албанија

Денес во градот Gramsh, регион Елбасан, Албанија, а кој брои околу 9000 жители и е центар на општината Gramsh, со околу 36.000 жители градоначалникот Зоран Ногачески  оствари средба со Градоначалникот Klodian Tace.

Средбата беше по повод започнувањето со реализација на проектот „Нови можности за безбедни зимски авантури“,кој во рамките на Програмата на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија ќе се финансира со европски пари.

Носител на проектот е Црвениот Крст на Македонија, Општинска организација Охрид, а партнери се општина Дебрца и Алпинистичкиот клуб “Патагонија”,Охрид од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна.

Проектните активности носат бенефит за сите партнери, а во Дебрца во рамките на проектот ќе се изврши реконструкција на старата училишна зграда во село Брежани и нејзина адаптација во Планинарски Дом, опремен со 25 легла, за што се планирани 85.000 евра, поставување на пропусти за зафаќање на атмосферските води на патот село Брежани-Илинска Планина, набавка на возило, со потребната опрема за спасување во планина, обуки и други активности.

На средбата со мојот домаќин посебно го искажав моето задоволство што ќе можеме да соработуваме како две општини, кои имаат одлични предуслови за развој на планинскиот, зимскиот и авантуристичкиот туризам. – изјави Ногачески по средбат Изразив надеж дека денешната средба е почеток на успешна соработка меѓу двете општини, не само на имплементацијата на конкретниот проект, туку и на други идни проекти од заеднички интерес.- изјави Ногачески по средбата

EU IPA MK-AL: Општина Дебрца се опреми со ново специјално теренско возило за спасување во зимски услови

EU IPA MK-AL: Општина Дебрца се опреми со ново специјално теренско возило за спасување во зимски услови

Денес пристигна новото возило Duster, кое за потребите на општина Дебрца ќе се користи и како специјално теренско возило за спасување во зимски услови . Возилото е обезбедено во рамките на проектот „Нови Можности за Безбеден Зимски Авантуристички Туризам“, поддржан од Европската Унија, преку ИПА Програмата за прекугранична соработка, Македонија – Албанија, кој општина Дебрца го спроведува со партнерите – ОО Црвен Крст Охрид, Алпинистичкото друштво “Патагонија” Охрид, од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна. Набавката на возилото е финансирана со средства од ЕУ ИПА Програмата за прекугранична соработка ( 85 % ) и Министерството за локална самоуправа ( 15 % ).

Означен почетокот на проектот „Нови Можности за Безбеден Зимски Авантуристички Туризам“,

Означен почетокот на проектот „Нови Можности за Безбеден Зимски Авантуристички Туризам“,

Денес на граничниот премин кај Свети Наум се одржа свечен настан, на кој и официјално беше означен почетокот на проектот „Нови Можности за Безбеден Зимски Авантуристички Туризам“, поддржан од Европската Унија, преку ИПА Програмата за прекугранична соработка, Македонија – Албанија. Проектот ќе се имплементира во наредните три години, а партнери се: ОО Црвен Крст Охрид, Алпинистичкото друштво “Патагонија” Охрид и општина Дебрца, од македонска страна и општина Грамш, од албанска страна.

Градоначалникот Ногачески поздравувајќи ги присутните изрази благодарност што и општина Дебрца е партнер во овој проект,при што посебно потенцираше  дека :

Општина Дебрца, со своето природно и културно наследство, кое е и светско природно и културно наследство, заштитено од УНЕСКО, Дебрца со своите планински масиви, како Славеј Планина, Караорман, Стогово, Мазатар и Илинска Планина е природно предодредена за развој на зимскиот и планинскиот туризам.

И токму затоа, овој Проект е во директна корелација со нашата визија Дебрца да прерасне во високорангирана природна и културна туристичка дестинација.

Проектот за Дебрца овозможува нова понуда во алтернативниот туризам, зголемена безбедност на посетителите, пристапни патеки од сите населени места, во близина на сртот на Илинска Планина и опрема за спасување во зимски услови.

Со овој проект, во општина Дебрца предвидена е реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во с. Брежани во модерен планинарски дом, реконструкција на пропустите на патот од село Брежани до Илинска црква, набавка на опрема и специјално теренско возило за спасување во зимски услови, како и обуки за прва помош во зимски услови, за локалното население.

Ова е втор проект кој општина Дебрца го спроведува во рамките на прекуграничната соработка, во насока на подобрување на алтернативниот туризам во општината. Другиот проект е во рамките на прекуграничната соработка со Грција и истиот го тангира оригинерниот природен ресурс, “Белчишкото Блато.”

И затоа, во оваа прилика изразувам голема благодарност и до Делегацијата на ЕУ во Скопје, за нивната поддршка на овие за нас значајни проекти, како и благодарност до Министерството за локална самоуправа, кое со 15 % контрибуција ги помага проектите.

Овие проекти се значајни и за стекнување на потребните знаења и искуства и на општинската администрација, како во фазата на аплицирањето, исто така и во фазата на имплементацијата на проектите.

Овде би сакал да изразам посебна благодарност и до Г-динот Бертолини, кој организираше неколку сесии за обука на администрацијата, како да се подготви и аплицира еден добар проект.

Се надевам и не се сомневам дека во текот на имплементацијата на Проектот ќе имаме добра соработка со сите партнери, и од македонската и од албанската страна.

Впрочем, со нашиот партнер, ОО Црвен Крст Охрид и Планинската Спасителна Служба имаме потпишано и меморандум за соработка.

А, со нашиот партнер од Албанија, општината Грамш се надевам дека ова ќе биде почеток на една заедничка долготрајна и успешна соработка. – кажа во своето обраќање градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески

Утре во “Св. Наум”ќе биде означен почетокот на проектот „Нови Можности за Безбеден Зимски Авантуристички Туризам“,

Утре (12/02/20 г) на граничниот премин „Свети Наум“ официјално ќе биде означен почетокот на проектот „Нови Можности за Безбеден Зимски Авантуристички Туризам“, поддржан од Европската Унија, преку програмата за прекугранична соработка со Р. Албанија.

На настанот предвидено е свое обраќање ќе имаат Г-дин Сашо Точков, Претседателот на Црвен крст Охрид, Г-дин Горан Милевски, Министер за Локална самоуправа на Р. C. Македонија, Г-дин Никола Бертолини, Раководител на одделот за соработка во ЕУД во Р. C. Македонија, Г-дин Гент Чакај, в.д. Министер за Европа и надворешни прашања на Р.Албанија, Г-дин Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца, Р. С. Македонија, Г-дин Клодиан Таче, градоначалник на општина Грамш, Р. Албанија и Г-дин Гоко Танасоски директорот на Царинската управа на Р.С. Македонија.

Во рамките на настанот ќе биде потпишан на меморандум за соработка помеѓу Планинската Спасителна Служба и НАЦИОНАЛЕН КООРДИНАТИВЕН ЦЕНТАР за Гранично Управување.

Со овој проект, во општина Дебрца како еден од директните партнери во проектот, предвидено е реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во с. Брежани во модерен планинарски дом, реконструкцја пропустите и патот од Брежани до Илинска црква, набавка на опрема и специјално теренско возило за спасување во зимски услови. Исто така предвидени се и обуки за прва помош во зимски услови,

Ова е втор проект кој општина Дебрца го спроведува во рамките на пограничната соработка во насока на подобрување на алтернативниот туризам во општината.